Безбедно место е простор, средина, каде што човек (или група) се чувствуваат сигурно, каде што тој/таа не се изложени на закана, осуда, омаловажување, или на каква било форма на физичко или емоционално насилство и повредување. Безбедно место е просторот каде што сме „ок“ во сопствената кожа, и со тоа кои сме и што сакаме да бидеме.
Тоа може да биде замислен или реален простор во кој се чувствуваме спокојно, сигурно и опуштено, место коешто ни помага да го воспоставиме контактот со себе и коешто нè полни со енергија. Тоа е местото каде што можеме да бидеме автентични и свои, без никакви ризици и условувања. Оттука, безбедното место е простор – засолниште, уточиште што нуди заштита кога се соочуваме со тешки моменти во својот живот, по стресови или загуби со кои тешко се справуваме.
Зошто?
Повременото, замислено престојување на нашето безбедно место, делува смирувачки, не дефокусира од изворот на стресот, ни дава сила да ги амортизираме вознемирувачките мисли, и помага да закрепнеме од стресните искуства, и со обновени сили, да продолжиме со животот. Вежбата „безбедно место“ се употребува во психотерапијата во справување со трауматски искуства, и воопшто, со високо стресни ситуации во секојдневниот живот.
Како?
Во градењето и поврзувањето со безбедното место се користат вежби на релаксација, медитација и/или водена фантазија, што е секогаш поефикасно во моменти на релативна смиреност отколку висока вознемиреност.
Вежба „Безбедно место“
Почнете ја вежбата поставувајќи ги стапалата на земја, наместете се во удобна положба и свретете го вниманието кон вашето тело со цел да ги откриете точките во кои чувствувате напнатост. Поминете го целото тело одејќи од главата, вратот, рамениците, па надолу кон стомакот, рацете, дланките, половината, бедрата, задните мускули на нозете, стапалата и прстите, и вратете се назад кон срцето. Опуштете ги напнатите делови од телото и осетете како дишете. Почувствувајте како како воздухот што влегува во градите ви носи топло, релаксирачко чувство. За време на вежбата очите можат да бидат отворени или затворени.
Помислете на време и на место кога сте се чувствувале сигурно, безбедно и спокојно. Може да биде на отворено или дома, а може да биде и некое измислено место. Она што е важно е да го замислите ова место и да си го доловите со што повеќе детали. Тоа може да е место што сте го посетиле повеќепати или еднаш, може да биде место од некој филм или место што сте го замислиле. Можете да бидете таму со некој друг или сами. Тоа може да биде место каде што никој не може да ве најде или пак место полно со луѓе што ве сакаат и се грижат за вас. Ова место одговара на вашите потреби. Можете постојано одново да го создавате или да го прилагодите на тоа што ви треба зашто тоа е ваше место. Сè што ви треба за да се чувствувате удобно е таму. Кога го замислувате ова место, вие се чувствувате спокојно и сигурно.
Откако ќе го изберете вашето безбедно место, замислете го. Замислете дека сте таму. Што гледате околу вас? Опишете ги малите детали што ги гледате, дајте си време да видите како изгледа, како звучи. Какви звуци слушате, каков е мирисот таму? Што друго забележувате? Замислете изгрејсонце, почувствувајте го времето, температурата. Обрнете внимание на тоа како изгледа да седите или лежите таму. Какви сензации буди во вашето тело допирот на работите во безбедното место? Како се чувствува вашето тело кога сè е во ред и кога сите се безбедни? Во вашето безбедно место можете да гледате, слушате, чувствувате и мирисате сè што ви е потребно за да се чувствувате безбедно и удобно. Можеби ќе ги соблечете обувките и ќе зачекорите по трева. Можете да одите таму кога ќе посакате; вашето безбедно место ве смирува и успокојува. Останете таму уште неколку секунди. Потоа подгответе се одново да влезете во просторијата во која се наоѓате. Отворете ги очите, истегнете се, направете сè што ви е потребно за да се вратите во сегашниот момент. Дајте си време да откриете како се чувствувате. Дали сте посмирени и постабилни?
Запомнете дека може да си го земете вашето безбедно место со вас и дека насочувањето на вниманието на безбедното место може да ви помогне да се чувствувате безбедно. Ова активност му помага на вашиот мозок да научи да верува дека безбедноста е реална. Создаваме замислена опасност со помнење опасни работи што ни се случиле и можеме да и' се спротивставиме на таа замислена опасност преку сеќавања и преку замислување безбедност. Вежбајте ја вежбава редовно за да ги создадете невролошките патеки во вашиот мозок кои укажуваат на тоа дека безбедноста постои и дека е таа е реалност во сегашниот миг. Со замислување на вашето безбедно место, вие создавате безбедност во сегашниот момент, кој е, всушност, безбеден.