На оваа работилница присуствуваа 14 професори, кои на почетокот дискутираа околу енергијата која ја споделуваа во моментот на средбата. Во врска со тоа се истакна потребата од живеење во моментот (сега и овде), за што можат да помогнат различните техники за медитација и релаксација, визуелизација и сл., како и самиот виртуелен простор за разговор, кој се доживува како безбедно место. Беше истакната важноста од грижата за себе, бидејќи од неа зависи нашата автентичност и грижата за другите, како и можноста таа креативно да се развие во ситуациите кои предизвикуваат губење на чувството за контрола, како што е ситуацијата со пандемијата. Посебен важен аспект, покрај обврските, е правилното распределување на слободното време, кое не смее да се прави под влијание на лутина или фрустрација, туку со грижа и внимание кон себеси, за да доведе до свесност за нашите вистински желби и потреби. Клучно е да чувствуваме дека имаме право на избор, а не дека сме приморани да носиме одредени одлуки под влијание на обврските кои се наметнуваат. Во таа смисла, нашето општество, кое не поттикнува учење на слабости, грешки или слободно изразување на емоциите, дополнително нѐ отуѓува од себеси и тоа треба соодветно да се реши кај секој член на таа заедница.
Во однос на подобрувањето на комуникацијата со студентите, како суштински елемент за унапредување на образованието во услови на пандемија беше истакнато развивањето на чувството за автентичност, приврзаност и безбедност. Како конкретни задачи во тој контекст беа поставени: информирање на студентите за програмата низ која минуваат нивните наставници, како и отстапување на дел од часот (или целосно нивно самостојно ангажирање на часот) во функција на спроведување на подобра комуникација и нивно поголемо учество. Исто така, имаше идеја да им предложиме на студентите да размислуваат за форми на вмрежување слични на овој наш проект.
Како резултат на распоредот по групи, кој беше направен на минатата работилница, членовите на групите презентираа одредени методи и резултати до кои довело нивното експериментирање на часовите:
- слободно применување на медитацијата или некоја техника на опуштање на почетокот на часот;
- можност за работење во групи и поттикување на студентите да размислуваат за сопствената иднина во перспектива;
- справување со проблемот на занемарувањето или одложувањето на работните задачи преку откривање (исцртување) на причините и последиците;
- препуштање на часот на студентите кои и покрај неможноста целосно да ја контролираат работата на часот активно дискутираат;
- користење на видеа од типот на Science of Wellbeing како поддршка за студентите, како и нивна дискусија околу новите нешта кои ги научиле во текот на изминатата недела;
- охрабрување на студентите да дискутираат на часот без осуда и нивно активно вклучување кога се работи или „отелотворува“ некое дело на самиот час (преку преземање на одделни улоги или функции на ликовите);
- дискусии на дел од часот за одредени непријатни или болни теми (самоубиство, пандемија), како и нивно активно вклучување преку проектни задачи.
Задачи за Работилница 5
Како заклучок од средбата, беше истакната потребата од продолжено експериментирање на часовите (или на дел од нив) со пробување различни пристапи, што подоцнежно ќе доведе до формулирање на можни модели на настава што подразбира вклученост на студентите, а кои ќе бидат корисни како за наставниците, така и за студентите. Таквите часови би содржале дел посветен на личноста на студентот, негово активно учество во текот на часот (со вклучување на наставникот во делот на вовед и/или изведување поента на крајот на часот), покрај нужните елементи на наставната единица за која станува збор на тој час. Овојпат ќе работиме во нови мали групи (видете ја поделбата во групи во продолжение).
Дополнително, учесниците да размислат и да дадат конкретни предлози за прашања кои би ги користеле во понатамошно анкетирање на студентите во врска со нивните впечатоци од формите на вклученост што нивните наставници ги користат. За оваа цел, слободно додавајте идеи