Психосоцијална поддршка: Проект на Филолошки
Share
Explore
Работилница 4 (28.4.2021)

icon picker
Група 2: Белешки

Драги колеги,
На преписките во врска со сработените задачи за Работилицата 5 и претходеше средба на Зум на членовите на Тимот 2, на која се договоривме во периодот што следува да тестираме различни модели на што поактивна вклученост на студентите во наставниот процес. Исто така, се договоривме да размислиме за прашања што би можеле да бидат дел од анкетата со која би требало некако да го измериме ефектот од сите тие активности. Договорот беше кон крајот на работата недела да споделиме преписки во врска со постигнатото.
Преписките ви ги доставуваме во целост:
Искра Тасевска Хаџи-Бошкова
Еве да споделам со вас неколку размислувања од денешниот експеримент :) Со исклучок на фактот дека беа присутни помалку студенти од вообичаеното поради испит кој бил закажан за денес, идејата беше да се поттикнат студентите да споделат искуства во однос на материјалот кој го проучуваат и негово согледување во поширок (животен) контекст.
Не беа формално поделени во групи, но дијалогизираа така што еден колега поставуваше теза која следниот требаше да ја разработи (во врска со делото или со некој аспект од неговото лично животно искуство или од досега наученото, ако го немаше прочитано делото). За жал, и покрај привидниот изглед на поголема динамика на часот, студентите очигледно не ја согледаа корисноста на ваквиот тип работа и на вториот термин веќе беа помалубројни.
Разменувајќи искуства со колегите кои се вклучија на вториот термин, дојдовме до заклучок дека повеќето од нив се научени на фронтален тип на настава и не сакаат да се вложуваат кога станува збор за поинаков пристап. Дури може да се рече дека не се ни отворени за таквиот начин на работа, бидејќи сето тоа им се чини како преголемо ангажирање на часот.
Што се однесува на прашањето за анкетата до студентите, мислам дека би било корисно следново: Дали сметате дека променетиот пристап позитивно влијае на наставниот процес и на совладувањето на материјалот?
Катарина Ѓурчевска Атанасовска
1) На 5.3.2021 имав час со студентите од 3 година. Предметот е Теорија на ПиТ. Студентите добија текст наменет за превод, но пред да го преведат беа поделени во групи во кои требаше заеднички да го анализираат (вид, цел, функционален стил, јазични особености, можни проблеми за преведувачот и слично) и врз основа на досега усвоените теоретски постулати што сме ги поминале да направат куса презентација за тоа. Времето за работа во групи беше 20-тина минути. Потоа, ги споделија сознанијата до кои дојдоа самостојно и задачата беше мошне успешно сработена. Добија и дополнителна задача за дома: секој да го преведе текстот и да го достави до колега/колешка од групата за оценка и за коментари за преводот. На тој начин имаа можност да учествуваат и во процесот на оценување. Во разговор со нив, дојдов до заклучок дека начинот на работа им се допаѓа, лесно го прифаќаат и сметаат дека е генерално поинтересен од фронталниот тип на настава. Како поголем предизвик го гледаат оценувањето на преводот од колега/колешка и тоа го посочија како потежок дел од задачата, но од кој сепак може многу да се научи. Атмосферата на крајот на часот беше позитивна и се забележуваше задоволство кај студентите. Коментарите беа во насока на тоа дека истиот принцип на работа би можеле да го повториме и на некој друг час, што секако ни е во план барем уште еднаш до крајот на наставата.
2) На 6.5.2021 имав час со студентите од 2 година. Предметот е Двонасочно толкување. Претходно се договоривме секој да направи куса симулација на говорна ситуации во различни контексти (полициска, станица, болница, училиште и слично) и мини поимник. Потоа на час се симулираа овие ситуации, а ад хок беше назачен толкувач. Останатите студенти требаше да ја следат неговата работа и потоа да ја оценат изведбата во соглсност со професионалните стандарди за толкување што претходно сме ги усвоиле на часовите. Поентата беше да се посочат позитивните моменти за да се подигне нивната самодоверба, но и да се укаже на грешките со едукативна цел. Студентите генерално добро ја прифатија задачата, сите ги исполнија обврските за симулациите и активно улествуваа во часовите. Она што забележав дека е потешко за нив беше моментот на оценување на колегите. Имав впечаток дека немаше многу ентузијазам за оваа активност, а и самите студенти објаснија дека чувствуваат дека тоа е тешко за нив, немаат доволно знаење тоа да го направат, а исто така им е непријатно кога треба да искритукуваат колешка/колега.
Во однос на прашањата за анкетата, тие би молжеле да бидат:
1) Дали сметате дека поактивното вклучување на студентите во наставата е корисно во услови кога таа се одовива на далечина?
2) Дали поактивното вклучување на студентите во наставата ве поттикна да го смените мислењето за некој аспект од наставникот процес? Ако да, кој поточно и како?
Лидија Танушевска
1. Речиси редовно имам „отворање“ на часот: наместо да ги прашувам - како сте, што има ново? - на што се добиваат штури одговори, го почнувам часот со некоја моја лична или измислена импресија за нешто што ми се случило, што предизвикува жива дискусија, бидејќи е од секојдневниот живот, а подоцна го поврзувам со темата на часот. На пример, час по полска литература, на кој треба да обработиме дело во кое се појавува јунак кој е внатрешно растргнат. „Отворањето“ на часот изгледа вака некако: сабајлево ме разбуди невообичаена галама и глетка. Соседот станал, зел лопата и ги искрши сите прозори на својот дом (случајно ми се погоди навистина ваква ситуација) - притоа им објаснувам околности и услови во кои живее тој сосед (нешто начуено, нешто измислено) и се води дискусија кои биле причините, мотивите и сл. за ваквата негова реакција (претпоставки на студентите). Подоцна тоа го надоврзуваме со ликот во делото.
Или: час по теорија на преведување - тема: очудување - како кој влегува на часот го прашувам колку е часот (некои доцнат, па се правдаат) и од каде знаат, каде погледнуваат за да видат колку е часот, па се води дискусија за рачните часовници и смартфоните (дека некои носат часовници, а кога ќе ги прашаш колку е часот го погледнуваат мобилниот), што го поврзувам потоа со автоматизам, и потоа со очудување како нарушување на автоматизмот (преместување на часовникот од вообичаената рака на другата, за да се натера мозокот да работи). И речиси секој час го правам ова, па затоа кога ги прашував за енергијата на влез на часот, некој ми рече: пак ли е некоја игра?
2. „Затворање“ на часот: особено добро за „фронталниот“ начин на изведување настава, кој го споменавте во некои од вашите искуства и од кој не можеме секогаш да побегнеме - ова го научив на една обука на проект што го работиме со неколку странски универзитети: на крајот од часот се поставува нешто како „my precious“ од „Господарот на прстените“, односно кој дел од часот им бил најинтересен со еден збор, што ви дава претстава што може да се подобри во начинот на предавање. Мерењето на енергијата тука исто така ви дава сигнал дали часот бил успешен или не.
3. Што се однесува до прашањата за прашалникот: Како мислите дека може да се почувствувате повклучени во наставата? Што треба да направи/примени наставникот, според вас, за да се чувствувате подобро на час?
Напомена: прашањата од сите членови на Група 2 се ставени во заедничкиот документ за пршањата.
Срдечно,
Група 2
Share
 
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.