Gallery
Психосоцијална поддршка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Проектни искуства
Share
Explore

icon picker
Заднина

Коронавирусот кој ја одбележа годината ги разбуди најдлабоките стравови и сомнежите во прогресот и иднината на човештвото. Целата измината година ја поминавме буквално во вонредна ситуација, не мислејќи тука само на нормативно-правната дефиниција на оваа синтагма, туку и на антрополошката димензија на вонредноста“, во која преовладуваат биолошките „императиви за опстанок“ и за зачувување на „голиот живот“. Тоа искуство создаде чувство на ранливост и беспомошност, во ерата на модерниот и трескавичен развој на технологијата, која придонесе да ја подзаборавиме некогашната грижа за голиот опстанок, својствена за луѓе од минатите времиња и векови. Се најдовме одново во (лимбична) ситуација на суспендирано право на живот и секојдневие по слободен избор.
Чувството што го имавме, особено во почетните месеци на карантин, беше чувство на глобален логор, речиси преку ноќ, се разбудивме во сосема нови животни околности. Од (епидемиолошки) безбедносни причини, сѐ уште остануваме во (доброволен) притвор. Здравјето се претвори во планетарен предизвик и врвен приоритет, а самиот опстанок прерасна во темелно инсцениран ритуал. Овој константен здравствен стрес во текот на 2020 г., произведе дополнителен, негативен набој во, и онака неизвесниот амбиент кај нас, со хронична пресија од страна на редица фактори: општествени, политички, економски, безбедносни итн. Подолго време веќе сме соочени со различни видови трауми во низа. На мноштвото социјални потреси, со избувнувањето на новиот вирус, ни се надоврза уште една, овојпат, природна катастрофа. Практично, во последниве 30 години, во синџир од „гранични ситуации“ (иницијации), почнувајќи од распадот на поранешната држава, безбедносните и воени кризи (бомбардирањето во соседството 1999 г, мини војната набргу потоа, во 2001, перманентните економски кризи (процесот на бесконечната транзиција) и сл., се обидуваме да фатиме чекор. Сето тоа неминовно создаде „алостатско оптоварување“ (кумулативно пластење на трауматските искуства), кое суштински го отежнува справувањето со новите предизвици. Имајќи го предвид ваквиот контекст, преку проектот за психосоцијална поддршка на нашиот Факултет се впуштивме во истражување на можните решенија за подобро справување со новонастанатата криза.

Share
 
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.