Кога ќе се слушне зборот „ритуал“, кај многу луѓе се будат асоцијации на религиозни или спиритуални обреди кои имаат за цел да ја подучат и да ја истакнат важноста на вредностите и верувањата на членовите на групата кои ги прифаќаат и ги практикуваат. ,,Ритуалите” за кои зборуваме овде се активности кои човек ги прави наутро, навечер или во текот на денот, а може да вклучуваат навидум банални активности, но се изведуваат со посебно внимание, посветеност и внесеност од страна на оној што ги прави со цел негување и враќање на животната енергија и поголемо уживање во денот и, општо, во животот.
,,Ритуалот” за којшто зборуваме тука не е еднаков со рутината. Рутината е она што секогаш го правиме во одредено време и по одреден редослед, како навика што се изведува без размислување. На пример, вежбање, туширање, миење заби, облекување, средување, пиење кафе и сѐ друго што правиме несвесно, без фокусирање на процесот. Всушност, основната разлика меѓу ритуалот и рутината е во нашата перцепција на активностите што ги правиме. Дали активностите ни значат и ни носат задоволство во животот или се здодевни обврски што мора да се завршат? Кога истата активност ја чувствуваме како ново, вредно доживување, тогаш таа добива нова димензија и значење.
Рутината е корисна за заштеда на време и енергија, и кога повеќе активности треба да се завршат за кусо време. Меѓутоа, рутинското изведување ги банализира тие активности при што тие се доживуваат како нужни и демотивирачки. Од друга страна, „ритуалот“ претпоставува внатрешно мотивирани, намерни практики, вклученост и будност во „сега и овде“, контакт со сопствените потреби и јасни граници помеѓу себе и другиот. Дневниот ритуал дава енергија и задоволство, како и структура и ефикасност.
Како да ги претвориме рутините во ритуали?
Активностите што ги правиме рутински може да ги претвориме во значајни „ритуали“ следејќи ги следните неколку чекори:
1. Кажуваме позитивни афирмации, т.е. позитивни тврдења што ни помогаат да ги надминеме негативните мисли и да заземе позитивен ментален став. На пример, наместо „Леле, кој ќе работи сега?!“ да си кажеме „Работата ме исполнува и ми помага да ги исполнам своите цели“ и сл.
2. Вежбаме присутност (види повеќе во „Присутност“).
3. Ја гледаме големата слика. Наместо да ги доживуваме рутински работите што ги правиме во денот, ги поврзуваме со одредена цел и гледаме на кој начин ни го подобруваат животот во целина.
Што е потребно за успешна трансформација?
1. Подготовка на околината. Ако сакаме да го претвориме пиењето кафе во дневен ритуал, може да си купиме убава шолја или филџан.
2. Мали чекори. На пример, ако сакаме да трчаме, може да почнеме со кратки растојанија и кратко време и постепено да зголемуваме.
3. Подобро нешто од ништо. Трансформацијата на рутините во „ритуали“ може да не се одвива толку брзо колку што би очекувале. Важно е да не се откажуваме и да продолжиме да се трудиме.
Примери за ритуали
Освен трансформацијата на рутините во „ритуали“, може да си воведеме и намерни „ритуали“ во одреден дел од денот што ќе ни помогнат да се ревитализираме, да се наполниме со енергија за претстојниот ден или за убав сон. Подолу за пример даваме конкретни идеа за утрински и вечерен „ритуал“. Сепак, можностите се неограничени и секој може да си направи свој сопствен „ритуал“ во зависност од желбите и потребите.
Утрински ритуал
Утринскиот ,,ритуал” може да содржи активности што секако сме ги вклучиле во својот репертоар на будење и поврзување со денот.
Зошто?
Создавањето утрински ,,ритуал” преставува можност за започнување на денот со смиреност, самодоверба и позитивен став, на индивидуализиран, автентичен начин. Тоа е подготовка за успешно справување со нештата што нè очекуваат во текот на денот, со поинаква енергија, ентузијазам, фокусираност, опуштеност и самодоверба, наспроти чувствата на страв, преплавеност, закана, презаситеност и грижа.
Како?
Чекори во истражување и усвојување на ,,утринскиот ритуал”
1. Решеност да одвоиме време само за себе (меѓу 30 и 90 минути), пред да навлеземе во денот.
2. Избор/истражување на можни активности за личниот утрински ,,ритуал”, а во согласност со сопствените потреби, поврзани со искуствата на пријатност и задоволство.
3. Одредување временска рамка (една недела) за тестирање на ритуалот, и испробување на избраните актиности, во утринските часови, по будење.
4. Доследност и флексибилност во секојдневното изведување на ,,ритуалот” за кој конечно сме се одлучиле.
Идеи за збогатување на утринскиот ритуал:
· Освестено дишење (1-3 мин) – Се изведува со четирикратно длабоко вдишување, задржување на здивот до четири (броење во себе) и бавно издишување - вежба што може да се прави во кој било дел на денот, и/или повеќепати дневно, особено кога се јавува непријатно чувство на страв, напнатост и вознемиреност, што не поминува... Се препорачува да се вежба неколу пати во денот
· Вежбање: истегнување, додатни вежби за зацврстување на одредени мускули, јога, таи чи (30 минути)
· Енергизирање преку визуелизација со различни слики: (на пример, се замислуваме како сме капка од океан, се стопуваме со океанот и се чувствуваме заштитени и безбедни од сите страни; уживаме во чувството некое време. Потоа замислуваме како ние самите сме океанот. Полни сме со енергија и спремни да се соочиме со предизвиците на денот пред нас) (околу 10 минути)
· Утринско пиење кафе/чај/сок пропратено со музика по избор (може и во тишнина) и уживање во вкусот/мирисот и допирот (15 минути)
· Планирање на денот, со отворени очекувања за исходите и љубопитство за чувството на успех и задоволство што ќе нè придружуваат во текот на денот (5-10 мин)
Вечерен ритуал
Зошто?
Создавањето вечерен ,,ритуал” преставува можност за завршување на денот со смиреност, самодоверба и позитивен став, на индивидуализиран, автентичен начин. Тоа е можност за успешно заокружување на денот и правење рекапитулација на нештата што сме ги доживеале во текот на денот, со поинаква енергија, ентузијазам, фокусираност, опуштеност и самодоверба, наспроти чувствата на страв, преплавеност, закана, презаситеност и грижа.
Како?
· Истите вежби на дишење и опуштање може да се применуваат и пред заспивање (види горе „Утрински ритуал“)
· Лежење во када со миризливи тревки
· Рекапитулација на денот со задржување на убавите чувства, а ослободување, отпуштање на непријатните, во од на незапирливо минување (5 – 10 мин.)