Студентите (формално) коментираат

icon picker
Извештај (јануари 2021)

При пилотирањето на апликацијата Студентите коментираат добивме околу 200 коментари на студенти за предмети. Со оглед на тоа што студентите често коментирале за повеќе од еден предмет (најчесто за 3 до 5 предмети), бројот на студенти што зеле учество во пилотирањето е значително помал од 200. Заради нерепрезентативноста на примероците, анализата е фокусирана на главните нишки од одговорите, не на поеднични предмети. Пилотирањето ни помогна и да отклониме една техничка пречка во апликацијата.
Од коментарите произлегува дека најголемиот дел од студентите редовно следеле настава и во најголем дел се задоволни од курсевите. Задоволството го припишуваат на: разновидните, интересни, јасни и интерактивни предавања, добрата атмосфера на час, добрата комуникација на наставниците со студентите, употребата на презентации/постери и приказни во предавањата.
Незадоволството се должи на: обемна наставна програма и/или учебник, немање интерактивност на час, неинтересно предавање (на пр. читање од презентации), површно или предетално покривање на материјалот, многу мешани групи студенти (прв со втор јазик), доцно информирање во врска со испитот и другите обврски (портофлија, и сл.), форматот на некои домашни задачи, настап на некои наставници што остава впечаток на неподготвеност, нерационално користење на времето (на пр. дискусии на несродни теми, читање на материјалот што студентите веќе го имаат на располагање, недоволно издвоено време за објаснување нејаснотии), недржење редовна настава (на пр. само праќање материјали), очекувања да се учат дефиниции на памет, нерамномерно распределување на материјалот во текот на семестарот, нетранспаретност околу оценувањето, инсистирање на усни испити кога за некои студенти тие се извор на стрес, материјали што се објавени на различни места (наместо користење еден пакет материјали), технички претпочитања (на пр. Zoom наместо Google Meet заради подобрите технички можности). Студентите претпочитаат настава во живо и директен контакт со наставникот, не само размена на материјали за учење.
За три предмети студентите пријавиле нередовно одржување настава (доцно започнување на курсот, одржување само неколку предавања во семестарот, односно неодржување настава заради мал број запишани студенти на курсот). Има пријава и за еден професор кој барал од студентите да купат негова книга за да го полагаат испитот. Ги проверивме последните две сценарија во Деканат и пренесуваме дека (1) додипломските часови треба се одржуваат независно од големината на групата и (2) не е соодветно полагањето испит да се врзува со купување книга од професор - видете го член 16 од Нацрт-етичкиот кодекс на УКИМ, во кој се инсистира на „воздржување од секакви условувања за полагање на испит со услови што не се содржани во одредбите на студиската програма и правилата на Универзитетот и единиците, а особено од наметнување услови што му носат лична економска и друга корист на наставникот“.
Потсетуваме дека во целиот процес на обработка на податоците идентитетите на студентите беа заштитени, исто како и идентитетите на професорите: Комисијата ги вршеше сите анализи со користење анонимизирани податоци, а идентитетите на прозваните професори ѝ се достапни само на Управата.
Студентите дадоа и општи коментари во врска со анкетата и/или апликацијата, од кои произлегуваат идни насоки за работа на Комисијата:
Пофалби за изгледот и интуитивноста на апликацијата
Да не биде задолжително за секој предмет да се наведува што би промениле
Да се вклучат повеќе прашања за да се добие подетална слика за предметите
Да се дадат повеќе опции за одговарање на прашањата со избор
Да се остави простор за подолги одговори (на пр. 300 наместо 250 карактери)
Да се овозможи коментирање и за институцијата, не само за курсевите (техничка забелешка: датумот до еден од курсевите бил прекриен со знакчето „Коментирајте“ - тоа треба да се коригира)
Недостасуваат некои предмети (на пр. Контрастивна анализа 1)
Треба да има можност да се додадат изборни предмети од други катедри/семестри (на пр. постојат студенти што се 9-ти семестар) и/или студентите сами да избираат за кои предмети и професори ќе коментираат
Дали коментарите ќе се резимираат или ќе се прикажат во нивната оригинална форма? (Коментар на студент: На некои предмети има мал број студенти па професорот лесно би можел да го претпостави идентитетот на оној што го дал одговорот, особено ако се соопштуваат одговорите во нивна оргинална форма.)
Кога да се администрира анкетата, пред или по сесија? (Коментар од студент: Некои студенти може и да се плашат од пополнување на анкетата. На пример, дел од моите колеги кажааа и дека би почекале да положат испит кај професорите, па потоа да ја пополнат анкетата. Дали се валидни нивните стравови?)
Коментарите од студентите да се сфаќаат сериозно.
Освен прашањата на кои студентите обрнуваат внимание, Комисијата ќе работи и на осмислување начини да се поттикнат што повеќе студенти да земат учество во иницијативата Студентите коментираат. Исто така, ќе се обрне поголемо внимание на описот на начините на кои ќе се употребуваат анонимизираните коментари на студентите од наредниот семестар натаму за студентите да имаат точна претстава за процесот.




Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.