Во овој дел мислиме на издвојување 10-15 минути од часот за разговори со студентите поврзани со тековни настани од реалноста („овде и сега“). Ваквите активности може да се одвиваат на почетокот од часот, но и во кој било дел од часот, на пр. доколку се забележи пад на концентрацијата на групата, вклучително и на крајот од часот. Може да се внесат содржини поврзани со некој повод, на пример, значајна вест, доживувања и/или чувства како рефлексија на моментот. Мислиме на општи состојби кои имаат и лично значење, а важно е да се внимава активноста да не ја премине границата на интимно лични стории, за кои, доколку се појават, би требало да се обезбеди време надвор од часот. При ваквите разговори, многу е важно да се почитува сечие мислење, да се покаже автентична љубопитност и да не се коментира или суди.
Зошто е важно да се одвои време од часот за вакви активности?
Ваквите активности помагаат да се изгради свест за сето она што го носат со себе сите присутни на часот. Низ ваквите искуства, наставникот учи да го забележи и да го следи пулсот на групата, нивната вклученост и емпатиски да реагира во вистинскиот момент. Целта е подобро запознавање помеѓу студентите, ослободување на вишокот енергија, мотивирање на студентите повеќе и поактивно да учествуваат на часот. На овој начин, индиректно, се подигнува квалитетот на наставата и се подобува односот меѓу наставниците и студентите. Ова активност може да придонесе кон развој на емпатија кон другиот, пораст на толеранцијата кон различностите, соработка меѓу студентите, со што би се воспоставила безбедна атмосфера на часот и пошироко. Тоа може да биде и јасен показател на грижата за емоционалното и менталното здравје на студентот од страна на наставникот и институцијата што наставникот ја претставува. Ваквиот пристап долгорочно може да го поттикне кај студентите негувањето грижа за себе, за сопствената автентичност, што води кон развивање грижа за другите и полесно справување со животните предизвици.
Приказни од наставата
ЈАЗИК
Студиска година: прва и втора
Број на студенти во група: 20, 40/20, 15
Опис на формата на вклученост: Како дел од часот кога се прави кратка „пауза за практикување будност/свесност“, им зададовме на студентите вежба со визуализација, која вклучува размислување за некаков проблем и приоѓање кон него од поинаков агол. Ги замоливме студентите да ги затворат очите и да помислат на нешто што им претставува проблем, па потоа да се опуштат и да мислат на некој убав пејзаж и во тој процес целосно да ги употребат сите свои сетила за да го почувствуваат и видат пејзажот. Потоа ги замоливме студентите повторно да помислат на проблемот што го имале и да обрнат внимание на нивната реакција кон него и спонтаните решенија што ќе им надојдат. На крајот, ги замоливме студентите да запишат неколку белешки во однос на тоа како им се променила перцепцијата за проблемот и да се потрудат да направат план за работа за надминување или решавање на проблемот врз основа на искуствата и набљудувањата од вежбата.
Реакции од студентите: Општо земено, студентите реагираа позитивно на овој тип вежба со визуализација и споделија дека вежбата им помогнала да се релаксираат и ставот кон проблемот да им се смени, односно проблемот станал помалку битен и тежината му се намалила. Сепак, мора да нагласиме дека главниот акцент студентите го ставија на ефектот на релаксирање, а не на активно изнаоѓање на решенија за проблемот. Но, и покрај тоа што вежбата не им беше од голема помош во однос на решавањето проблеми, таа отвори простор за студентите да споделат искуства и да разговараат, па така се создадоа можности за подобрување на комуникацијата во групата.
Студиска година: втора
Број на студенти во група: 22
Опис на формата на вклученост: Со цел да ја опуштам атмосферата на почетокот од часот и да го започнам на невообичаен начин, ги прашав студентите како го исполнуваат слободното време во пандемијата. Неколку од нив одговорија дека читаат книги или гледаат филмови при што во одговорите се искристализира една заедничка нишка: темата за Хари Потер. Во тоа време и моите деца дома ги беа откриле филмовите и книгите за Хари Потер, па со студентите најдовме нешто што нѐ поврзува. Се разви дискусија за темите што ги обработува серијалот и зошто е толку привлечен и популарен. На крајот ги прашав која од волшебните моќи на волшебниците од серијалот би сакале да ја имаат и што би направиле ако ја имаат.
Реакции од студентите: Темата предизвика многу поангажирана дискусија отколку вообичаеното прашање „Како сте? Како го поминавте викендот?“. Студентите со ентузијазам зборуваа за своите впечатоци за серијалот и особено за прашањето што би направиле кога би имале натприродна моќ. Дискусијата предизвика позитивни емоции кај студентите бидејќи имаа можност да зборуваат за нешто што искрено им го привлекува интересот и ги засега, а не директно поврзано со наставата и материјалот.
Студиска година: втора
Број на студенти во група: 22
Опис на формата на вклученост: На студентите им пуштав видеа на теми од позитивна психологија преземени од курсот „Науката за добросостојбата“ од Универзитетот Јеил на Кoрсера (по едно видео на час во времетраење од околу 8 до 18 минути). Секое видео се однесуваше на една практика за која е научно докажано дека води кон подобрување на добросостојбата кај луѓето или на сродни теми. Беa опфатени теми како благодарност, љубезност, дали работите што мислиме дека ќе нѐ направат среќни навистина нѐ прават среќни (на пр. добра работа, добри оцени, пари, совршено тело, вистинска љубов, убави предмети), прилагодување на референтните точки (што е она со што се споредуваме и како да го промениме), интервју со Елизабет Дан, основач на техниката „WOOP“, која е научно заснована ментална стратегија за поставување приоритети и промена на навиките, а која им помага на луѓето да си ги откријат и остварат своите желби (
). Целта на активноста беше да им се даде можност на студентите да ги преиспитаат своите ставови за работите во животот и да дојдат до нови заклучоци, како и да им се овозможи да користат лесно достапни техники што може да им помогнат да го подигнат нивото на енергија во пандемиското време. Освен тоа, студентите ги увежбуваа и своите вештини на слушање англиски јазик од изворен американски говорител на јазикот.
Реакции од студентите: Активноста наиде на одличен прием кај студентите. По секое видео се развиваше жива дискусија при што имаше и спротивставени мислења. Владееше атмосфера каде што секој слободно можеше да го искаже својот став без осудување и омаловажување. Можев да почувствувам дека содржината на видеата допира до студентите и ги поттикнува на размислување, кај некои можеби и на освестување, будење. Некои студенти велеа дека за нив овие теми се нови, но дека со задоволство би сакале да ги пробаат техниките. Целокупно, активноста ја подобруваше атмосферата на часот и ги ослободуваше студентите да се вклучат на часот со свои ставови и мислења. Најголемо признание беше тоа што студентите велеа дека по часот се чувствуваат попозитивно и помотивирано.
ПРЕВЕДУВАЊЕ И ТОЛКУВАЊЕ
Студиска година: втора
Број на студенти во група: 9
Опис на формата на вклученост: Во рамките на неформалниот дел од часовите, првите 10 до 15 минути ги посветуваме на моментот „сега и овде“. Накусо, дискутираме за тоа како се чувствуваме сите во моментот, што ни се случува и какво ни е моменталното расположение. Потоа, правиме куса вежба за правилно дишење која подразбира длабоко вдишување, сосредоточено задржување на здивот со броење до 5 и потоа бавно издишување. Студентите се претходно запознаени со придобивките од оваа техника за нивната идна професија во насока на подобрување на менталните и когнитивните способности, релаксирањето и општата добросостојба на организмот при правилна оксигенација на телото. Често, вежбата за правилно дишење ја правиме со придружба на релаксирчка музика, која дополнително влијае на оптимизацијата на интелектуалните капацитети и ја зголемува активноста на мозокот.
Реакции од студентите: Во услови на пандемија, ставивме засилен акцент на ваквите неформални активности во текот на наставата, бидејќи во разговор со студентите дојдов до сознание дека тоа им годи, ги расположува и потоа покажуваат зголемен ентузијазам и желба за работа, а исто така сведочат дека тоа им го намалува стресот при совладување на потешките наставни содржини.
МЕТОДИКА
Студиска година: четврта
Број на студенти во група: 20
Опис на формата на вклученост: Во неврзан разговор пред да започне часот ги дискутиравме предизвиците од пандемијата и студентите го наведоа продолжениот престој пред екран, затворени во четири ѕида, како една од понапорните активности. Ја прашав студентката која зборуваше за ова колку често оди на прошетка, особено заради тоа што знаев дека е од Струга и има пристап до посебно моќен извор на релаксација: езерото. Таа рече дека не помни кога последен пат го видела езерото. Ѝ кажав дека според позитивната психологија, набљудувањето на природата, особено фокусирањето на одреден нејзин аспект (на пр. лист, дрво, бран) има трансформирачка моќ да нè оттргне од секојдневните грижи и/или да ни даде поинаква перспектива на нив. Ги поттикнав студентите да ни сликаат некој детал од природата што нив ги опкружува и да го споделат на нашата онлајн-платформа. Студентката од Струга веднаш го направи тоа, а остатокот од групата коментираше.
Реакции од студентите: На наредниот час, студентката од Струга ни кажа дека уживала за време на прошетката покрај езеро и оттогаш отишла покрај езеро повеќепати бидејќи сфатила дека тоа ја релаксира. Се извини што сликата што ја споделила не ја доловува целата убавина на езерото. Останатите не се вклучија во споделувањето детали од природата што ги опкружува нив, но не успеав да дознаам повеќе околу нивните мотиви или планови.
Студиска година: четврта
Број на студенти во група: 20
Опис на формата на вклученост: На почетокот на часот, како загревање за првата активност, ги замолив студентите да напишат во четот со која бројка од 1 до 10 би ја претставиле нивната моментална добросостојба (1= ниска, 10=висока). И јас го направив истото. Оние што приложија многу ниски или многу високи оценки ги потпрашав на што се должи тоа и од тие прашања произлегоа убави приказни за аспекти од личниот живот на студентите за кои не знаев: една студентка ни зборуваше за предизвиците на муслиманскиот пост, друга за друштвените развојни фази на нејзиното куче. Како варијација на оваа активност, еднаш ги замолив студентите да напишат во четот збор-два за првото позитивно нешто на кое помислуваат во тој момент и кое им изнудува насмевка. Повторно, студентите брзо се произнесоа, и овојпат чувме приказни за многу помладиот брат на кого една од студентите му држи онлајн-час од соседната соба, за мачката што секој момент треба да се омачи и на која може да ѝ треба помош од студентката што во моментот следи час...
Реакции од студентите: Немав прилика експлицитно да ги прашам студентите што мислат за ваквите активности, но од брзината на нивното споделување бројки и клучни зборови во четот, како и од нивната подготвеност да ни кажат повеќе за тоа што го споделиле во четот, сфатив дека им се занимливи - обично им треба многу време во чет да ми одговорат прозаични прашања поврзани со формалните содржини на курсот.
КНИЖЕВНОСТ
Студиска година: втора
Број на студенти во група: 10
Опис на формата на вклученост: На почетокот од часот, во рамките на неформалниот дел (првите 10-15 минути), се осврнав кон здравствените предизвици со кои сите се соочуваме во одреден период од животот. Покрај мојата желба да ги поттикнам да размислуваат, свое влијание имаа и информациите кои ги споделија две студентки со мене, а се однесуваа на нивното директно или индиректно соочување со пандемијата. Една студентка отворено зборуваше за нејзиното справување со хроничната болест во услови на пандемија, што имаше позитивен ефект врз групата и мнозина потоа споделија сопствени и/или туѓи искуства поврзани со тој проблем. Беше интересно да се следат нивните размислувања и начинот како изразуваа сочувство кон колегите кои од различни причини се во специфична положба. Изгледаше дека повеќето од нив се на мислење дека секоја предизвикувачка состојба, особено болеста, ја истакнува потребата од свртување кон себеси, не толку во смисла на исполнување на сопствените желби, колку во врска со она живеење во моментот, кое нѐ доведува во поинаква состојба на свесност за себеси и за другите. Тие ја истакнаа предноста на заедничкото справување и решавање на проблемите, како и нивната сплотеност во рамките на групата.
Реакции од студентите: И покрај тоа што јас не ги прашав студентите за нивното мислење околу овој мој „излет“ кој, на одреден начин, задираше во нивната приватност, изгледаше дека повеќето од нив беа задоволни што покажав интерес за проблемите со кои се соочуваат. За нив беше особено важен начинот како тие се менуваат како личности по надминувањето на предизвикувачката состојба. Беше видливо задоволството од можноста да ги споделат отворено прашањата кои ги мачат, пред сѐ како млади луѓе, а ефектот од тоа беше видлив и на подоцнежните часови, на кои се забележуваше дека веќе беа значително послободни и порелаксирани.
Дополнителни насоки
Во делот
Broken link
се наоѓаат дополнителни информации во врска со неформални содржини што можат да се прилагодат во наставата: