Gallery
Психосоцијална поддршка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Проектни искуства
Share
Explore
Преку настава до поврзување и вклученост

icon picker
Студентите за вклученоста

Во овој дел ги прикажуваме видувањата на студентите во врска со наставните практики што се применуваа во рамки на проектот, формални и неформални.

Прашалник

Прашањата што им ги поставивме на студентите се достапни .

Општи согледувања

Фронтална и/или интерактивна настава?

Што се однесува до споредбата помеѓу фронталната и поактивната настава, мислењата на студентите се во полза на интерактивната настава, бидејќи најголем дел сметаат или дека и двата вида настава се поеднакво ефикасни (41.4%) или пак дека интерактивната настава е подобра опција (52.3%).
Аргументите што ги даваат во полза на ова мислење се дека генерално на тој начин се избегнува монотонијата на фронталната настава, која особено доаѓа до израз во онлајн-училница, полесно се совладува материјалот бидејќи се комбинираат ентузијазмот на студентите и знаењето и искуството на наставникот, учењето е поинтересно, помага сите подобро да се запознаат меѓусебно (нешто што е особено тешко во услови на пандемија), и да учат едни од други, но исто така нагласуваат и дека во некои случаи и природата на предметот е клучна за тоа дали наставата треба да се одвива фроналтно или интерактивно, што го поткрепува ставот дека и двата формати на организирање на наставата имаат вредност и можат стратешки да се употребуваат во согласност со потребите на групата.

Вклученост во наставата?

На најголемиот дел од студентите (93%) им се допаѓаат обидите на наставниците поактивно да ги вкучуваат во наставата од вообичаено, иако има и такви на кои овие напори не им се допаѓаат, но тие се малкумина.
Во однос на тоа која форма на настава ја претпочитаат, најголемиот дел од студентите (57.8%) преферираат повремено да бидат активно вклучени во наставата, а значителен дел (30.5%) би сакале тоа редовно да се случува во текот на часовите.

Предности на вклученоста

Генерално, студентите сметаат дека ваквиот начин на организација на наставата го подобрува фокусот, концентрација, мотивацијата, создава чувуство на удобност и колегијалност, ја подобрува самодовербата и остава впечаток дека наставникот е креативен и посветен на тоа студентите да научат што е можно повеќе. Поактивното вклучување во наставата студентите го сметаат за обид онлајн-часовите да бидат слични со оние што се одржуваат со физичко присуство.
Студентите препознаваат дека со поголемата вклученост се продлабочува нивната меѓусебна соработка и се гради чувство на заедништво. Ова може да придонесе за подобро совладување на наставниот материјал: преку стимулирање поголема ангажираност и поврзаност, подолго/потрајно се помни кажаното на самиот час. Се истакнува како придобивка и изложеноста на различни мислења и поттикнувањето критичко мислење.
Со оглед на тоа што целокупниот дизајн на ваквиот час е приспособен за учење на далечина, дел од испитаниците го нагласуваат моментот дека на овој начин можат да се опуштат и да победат дел од тремата, која се јавува при јавните настапи, макар тие биле и пред своите колеги (кои, во овие услови, воопшто можеби и ги немаат запознаено in vivo). За дел од испитаниците, онлајн-часовите со интерактивна компонента се подобри од тие во живо, бидејќи на овој начин анксиозноста кога треба да учествуваат им е помала (веројатно ова е врзано со познатиот простор и опкружување во кое се наоѓаат додека се одвива наставата).
Овие сознанија ги илустрираме со неколку цитати од студенти:
„Учиме по сопствени согледувања на нештата.“
„Онлајн многу лесно се губи вниманието и мотивацијата. Ако не сум поттикната да се вклучам, (некогаш) ми се случува воопшто да не внимавам на предавањето. Навидум изгледа како да си го трошиш времето, бидејќи од тој потрошен саати пол немаш никаква полза.“
„Со активната вклученост професорот н[ѐ] мотивира да го слушаме предавањето со внимание, а не само да бидеме присутни за да добиеме поени.“
„Постојано следење на наставата, подобрување на комуникациските вештини.“
„Пред сè соработката со колегите затоа што на тој начин учиме повеќе.“
„Победа на тремата на студентот, зголемување самодоверба, истакнување на студентот во групата.“
„Бидејќи не сме во живо, активирањето за студенти со анксиозност претставува помал проблем преку екран.“
„Помалку анксиозност отколку со физичко присуство.“

Резерви во однос на вклученоста

Од друга страна, оние студенти што не претпочитаат да бидат активно вклучени во наставата, сметаат дека тоа им создава повеќе стрес, притисок и неудобност, заради тоа што вниманието на групата е насочено само на еден студент во даден момент. Овие студенти наведуваат анксиозност и страв при одговарањето, поради притисокот одговорот да не е „точен“ и стравот дека ќе бидат „исмеани од другите студенти, кога некој ќе згреши“. Дел од испитаниците се фокусираат на техничките недостатоци: „дигитален шум“, „лоша интернет-конекција“, „бучава во заднина“, кои физички ги спречуваат да бидат поактивно вклучени.
Приложуваме неколку цитати од студенти како илустрација за скептичноста на студентите во врска со вклученоста:
„Критиката.“
„Можеби исмевање од останатите студенти кога некој ќе згреши.“
„[П]онекогаш вклученоста може да предизвика стрес.“
„Многу анксиозност и стрес. Никој од нас студентите не сакаме да згрешиме во што било, па затоа [може да се пројави] многу високо ниво на стрес и анксиозност.“
„Одзема време, немаме доволно концентрација кога сме дома.“
„Не сме секогаш присутни на предавањата и не можеме да дадеме одговор, така што студентот може непријатно да се чуствува во тој момент.“
„Некои студенти [...] можеби немаат услови да бидат активни (слаб интернет, врева во позадина и сл.).“

Добросостојба на студентите

Големо мнозинство студенти (83,6%) сметаат дека во редовната настава треба да се вклучат кратки активности за намалување на стресот и подобрување на добросостојбата на студентите.
Освен тоа, тие предлагаат и други методи и пристапи што може да ги искористат наставниците за студентите да се чувствуваат подобро и помотивирано на часовите, особено во услови на пандемија и настава на далечина:
да се одвојат 10-15 минути на почетокот на часот за слободна дискусија на теми надвор од материјалот (вклучително и за сегашните околности) и за мерење на „пулсот“ на студентите и соодветно на тоа да се адаптира текот на часот
наставниците да се воздржуваат од искажување негативни емоции, и наместо тоа да се смирени, да искажуваат емпатија и разбирање за проблемите на студентите, да градат топол и близок однос и преку шеги да го подигнуваат расположението кај студентите
наставниците да имаат отворен пристап кон знаењата и постигнувањата на студентите, да не ги осудуваат, да ги охрабруваат дури и кога грешат и да поттикнуваат поставување прашања
освен подолгите паузи меѓу часовите, на самиот час да се направи кратка пауза од 2-3 минути со раздвижување, дишење или музика заради враќање на концентрацијата
да се намали времето што студентите го минуваат пред екрани преку скратени часови и помалку домашни задачи и да се има разбирање и толеранција за падот на мотивацијата кај студентите во вакви услови
осмислување задачи во кои студентите активно ќе се ангажираат и од нив ќе се бара да дадат свое мислење за материјалот
работа во групи како можност за посрамежливите студенти да се опуштат и вклучат на часот, но и како можност за понепосредна комуникација со колегите без присуство на наставникот - нешто што им недоставува во онлајн-наставата.

Share
 
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.