Skip to content
Настани

icon picker
Дискусија за академско пишување

Менторирање студенти кои пишуваат дипломски и семинарски трудови

Најава за настанот

Со проф. д-р Мира Беќар ќе разговараме за следното:
1. Анализа на потребите за пишување дипломски и семинарски трудови
2. Размена на искуства за фазите на менторирање студенти кои пишуваат дипломски трудови со колеги од различните дисциплини (лингвистика, превод, книжевност, методика)
3. Дискусија за можно стандардизирање на квалитетот на овие трудови
Време: 9.12.2021 г. во 13:00 ч.
Место: Зум

Белешки од настанот

На работилницата/дискусијата беа присутни 9 наставници. На почетокот, Мира Беќар ги изложи своите размислувања за неколку теми, околу кои се разви натамошната дискусија:
потребата за составување/пишување дипломски и семинарски трудови;
размената на искуствата од колегите од различни области (лингвистика, преведување/толкување, книжевност, методика);
можното стандардизирање на квалитетот на трудовите.
Во рамките на презентацијата беше понудена куса дефиниција за тоа што е дипломски труд – „финална задача што секој студент е обврзан да ја заврши за да се стекне со диплома и да ги покаже вештините и знаењата стекнати за време на четиригодишните студии“. Дипломскиот труд треба да содржи вовед, објаснување за методите кои се применети, истражувачки дел, дискусија и осврт кон користената литература. Мира Беќар ја истакна оваа дискусија како целисходна за стекнување на увид во важноста на менторството не само како водење на студентите, туку и како нивно поттикнување по патот на научното истражување. Таа го потенцираше она сфаќање на менторството како „тајна градина во која и студентот и менторот се ангажирани со одговорност и многу проверки“ (Haise 2011: 557). Околу проблематичните аспекти при пишувањето на трудовите, Мира Беќар ги потцрта градењето на гласот на студентот низ текстот, интерперсоналните односи, квалитетот на собраните податоци и на анализата, неусогласеноста на наодите и на цитираната литература, како и општата академска неписменост. Од факторите кои влијаат на квалитетниот труд беа посебно истакнати поддршката (финансиска, професионална, емотивна и др.), процесот на пишување, емоциите и др. На крајот беа потцртани клучните проблеми поврзани со ставот кон плагијатите, како и разликувањето на аргументите во однос на претпоставките во научните трудови.
Во дискусијата, наставниците се осврнаа главно кон трите посочени теми. Беа споделени размислувања за:
можната замена на дипломските трудови со семинарски (поради преголемиот број на студенти, недоволниот финансиски надомест за менторот, незадоволителниот квалитет на досегашните дипломски трудови и сл.);
неможноста да се случи таква ефективна замена поради природата на ЕКТ-системот, признавањето на дипломите во странство, но и поради потребата од еден завршен труд, кој ќе сведочи за стекнатите знаења и вештини од страна на студентот;
потребата од изработка на техничко упатство, како и на упатство кое ќе се однесува на структурата (содржината) на дипломскиот (семинарскиот) труд, кои ќе ги насочат студентите и ќе бидат појдовна точка за наставниците во текот на работата, на рамниште на одделните катедри, но и на ниво на Факултетот;
немањето средства за спречување на студентите да создаваат плагијати (преку одредена компјутерска програма или казни), поради што одговорноста останува на менторот, кој одлучува врз основа на стилот и степенот до кој доаѓа до израз гласот на студентот;
рамномерното распределување на менторствата на дипломските трудови меѓу наставниците на катедрата;
недоволната подготвеност и развивање на способностите на студентите за писмено изразување во текот на нивното севкупно образование;
подигнувањето на свеста на студентите за тоа што значи плагијат, како и спречувањето на таквите обиди преку фаворизирање на една поинаква работна етика;
структурирањето на еден документ со одделни рубирки за оценување на квалитетот на трудот, со што би се постигнала поголема единственост во пристапот и во појдовните точки при оценувањето (користење на добрите примери – земјите од типот на Романија и Полска, кои ги приближија своите стандради кон западноевропските).
На крајот беше заклучено дека постои потреба од повторна средба (начелно, во втората половина на јануари 2022 година), на која ќе се дискутира подетално за овие прашања и ќе се договори начинот на составување на документот со одделните рубрики, преку активна размена на мислења меѓу наставниците.

Снимка од настанот

Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.