На работилницата присуствуваа 10 наставници од групата која ја сочинуваат 19 членови. На почетокот, психологот д-р Лина Ќостарова Унковска ги поттикна присутните да ги споделат своите чувства во однос на вклучувањето на работилницата, истакнувајќи дека присуството на работилниците е од исклучително значење за успешната размена на идеите бидејќи е клучна атмосферата која се гради при средбите.
Во текот на излагањето, таа се наврати кон развојот на личноста, во кој е суштествен преминот од приврзаноста/прикаченоста кон автентичноста/автономијата. Приврзаноста е доминантна во животот на човекот од раѓањето па до 8 месец, кога детето и биолошки не може да преживее без грижата од родителот и се наоѓа во фаза на омнипотенција (се доживува како да е дел од телото на родителот). Подоцна, како резултат на сознанието за сопствената одделеност и ограниченост, кај него се јавува стравот од напуштање, кој може да биде доминантен и во текот на животот. Токму затоа, потребно е да се случи ослободување од приврзаноста/прикаченоста преку безусловната љубов и грижа и градење на автономијата/автентичноста, која значи едно ново себеоткривање и поврзување со себе, особено во кризни времиња. Во тој контекст, беше прикажано видеото од Тензин Палмо, која на 30 години заминала во будистички манастир и за првпат се соочила со мизогините ставови на тамошните свештеници, па поради тоа на 36 години отишла на Хималаите и останала таму 12 години, живеејќи 3 години во пештера и во целосна изолација. Видеото се однесуваше на проблемот на вистинската љубов, кој се надоврза на прашањето за приврзаноста како нејзина спротивност. Вистинската љубов значи слобода и дозволување човекот да биде она што е, што подразбира да е исполнет внатрешно и во состојба да го сподели тоа со другиот човек, а не да ја доживува љубовта како поседување на партнерот/ближниот во форма на некаков објект. Истовремено, таа љубов подразбира сочувство кон себеси и кон другиот човек, кој не се сведува на проекција на сопствените замисли за љубовта.
Подоцна, психологот Лина Ќостарова Унковска се осврна кон прашањата кои се отворија на претходната работилница, а се однесуваа на начинот како да се вклучат студентите во работилниците, како да се унапреди онлајн наставата, како да се мотивираат студентите за развивање на студентскиот живот, како да се интегрираат и да се поттикнат активно да учествуваат на институционално ниво и сл. Сите тие прашања беа одговорени во функција на охрабрувањето на студентите да го кажат своето мислење и да бидат отворени, преку засилување на нивното чувство за учество во одлучувањето и во промените кои се случуваат. Како теориска рамка беше предложен партиципативниот модел на комуникација со студентите на Б. Б. Јенсен, кој подразбира пет фази: селекција, истражување, визија, акција и промена. Првата фаза, која е истовремено и најспецифичната, подразбира да се дојде до потребите и барањата на студентите преку нивно охрабрување, со цел тие да го кажат своето мислење. Во таа функција, беше даден предлог да се изработи прашалник кој тие би го пополниле во слободното време и/или тие да се вклучат во осмислувањето на прашањата, но тоа не беше прифатено бидејќи во процесот е клучно раководењето и комуникацијата. По дискусијата се договори следнава задача која треба да ја спроведат сите учесници во проектот со своите студенти до следната заедничка средба, која е планирана за почетокот на март 2022 година.
Задача за следната работилница
Секој наставник на првиот или најдоцна на вториот час од новиот семестар (во февруари), во рамките на неформалниот дел од часот, да ги ангажира студентите во дискусија за условите на студирање на нашиот факултет, за студентските потреби (задоволени и незадоволени) и предизвици, како и за областите за подобрување на условите на студирање. Условите на студирање може да се однесуваат на наставата, административните барања и сл., меѓутоа наставниците не треба да им сугерираат никакви идеи на студентите туку да ги остават сами да размислуваат и да излезат со свои идеи. Студентите треба да се поделат во групи и секоја група да разговара и да направи листа на области за подобрување на условите на студирање. Потоа, секоја група ќе ја претстави својата листа и сите студенти заедно ќе ги рангираат (со гласање) сите предложени области според важност. На крај, ќе се дојде до листа на приоритети за целата група.
На следната работилница, секој од наставниците ќе ја претстави листата на приоритети што ја изработиле студентите. Во понатамошниот процес ќе се утврдат заедничките приоритети, бариерите и соодветните механизми за нивното решавање.