Психосоцијална поддршка: Проект на Филолошки
Share
Explore

icon picker
Работилница 2 (5.4.2021)

Датум, време и местo

5.4.2021 (понеделник), од 14:30 на Зум

Снимка од работилницата

Белешки од работилницата

На работилницата учествуваа 12 наставници.
Работилницата започна со осврт на Лина Ќостарова Унковска на главните три насоки во кои проектот може да се развива, а кои произлегоа од дискусиите со групата во рамките на Работилница 1:
1. Унапредување на комуникацијата со студентите (на пр. преку личен контакт, охрабрување, и поттик на нивната мотивација за студирање)
2. Управување со сопствениот (личен) живот и подобрување на неговиот квалитет во услови на пандемија, бидејќи психо-социјалната ситуираност е претпоставка за помош на другиот (на пр. студент, колега, пријател)
3. Унапредување на условите за студирање и развој на сите студенти на Филолошкиот факултет во услови на пандемија, со подобрување на нивната еднаквост и инклузивност во користење на ресурсите за студирање и на психосоцијалната помош (на пр. преку учество на наставниците, преку активна вклученост на студентите, преку учество на Деканската управа)
Во рамките на Работилница 2 се дискутираа овие меѓусебно поврзани нишки, но за да им даде контекст, Лина ни обрна внимание на неколку локални истражувања што би можеле да послужат како теоретска подлога за нашата интервенција. Лина потсети на неопходноста да се истражат следните три пункта за да се дизајнира успешна интервенција:
потребите на целната група (во нашиот случај, наставници и студенти)
нивните механизми за заштита од криза
расположливите ресурси на групата.
Таа исто така потсети дека кога задоволувањето на потребите е оневозможено, треба да се бараат нови механизми на заштита и нова смисла.
Првото истражување за кое Лина зборуваше е студија чиј ко-автор е самата таа. е спроведено во април 2020 и се занимава со начините на кои различни категории испитаници реагираат на пандемијата. Таа особено се задржа на возрасната група од 18-34 години, т.е. групата во која припаѓаат нашите студенти. Според неа, тоа е најранливата категорија граѓани на кои остварувањето приврзаност им е особено важно, а кои наместо да бидат вклучени во изнаоѓањето решенија за пандемијата, континуирано се стигматизирани од страна на општеството (на пр. за нив се зборува како за клучни пренесувачи на вирусот). Така, наместо да имаат прилики да учат од и за кризата, младите реагираат на тој начин што или се затвораат во себе (состојба што обично е проследена со чувства на немоќ, инфериорност, страв, анксиозност, депресија и дистанцирање од реалноста - последниов се смета за најпримитивен механизам на одбрана) или се врзуваат за научени однесувања (на пр. продолжување со редовните дружења). И двеве екстремни реакции на кризата не оставаат простор за креативно учење заради адаптирање на новата ситуација, што е штета, бидејќи младите ги имаат креативните ресурси, но не (се поттикнати да) ги користат проактивно, на пр. преку нивна вклученост во општествените текови.
Потоа Лина се осврна на Настава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во услови на пандемија спроведено во јули-август 2020 од страна на Елена Ончевска Агер и Руска Ивановска-Наскова. Читајќи ги наодите, Лина стекнала чувство дека потребите на студентите и на наставниците не се така различни. Обете популации зборуваат за пад на мотивацијата за работа, тага и анксиозност како последица од пандемијата, а наведуваат и слични потреби, на пр. неопходност од грижа за себе, грижа кон нив од заедницата во која припаѓаат (вклучително и академската), грижа кон нив од страна на системот. Во кратки црти, двете популации зборуваат за потребите од самопочитување и почит од другиот/другите. Според Лина, ова се нормални реакции на луѓе во контекст на продолжена криза. Лина понуди неколку можности/избори/акции за справување со такви кризни состојби:
освестување на сопствените потреби
создавање „безбедно место“
грижа за себе, прифаќање на сопствените емоции
менување на приоритетите
барање помош
свртување кон другиот/другиот и нудење помош
редефинирање на смислата за живот.
Дискусијата продолжи со коментари од учесниците проследени со осврти на Лина:
Кризата во која се наоѓаме, бара менаџирање на дневна основа на личните (често интер-генерациски) ситуации дома за да можеме да излеземе во јавност пред студентите и колегите. На пример, малолетните деца се под посебен емоционален притисок заради недостигот од друштво. > Лина: Кризата нуди можности за креативно преобмислување на автентичноста во смисла на подобрување на сопствениот живот преку адаптација. Имаме простор и за преобмислување на приврзаноста - да зборуваме со оние за кои имаме обрска за грижа (на пр. деца, студенти) отворено, без потиснување на „непопуларни“ чувства, без лажен оптимизам. Исто така, треба да се размисли за нови обрасци на комуникација - на пр. неколку семејства можат да формираат свој безбеден комуникациски меур за да обезбедат прилики за меѓусебна дружба на генерациите.
Многу се променија нештата од почетокот на пандемијата досега. На почетокот навистина на кризата гледавме како повод и причина за промена на подобро, но кризата трае. Смачено ни е од гледање во екран. Сепак, сите како да се преправаме дека ни е добро. Студентите велат дека им се допаѓа онлајн-наставата (на некои студенти часовите им се прилика за бегство од реалноста), ништо не им фали. Дали е тоа нормално? > Лина: Студентите се малку поразлична генерација од наставниците. Нив престој пред екран не им е толку туѓ. Освен тоа, им одговара тоа што можат да се вклучат во наставата кога ќе посакаат (ова не е опција при физичкото следење настава, каде или си вклучен или не си). Но, дали ова може да се генерализира на сите млади? Колку се навистина задоволни од квалитетот на наставата? Колку се вклучени во наставата? Мораме да бидеме креативни во тоа како ги задоволуваме потребите во ново време на криза, кога старите обрасци веќе не важат.
Од друга страна, од есеите на студентите на тема дискусија на личните пандемиски искуства, се гледа дека тешко ја поднесуваат кризата, иако можеби на прв поглед не изгледа така. Се поставува прашањето: дали и колку често да отвораме дискусија на тема пандемијата? Дали и колку тоа им е корисно на студентите? Можеби не ни е нам место да прашуваме - можеби тие преферираат таквите искуства да ги споделуваат со ним блиски луѓе.
На почетокот на кризата беше полесно, пооптимистички ѝ пристапувавме. Сега, поприоритетно ни е да останеме психички/емотивно здрави отколку да одржиме успешен час. Исто така, што кога ова ќе заврши? Постојат луѓе кои се плашат од човечки контакт заради ризичноста. Јасно е дека новата нормалност нема да биде иста со онаа на која бевме навикнати. Како ова ќе се одрази на нашата работа? > Лина: Не може човек бесконечно да се адаптира без да биде вклучен во решавањето на проблемот. Оттука, јасна е причината за ваквата загриженост. Но, од од друга страна, сега сме многу поподготвени отколку пред една година. Имаме ресурси (на пр. знаења во врска со кризата) со кои можеме покреативно да им приоѓаме на новите предизвици. Имаме шанса да направиме социјален/духовен капитал од кризава.
Реакциите на криза некогаш имаат форма на заземање контрадикторни ставови. На пример, еднаш одобрувам карантин како здравствена неопходност, еднаш не го одобрувам поради загрозување на личните слободи. Сакам да им помогнам на студентите така што ќе ги прашам како се (некогаш без да ми одговорат!), но се плашам да не ја преминам линијата: до каде имам право да ги распрашувам и зошто воопшто би зборувале со мене? Освен тоа, постојат очекувања од другите за наша многу поголема расположливост од порано: дома сме, зошто да не вметнеме уште еден состанок во денот? Порано кога ќе речев дека не можам да стигнам заради гужва во сообраќај, секој ќе разбереше. „Гужва во глава“ (на пр. од предолг престој пред екран, еден состанок по друг) е невидлива категорија, потешко се наоѓа на разбирање од страна на средината. > Лина: Големите осцилации во расположение се сосема очекуван резултат од состојба на продолжена криза. Но, сега е време да се биде искрен со средината колку од нашиот простор можеме да ѝ отстапиме. Имаме моќ ова да го спроведеме во практика. И, мора да се врзуваме за луѓе/активности што ни се корисни. На тој начин би биле проактивни, а не во постојана состојба „на штрек“.
Генерални препораки од Лина:
Во нашата работа со студентите, да внимаваме да не судиме. Не знаеме кои им се околностите и причините за вакво или онакво однесување на другите. Исто така, кое однесување е доблесно? И тие категории (вредности, правила, улоги) сега се подлежни на редефинирање. Ако вистински сакаме да помогнеме, ќе им посочиме на студентите конкретни мрежи на можности што им се на располагање (на пр. да ги упатиме кон корисни четива за само-грижа, конкретни лица што можат да им помогнат итн.).
Каде и како понатаму?
Генерално постои согласност на проектов да гледаме како на корисна платформа (безбеден простор?) за експериментирање со техники и идеи за подобро справување со кризата во реалниот живот. За групниот простор навистина да биде безбеден, Лина апелира да не се влегува во меѓусебни споредби, туку сите анализи што ќе ги правиме да бидат насочени навнатре. Ако се споредуваме со некого, тоа да биде со себе пред Х време.
Во завршните рефлексии за Работилница 2, учесниците наведоа дека ваквиот тип искрени дискусии е освежување во контекст на постојаните часови и состаноци, но на долги патеки продолжениот престој пред екран води до хроничен замор. Завршниот коментар на Лина се однесуваше на шансата што овој проект ја пружа - отворено да се зборува за предизвиците од пандемијата. Таквата шанса, според неа, е важен резервоар на енергија.

Порака и задачи од Лина

Почитувани колеги,
Последната средба ја доживеав многу поотворена и повклучена со повеќето од вас, и со посуштински разговори околу „моите чувства и потреби “, и „бариерите што ви стојат на патот“, и разни прашања „како понатаму“ во услови на пандемија.
Како мое дополнување на тоа искуство, повелете две препораки во насока на вашата комуникација (на овие теми) со студентите, како и една задача за размислување.
Препораки:
1. Предлагам, како дополнување на тоа што веќе го правите, да воведете правило од 10-15 минутен разговор, активности и сл. (можеме заедно да изготвиме и протокол што сѐ може да влезе тука) на почетокот на секој час со студентите. За почеток, предлагам да ги информирате студентите за психо-социјалната програма низ која минувате (од досегашното искуство секој за себе може да формулира цели и очекувања и сл.) како и да им ја соопштите идејата програмата да се прошири и на студентите, да поразговарате што мислат тие за тоа, и да размислат како би можеле да се вклучат поактивно во давање предлози и идеи, како да им се пристапи и помогне кога им е потребна помош и поддршка (и како тие да ја соопштат).
2. Предлагам да размислите како да ги активирате студентите на поголемо учество во сопствените студии. На пример, мој предлог: да им го отстапите времето од часот што се поклопува со нашиот термин за работилница за тие да го осмислат и одржат сами, додека сте вие на сесија, а потоа да ги размените искуствата, едни со други, на еден од следните часови? Така тие би добиле простор за учество и поголема автономија, а вие време (кое не е дополнителен ангажман) за вашите психо-социјални потреби.
За овие работи секако дека дополнително ќе продискустираме.
Задача за размислување: Два примера од животот во услови на пандемија
Прочитајте ги двата примери и одлучете кој од нив ви е поблизок за идентификација со главниот лик. Бобан и Владимир можат да изберат еден од машките ликови во примерите. Обидете се да влезете во „нејзините /неговите чевли“ и да размислите каде и во што би го побарале излезот од кризата во која западнал ликот, да сте на нејзино/негово место. Притоа употребете ги претпоставките на справување за кои разговаравме во услови на продолжени кризи: Приврзаност, Автентичност, Учество, Креативност, Оригиналност, Флексибилност, Безбедност... И за двата примера е доволно да размислите, за да ги продискутираме заедно на наредната средба. Потоа во 2-3 дискусиони групи ќе видиме што би можело да им биде од помош на овие два/три полу-измислени лика.
Пример 1: Младата мајка
Млада, амбициозна жена, мајка на шестмесечно бебе, пред крај со докторските студии, очекува унапредување. Целото семејство ја охрабрува да го прифати мајчинството, без грижи дека ќе треба да жртвува нешто од своите планови. На нивен предлог се сели (привремено) кај родителите со сопругот. Сопругот ѝ дава целосна поддршка, зема породилно отсуство, мајка ѝ се пензионира и ветува дека ќе помогне околу детето, татко ѝ се нуди да помогне во сѐ што треба. Семејството е финансиски обезбедено. Тоа се плановите и условите пред пандемијата.
Пандемијата со КОВИД, која трае и се засилува, наметнува нови услови, со промени во животот на младата жена и мајка, на кои таа не може да се прилагоди ... Таа е пред нервен слом и бара помош.
Што се менува во животот на оваа жена во услови на пандемија? Завршува породилното што го зема сопругот, но и неговото место е доведено под прашање, заради кризата. Мајката која се пензионира, се враќа на работа со образложение дека не можат да ѝ најдат замена. Таткото, исто заради работа, оди надвор од земјата, затоа што е тоа ретка прилика. Сопругот смислува да отвори свој бизнис и целиот се предава на тоа, со голема поддршка на нејзиното семејство, кое е спремно и финансиски да го помогне. Таа не е против бизнисот, но е против финансиски вложувања во нови ризични идеи, во моментот кога сѐ е толку неизвесно. Новиот бизнис би значел и негово отсуство од дома 4-5 дена во месецот.
Младата мајка се чувствува изневерена, напуштена, неразбрана, нејзините планови за докторатот и напредувањето се ставени на последно место. Чувствува дека е пред свршен чин, како да нема избор. Губи концентрација, не може да се фокусира, истоштена е, и не се препознава. Преплашена е, со мисли дека не вреди да се живее. Размислува да го земе детето и да се одсели и разведе, но нема сили тоа да го направи.
Пример 2: Раководителката
Жена во доцните педесетти години, на раководно место во приватна фирма. Се жали на панични напади поврзани со работата: страв да не погреши, да не задоцни, да не ја изневери довербата на шефот, и на колективот. Овие стравови се јавуваат откако фирмата почнува да работи со намален капацитет поради КОВИД кризата и мора да прави рестрикции, да скратува дел од редовните трошоци, вклучително и отпуштања, со засилена работа на оние што остануваат. Во меѓувреме, состојбата на фирмата се подобрува со нови договори, но бројот на вработени останува ист (редуциран), што претставува дополнителен товар за останатите, заедно со неа, кои треба да покријат сѐ.
Жената е докажан професионалец, со долгогодишно искуство во струката, и секогаш имала одговорни позиции. За себе вели дека секогаш била точна, организирана, исполнителна во работата. И дека си ја сакала работата. Од нејзината историја дознаваме дека била најмалото, омилено дете во семејството. Секогаш исполнителна, мила, одговорна, одлична ученичка и студентка, „живеев како принцеза“, вели. Сакам да можам да се вратам во тоа време.
За време на студиите го запознава сопругот, син единец, кој секогаш ја почитувал и ценел, а неговото семејство ја прифатило како своја ќерка. Се вселиле во куќата на момчето, каде веќе сѐ било средено, ништо не недостасувало. Не морале да се грижат за ништо. Целото домаќинство, и сѐ околу домот и понатаму го водела свекрвата, која сѐуште е жива и активна. „Никогаш не можев да се скарам, ниту да повишам тон, иако тоа не беше мој начин, затоа што секогаш имаше уште еден човек.“ Имаат едно дете кое не живее со нив, со кое во моментот комуницира само на Вибер, и за кое вели дека ѝ е единствената потпора во животот.
Рефлексии на досегашната работа на групата:
Во меѓувреме, со оглед на тоа што групата во Тимс не заживеа, колегите можат да ги додадат своите рефлексии на досега продискутираното и/или прашања/коментари/сугестии до Лина и до групата .
Доколку сакате лично да ѝ се обратите на Лина, нејзиниот имејл е:

Share
 
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.