Gallery
Психосоцијална поддршка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Проектни искуства
Share
Explore

icon picker
Грижа за другиот

Активно слушање

Слушањето е една од најважните социјални вештини. Тоа ни помага да добиеме информации, да ги разбереме информациите, да учиме и да се забавуваме. Истражувањата покажуваат дека луѓето се сеќаваат на 25-50 % од она што го слушнале, што укажува на тоа дека голем дел од информациите во комуникацијата се губат. Вештините на слушање може да ги подобриме со т.н. активно слушање. Да слушаме активно значи да не ги слушаме само зборовите туку да вложиме свесен напор да навлеземе во суштината на пораката на соговорникот. Со активно слушање сме ангажирани во разговорот на позитивен начин, неутрално (без осудување или советување) и трпеливо. Разговорот во кој активно слушаме е, всушност, повеќе за соговорникот отколку за нас.

Зошто?

Активното слушање ни помага:
- Да стекнеме доверба кај соговорникот преку разговор со почит, разбирање и емпатија
- Да ја слушнеме перспективата на другиот и да најдеме начин да постигнеме заедничка цел
- Да му влееме чувство дека е сослушан, разбран и ценет
- Да избегнеме недоразбирања и конфликти
- Да ја зголемиме продуктивноста во комуникацијата и во работата и во меѓусебните односи
- Да ја подобриме способноста за вршење влијание и убедување
- Да ја подобриме способноста за преговарање

Како?

- Му посветуваме целосно внимание на соговорникот: го гледаме в очи, се сосредоточуваме на неговиот говор и не дозволуваме вниманието да ни го одвлече она што се случува во околината (на пр. друг разговор во близина) или нашите мисли, не формираме контрааргументи додека зборува, му го читаме говорот на телото (изразот на лицето и тонот на гласот).
- Му даваме до знаење дека го слушаме со тоа што: седиме во отворена позиција на телото што покажува заинтересираност (не со вкрстени раце!), даваме вербални (да, аха, хмм, и сл.) и невербални (на пр. кимаме, ги креваме веѓите, користиме соодветни изрази на лицето) коментари.
- Повремено го парафразираме тоа што го кажал онака како што сме го разбрале
- Повремено поставуваме отворени прашања за да сме сигурни дека добро сме го разбрале (на пр. „Што сакаш да кажеш кога велиш...?“, „Сакаш да кажеш дека...?“).
- Чекаме да ја заокружи мислата пред да парафразираме или да поставиме прашање.
- Не го прекинуваме со напади и контрааргументи, покажуваме почит и отвореност дури и ако не се согласуваме.
- Не ја оценуваме пораката на соговорникот заради давање свое мислење. Целта е да го сослушаме соговорникот, не да го оценуваме или советуваме
- Ја прифаќаме тишината како неопходен дел од разговорот
- Не се надоврзуваме на приказната на соговорникот со сопствена приказна на истата тема
- Го сумираме кажаното
- Не ја менуваме темата нагло

Извори

Емпатија и сочувство

Емпатијата е една од најелементарните вештини, основна и важна емоција за поврзување на луѓето. Тоа е вештина која ја поседуваме (за да ни олесни во комуникацијата) и со која ги препознаваме чувствата кај другите и можеме да „влеземе во туѓата кожа“, а притоа да не ја преземеме тежината на емотивната состојба. Тоа е некој вид умешност за читање на говорот на телото на другиот и согледување на нивната емотивна состојба и ни помога соодветно да се поставиме кон соговорникот за да не ја влошиме постоечката ситуација. Емпатијата е важна бидејќи претставува искра која може да предизвика сочувство. Сочувството претставува тенденција на мозокот да се идентификува со оние блиски на нас (физички, роднински или пријателски) и да сочувствува со нивните емоции, да ги почувствува емоциите на другиот и да реагира соодветно. Додека емпатијата ни овозможува да се поврземе на емоционално ниво (во смисла на носење на туѓата тага), сочувството е активно разбирање на страдањето на другиот и заземање дистанца како можност за соодветно дејствување и наоѓање решение.

Зошто?

Овие две човечки карактеристики се важни бидејќи нѐ дефинираат како луѓе и ни помагаат да се поврземе со другите и да помогнеме во ситуации тешки за нив. Правилното менаџирање на овие чувства и вештини придонесува за воспоставување добри меѓучовечки односи, за „подигање“ на другиот и придонесување за негов напредок а не учество во неговиот пад.

Како?

И двете емоционални состоби се засноваат на принципот на љубов, разбирање и почит. Бидејќи сите сме луѓе и ништо човечко не ни е туѓо, круцијално е поседувањето и на емпатијата и на сочувството и нивно практикување во моментите тешки за другиот. Тие може да се изразат на различни начини: преку сослушување на другиот, преку нежни зборови полни со разбирање и без осудување, без споредување, преку охрабрувачки и мотивациски предлози за најдобар „излез“ од тешката ситуација, но и преку физичка и материјална помош во ситуации кога тоа е можно.

Извори

Толеранција

Толеранцијата е способност да се прифатат и да се разберат ставовите и начините на однесување кои се различни од нашите, дури и кога не се согласуваме со нив. Идеите, гледиштата, практиките кои не ни се блиски и кои се спротивни на нашите вредности може кај нас да предизвикаат отпор, лутина, омраза, како и чувство на отуѓеност. Во поекстремна варијанта, особено кога станува збор за групи кои имаат различни ставови и однесување од нашите, тоа може да доведе и до конфликти. Во вакви случаи, толеранцијата игра многу важна улога во воспоставување заемна доверба и меѓусебно прифаќање на различните гледишта.

Зошто?

Толеранцијата помага:
- да бидеме фер и објективни кон личности чии мислења, верувања, етничко потекло, политичка ориентираност и др. се различни од нашите;
- да слушнеме поинакви перспективи, што може да помогне и во нашиот личен развој;
- да направиме другите да се чувствуваат безбедно и сигурно;
- отворено да дискутираме;
- полесно да ги надминуваме недоразбирањата и стравот од непознатото;
- да создадеме пријатна и позитивна атмосфера.

Како?

- Со тоа што ќе покажеме дека сопствените мислења не ги ставаме над туѓите, на тој начин што не ги омаловажуваме другите и не им се потсмеваме.
- Преку поставување прашања за да покажеме дека сакаме да ги разбереме и за навистина да можеме да ги разбереме гледиштата на другите.
- Со водење или отворени дискусии во кои ќе покажеме дека различните ставови може да бидат поттик за прифаќање на различни перспективи, а не само извор на расправии и конфликти.

Извори

Љубезност

Многупати сме ги слушнале изреките „Добриот збор железни врати отвора“ и „Јазикот нема коски а коски крши“. Силата која ја има зборот е огромна. Зборот допира до сржта на човечкото битие и има сила да го промени, да го разубеди од она во што верувал или да го утврди во тоа, има сила да спои и раздели, да утеши или разгневи. Дејствува на душата и ја променува. Околу нас има многу примери на несреќни и тажни судбини кои го смениле својот тек оти се нашол некој со благ збор да утеши и даде надеж, а и такви кои отишле во амбис поради празни, а тешки зборови.

Зошто?

Во ова пандемиско време на изолираност, осаменост и напнатост, луѓето најмногу имаат потреба од благ збор на утеха и разбирање, некој да им покаже пријателство, отвореност, чувства, топлина, грижа. Некој да е љубезен. И да се биде љубезен не значи дека некој е наивен и слаб, туку напротив, љубезноста бара сила и храброст. Тоа е интерперсонална вештина со која покажуваме несебичност и дружељубивост. Истражувачите покажале дека главен фактор за стабилноста и задоволството во бракот, на пример, е љубезноста.

Како?

- Прв чекор да покажеме љубезност спрема другиот човек е да се радуваме на неговиот успех и среќа, да не го оговараме или исмеваме туку да му помагаме кога гледаме дека има потреба од тоа.
- Благ збор, отворено срце и отворена врата од нашиот дом!
- Да дадеме комплимент кога забележуваме нешто добро кај некого, да се заблагодариме кога некој ни помогнал, да бидеме благо искрени со цел да ја упатиме другата личност на вистинскиот пат се сѐ чинови на љубезност.
- Љубезен човек е љубезен и спрема себе. Да се запрашаме дали сме добри и учтиви кон себе си, дали си кажуваме зборови на поттик и утеха или сме само груби критизери. Да се сакаме себе си и да си зборуваме самите себе си учтиво и благо е предуслов за да се изградиме како здрави, радосни и љубезни индивидуи.

Извори

Поврзување

Како социјални битија, многу е значајно за нашето здравје како луѓе да градиме здрави врски со другите луѓе. Кога не сме расположени, кога сме потиштени и депресивни обично сакаме да се изолираме бидејќи мислиме дека никој не ја разбира тежината на нашата мака. Опседнати сме со нашите мисли кои ги вртиме во круг и сѐ повеќе ги продлабочуваме со континуирана опсесија со нив. Но, во такви моменти треба да се направи сосема спротивното. Да се заборави на проблемот, да се препушти иднината да си тече како што ќе си тече и да се обидеме да се ставаме во позитивни радосни расположенија. И тоа е свесна одлука! „Од денес ќе сум радосен и нема повеќе да се грижам“. За да го одржуваме тоа расположение нужно е да се дружиме со други луѓе. И тоа луѓе кои и годат на нашата душа, позитивни, оптимисти, радосни, со љубов кон животот, кон себе си и кон другите луѓе. Такви кои одат само напред и не размислуваат многу на проблемите, кои нема нон стоп да нѐ оценуваат, да ни судат и покрај кои ќе се чувствуваме свои. Радосни и креативни „деца“.

Зошто?

Ние имаме во себе огромна енергија која може да ја насочиме кон добро или кон зло. Кога ја насочуваме во позитивна насока, луѓето тоа го чувствуваат и сакаат да се околу нас.

Како?

- Доколку чувствуваме дека сме опкружени со такви со кои не ни годи дружбата, тогаш бараме други луѓе.
- Правиме нешто што нѐ интересира: вежбаме во некој клуб, учиме нов јазик, возиме велосипед или се качуваме по планини со некои планинарски друштва и така запознаваме луѓе кои имаат ист интерес со нас и со кои ќе почнеме од почеток.
- Отворени сме и постапуваме другарски. Се шалиме, разговараме, шетаме, излегуваме. Може да произлезат многу убави работи кои потполно ќе ни го сменат животот и дотогашните мисли. Решенијата за проблемите сами ќе дојдат.
- Во време на пандемија дружењето е покомплицирано за разлика од нормални услови и е ограничено на неколку пријатели. Запознавање нови луѓе оди потешко па главно се свртуваме кон зацврстување на старите пријателства и обновување на некои поодамнешни релации главно преку социјалните мрежи. Дури и кога не сме физички заедно може преку телефон, Вајбер или некоја од социјалните мрежи да се поврзуваме со камера и да правиме заедно многу работи, да гледаме филм заеднички, да готвиме, да слушаме музика, да читаме, дискутираме, да си задаваме предизвици.
- А и запознавање нови луѓе не е невозможно. Може да се зачлениме во различни виртуелни групи во кои можеме да сретнеме луѓе кои ги делат нашите интереси.

Извори

Споделување

Споделувањето чувства е социјален феномен во областа на психологијата кој е во подем во време на кризи и на важни општествени случувања. Споделувањето е нормален начин на живот во малобројни заедници и во традиционални општествени контексти. Во помалите заедници споделувањето е секојдневен процес. Се споделува нешто со некого бидејќи тој е дел од нас, познат ни е или некому од нас му е познат. Карактеристично е за поблиското семејство, а споделувањето во училницата ги прави сите учесници да се чувствуваат блиски, со што се создава топла атмосфера и безбеден простор за работење.

Зошто?

- вежбање – да се навратиме или повторно да го доживееме настанот
- издувен вентил – да се изразат насобраните чувства, да си олесниме
- помош, поддршка или утеха – да се добие сочувство и разбирање
- легитимирање – да се проценат чувствата за настанот и да се одобрат
- разјаснување и значење – да се разјасната извесни аспекти на настанот што не биле добро разбрани и да се најде значење во случувањата поврзани со настанот
- совет – да се побараат насоки и да се најдат решенија за проблемите што ги создал настанот
- поврзување – зближување со другите и намалување на чувството на осаменост
- емпатија – емоционално да се поттикне или да се допре до слушателот
- привлекување внимание – да се добие внимание од другите и доколку е можно да се направи впечаток на слушателите
- забава – да се вклучат другите и да да се предизвика социјална интеракција.

Како?

- издвоен простор за дијалог меѓу наставникот и студентите: наместо да се прашуваат студентите како се, како се чувствуваат, наставникот да ги сподели своите чувства на исплашеност, загриженост, среќа или радост предизвикана од некој настан, со што студентите ќе можат да се поистоветат и самите да се отворат.
- поврзување на темата на часот со лично искуство: пример, на час по средновековна книжевност во која делата се главно од црковен карактер, наставникот го започнува часот со споделување на своите чувства, ставови во врска со црквата и религијата.
- создавање група или форум на социјалните медиуми со учесниците на часот, во кои може да се споделуваат и лични содржини, со цел запознавање и интегрирање на групата.
- оставање простор на крајот на часот за анкета поврзана со тоа како и што им се допаднало или не им се допаднало на студентите за време на часот и споделувајќи ја својата самокритична оценка за часот.

Извори

- пристапено на 17.10.2021
- пристапено на 17.10.2021
Share
 
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.