Претставување на досегашното искуство со студентите
Дискусија за следните активности на групата
Белешки
На работилницата присуствуваа 13 наставници од групата која ја сочинуваат 19 членови. На почетокот, психологот д-р Лина Ќостарова Унковска укажа на можноста проектот да се прошири на околностите и на условите во т.н. постковид ситуација, во која се наоѓаме моментално, како и во однос на воената и кризна ситуација која се случува во Украина.
Во врска со дилемата околу снимањето на средбата, психологот д-р Лина Ќостарова Унковска истакна дека е подобро оваа средба да не се снима, со оглед на фактот што во фокусот се студентите и нивните перцепции и искуства, како и поради можноста секој од наставниците послободно да ги изложи своите согледувања. Првото прашање кое се инцираше се однесуваше на перцепцијата на наставниците во однос на нивната слобода за отворено и искрено комуницирање со студентите, како и за потребата од надградување на комуникациските вештини (особено во поглед на одредувањето на границите меѓу професионалното и личното). Во тој контекст, дел од наставниците споделија свои искуства, кои се однесуваа на:
отежнатата комуникација и спонтаност во текот на онлајн наставата, пред сѐ поради одредени технички потешкотии, но и поради недостигот од непосреден контакт;
можноста за поискрено и поотворено споделување на проблемите и на прашањата со кои се соочуваат студентите, токму поради форматот на онлајн наставата, особено во неформалниот дел од часот;
напредокот на студентите во различните аспекти на информатичките вештини;
неможноста студентите да постават граница при споделувањето на личните искуства, што бара наставникот да биде медиумот во креирањето на чувството дека тие се сослушани и дека имаат слобода да се изразат;
потребата да се формира некој вид центар за поддршка (советување), како за студентите така и за професорите, кој би ангажирал и професионалци во соодветните области (психолози, педагози и сл.);
променетата клима на часот, која се должи на зголемената комуникација со студентите и на нивното чувство дека се вреднувани и почитувани;
слободата во изразувањето на потребите и желбите од страна на студентите, тие веќе не чувствуваат задршка кога треба да му се обратат на професорот за одредено прашање или проблем со кој се соочуваат;
важноста на размената на искуствата во рамките на работилниците, како и на можноста успехот да се мери не само со мерливи единици, туку и преку перспективите кои ги отвора за развојот на личноста.
Второто прашање се однесуваше на дилемата како да се поттикнат студентите да поверуваат дека се фактори од кои зависат промените во студентскиот живот и во градењето на нови релации и пријателства. Во тој контекст, психологот д-р Лина Ќостарова Унковска повторно го сподели дијаграмот кој се однесуваше на Јенсеновиот партиципативен модел на промени. Првиот чекор од тој модел (селекција на потребите и барањата на студентите) наставниците го направија во рамките на задачата која беше поставена на втората работилница, па се пристапи кон договарање на начините како ќе се премине на вториот чекор (истражувањето кое треба да се направи од страна на студентите за просторните, законските, регулаторните и др. ограничувања и принципи, од кои зависи остварувањето на определена потреба). Психологот д-р Лина Ќостарова Унковска истакна дека е мошне важно студентите да бидат проактивни во оваа фаза и да почувствуваат дека се фактор на промената, бидејќи ако се променат околностите без нивното активно учество, тоа нема да даде вистински резултат. Тие мора да го разберат факултетот како дом во кој заедно учествуваат и кој заедно го градат, при што им се овозможува еднаква гласност и можност за изразување. Наставниците треба да бидат само поддршка во тој процес, чии носители ќе бидат студентите.
На крајот, беше заклучено дека секој наставник треба да достави листа на потреби од студентите, до кои дошол следејќи ги упатствата кои беа споделени во врска со задачата од претходната работилница, за потоа, по споредбата на листите, да се состави една листа, која ќе ги содржи најдоминантните потреби. Потоа, тие издвоени потреби повторно ќе се претстават пред студентите и од нив тие, според нивното видување, ќе посочат една до две најактуелни, на што ќе го фокусираат своето натамошно истражување. Се предвидува можноста студентите да работат во одделни групи, кои ќе се насочат кон определено прашање или потреба.