За градењето нови, хумани простори од страна на наставниците и студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ преку психосоцијална програма за поддршка во услови на пандемија
Во една и пол година, пандемијата на Kовид-19 покажа јачина, динамика, неизвесност и фатални исходи во таков обем што глобалната криза ја трансформираше во трауматско искуство од прв ред, за огромен број луѓе. Покрај данокот во човечки животи и страдања, таа насилно ги размести границите на животните навики и однесувања, ги ограничи човековите слободи и права: на мобилност, на поврзување и на учество во сопствените животи.
Први на ударот беа животните улоги и организацијата во речиси сите сфери на човековото живеење: семејството, работата, слободното време, релациите со пријателите, со и меѓу децата... Речиси сите улоги и релации мораа да претрпат промени, да се видоизменат, за да опстанат. Некои и сосема исчезнаа... Ваквата ситуација бараше брзи и креативни решенија. Бараше оригиналност во нови врзувања, пренасочувања, во редизајнирање и рационализација на животната енергија и откривање алтернативни полиња на реализација. Глобалната криза бараше и одлучно и компетентно водство во прилагодување на промените по најниска можна цена, и со активно вклучување на секој поединец во тие процеси. И сѐ уште е така.
Но, она што ја издвои пандемијата како животно искуство, неспоредливо со сите претходни човекови искуства, е ултимативното барање за социјална и физичка дистанца, за (само)изолација, како единствено решение за излез од кризата. Пандемијата ја зеде во залог човековата развојна потреба за контакт, за поврзаност и за блискост, во замена за безбедноста од болест, страдањата и смртта. Го принуди човекот да избира помеѓу две неизбирливи алтернативи - да ги загрози другите и/или себе си, или да се откаже од поврзаноста со „другиот“ и групата на припадност, ништо помалку клучни за нeговиот опстанок. Тоа беа непомирливите услови што ги наметна пандемијата, со нови долгорочни ризици, по менталното здравје и добросостојбата на луѓето ширум светот.
Сепак, во природата на кризата е да понуди повеќе излезни решенија. Таа ограничува и притиска, но и создава нови можности, нови простори што никогаш порано не биле откриени. Така, за сметка на поврзаноста пандемијата го отвори патот на автономија, на свртувањето кон себе, кон сопствените потреби и простори на слобода, за човек конечно да може да ги истражи како посебен, вреден, хуман и конечно, самодоволен.
Автентичната припадност на себеси, од која често сме се откажувале во име на „другиот“, од страв да не останеме сами и/или напуштени, со пандемијата доби нова шанса. Принудата да се остане на дистанца, да не се биде со „другиот“, со сите останати ограничувања, создаде нова можност и слобода да се биде со себе, искрено, отворено, автентично. Да се освестат сопствените потреби, да се истражат сопствените способности, таленти, приоритети... Чувството на исклученост и (само)изолација го овозможи доброто чувство да се учествува во создавање услови за (само)прифаќање, (само)поддршка и (себе)определување. Ова се клучните нешта не само за заштита на менталното здравје туку и за закрепнувањето од загуби, и за враќањето на самодовербата и за учеството во градењето нови, побезбедни и похумани заедници.
На тие претпоставки почнавме да ја градиме психосоцијалната програма со наставниците на Филолошкиот факултет. Со неа, се отвори просторот за трет пат, како решение што ќе поврзува наместо да исклучува, која било од двете, високо ризични опции по човековата добросостојба, да се остане изолиран/а и сам/а, или да се загрози сопствениот/туѓиот живот. Решението по кое тргнавме како по „трет пат“ беше, да се биде со другиот, но преку контактот и грижата за себе, и да се остане здрав.
Низ тримесечна психосоцијална програма (март-јуни, 2021) во која активно учество зедоа 15 наставници, а со нив и десетици нивни студенти, процесно се отвораа и градеа токму такви простори за безбедно свртување кон себе, а потоа, преку самоприфаќање, и кон поврзување со студентите, на поинаков, похуман начин, со респект и грижа за себе и другиот, различни од кога било порано.
Наставниците работеа на грижата за себе, како посебна развојна етапа од проектот, со конкретни стратегии и алатки. Понатаму, се изработија и насоки за психолошка помош и поддршка на студентите во вид на пишувани материјали, статии и совети достапни на интернет. Освен на грижата за сопственото и менталното здравје на студентите, наставниците се осврнаа на методиката на изведување на наставата, со фокус на неформалната комуникација со студентите и нивното зголемено учество во наставата. Структурата на оваа публикација следи две главни насоки на размислување и дејствување со цел ефектите од овој проект да се прошират на заедницата:
Искуствата на наставниците и студентите од Филолошкиот факултет, ни покажаа на сите како се презема контрола врз кризата, како се градат нови простори и излезни решенија кога кризата длабоко допира во животот на секој поединец. Ни покажаа колку е поединецот важен за нејзино успешно надминување, низ нови релации и мрежи на соработка и дејствување, во кои тој активно учествува. Преку оваа публикација, сите нивни искуства, отворени за дополнување и надградба, се достапни за сите останати наставници и студенти.