Skip to content
Настани

icon picker
Прва работилница за академско пишување

Менторирање студенти кои пишуваат дипломски и семинарски трудови

Најава за настанот

На работилницата ќе се осврнеме подетално на структурата на дипломските трудови во контекст на одделните научни области (лингвистика, превод и книжевност).
Време: 30.3.2022 г. во 12:30 ч.
Место: Зум

Белешки од настанот

На работилницата беа присутни 12 наставници и еден студент од Катедрата за славистика. На почетокот, проф. д-р Мира Беќар, која го предводи овој циклус на работилници, се осврна на прашањето за структурата на дипломските трудови, на што беше поконкретно посветена оваа работилница, како и на идните теми на кои има намера да се задржи во текот на следните работилници (релевантноста на темата на дипломските трудови, изворите/литературата, рубриките за оценување и дискусијата во трудот наспроти заклучокот). Во поглед на прашањето за структурата на трудот, таа се осврна на академските вештини кои очекуваме дека се развиени (или ќе се развијат) кај студентите и сакаме да ги видиме на дело преку дипломскиот труд, потоа на типовите на дипломските трудови, како и на можната структура на трудот.
Во однос на првото прашање, Мира Беќар посочи дел од академските вештини кои се очекуваат од студентот по дипломирањето: сумирање, синтеза на минати истражувања, поврзување на теоријата со истражувањето, критичка анализа на текстот. Во рамките на дискусијата за ова прашање, беа истакнати следниве согледувања:
- потребата од соодветно познавање и вешто изразување на македонски јазик, кое треба да биде видливо особено во деловите кои се пишуваат на македонски јазик (резимето или заклучокот), во случаите кога трудот е напишан на друг (странски) јазик, како и нивното лекторирање;
- потребата да се вежба академското пишување во рамките на одделните предмети, или негово издвојување како посебен предмет;
- развивање на вештината за формулирање на темата и нејзино поврзување со практиката;
- развивање на способноста да се истражат различните критички пристапи и да се направи парафраза на прочитаното, за да може да дојде до израз гласот на студентот кој нема да се прелее во мноштвото цитати, што може да доведе до плагијат;
- студентот да е во состојба да го поврзе непосредното животно искуство со аспектите кои сака да ги анализира во темата;
- способност за поврзување на теориското знаење со примената на тоа знаење во соодветното подрачје на истражувањето.
Како стратешки аспекти на академското пишување, Мира Беќар ги истакна: експресивноста, убедливоста, текстуалноста, референцијалноста, како и давањето или посочувањето на можните одговори на клучните прашања кои ги поставува трудот.
Во рамките на второто прашање, кое се однесуваше на типовите на дипломските трудови, Мира Беќар ги издвои: емпириските истражувања, теориските, компаративната анализа на преводи (текстови, жанрови), критичката анализа на туѓо истражување/податоци (или на сопственото), како и описот на ситуација (проблем, решение). Во рамките на дискусијата беше истакнат и посебниот тип на истражување, наречено „library research“, кое следи корпус на претходни анализи на дадена тема, што сепак треба да биде поткрепено со практична примена на тие сознанија, како и метаанализата, која го подразбира овој вид на истражување, дополнето со одреден критички осврт кон зададениот проблем.
Во однос на структурата на дипломскиот труд, Мира Беќар го отвори прашањето за флексибилноста на структурата и за нужните, односно дополнителните делови кои трудот може да ги содржи. Начелно, таа ги издвои следните делови: насловна страница, апстракт, резиме, содржина, термини и кратенки кои се користат, листа на називи на графикони и табели, вовед, теориска рамка, претходни истражувања/осврт на литературата, методи, анализа на податоци со резултати, заклучок со дискусија, библиографија и додатоци. Таа посочи дека често не се прави разлика меѓу апстрактот (како кусо сумирање на темата, методот и одреден резултат) и резимето (кое е подолго и треба да содржи, покрај посочувањето на темата, целите и на хипотезите, и еден вид минисодржина).
Во дискусијата се споделија размислувања за теориската рамка која може да биде и согледување на студентот за темата или еден вид дефиниција на соодветниот аспект, но и опис на авторот и делото, зависно од областа на истражување. Поради тоа, таа може да биде поврзана и со методологијата и со освртот на литературата. Во однос на методите, посебно се истакна потребата од посочување на инструментите кои се применуваат, учесниците, делата за анализа, како и суштинското разликување меѓу индуктивното и дедуктивното истражување. Дополнително, во подрачјето на литературните анализи се забележува и потребата од анализа на контекстот, аспектите на литературната стилистика, дискурзивноста, интертекстуалноста и сл. Беше заклучено дека во различните области различно се третира анализата на податоците со резултатите (тие често се разгледуваат заедно), а тоа е случајот и со заклучокот (во чии рамки може да биде вклучена дискусијата). Во заклучокот е очекувано дека студентот ќе направи повторување (сумирање) на тезите од истражувањето, а во дискусијата е пожелно да одговори на истражувачките прашања или да постави нови и да поттикне идни истражувања на таа тема.
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.