Медиуми

icon picker
Психосоцијална поддршка

Соопштение до медиуми (26.5.2021)
Психосоцијална поддршка на Филолошки: Градиме нови, безбедни, психосоцијални простори
Во месец мај, месецот на менталното здравје, сакаме да ви обрнеме внимание на тековен проект на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој цели кон унапредување на психосоцијалната состојба на наставниците и студентите во време на пандемија.
Врз база на досегашните институционални истражувања и неформалната комуникација со наставниците и студентите, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ забележавме дека во овој пандемиски период (но, и не само тогаш!) на наставниците и на студентите им е потребна психолошка помош и поддршка во справување со предизвиците со кои се соочуваат. Наставниците се во непосредна и континуирана комуникација со студентите и се во позиција да насочат/помогнат онаму каде што можат. Сепак, тие не се чувствуваат секогаш подготвени за таквите предизвици, особено ако и самите имаат недостиг од грижа за себе и за своето ментално здравје.
Со таа цел, инициравме проект насловен „Психосоцијална поддршка на наставниците и студентите од Филолошкиот факултет во услови на пандемија“. Проектот е под раководство на Лина Ќостарова-Унковска, стручњак по психологија на траума и основач на Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, и ја открива сложената слика од потреби, влијанија, можности и ограничувања во услови на континуирани кризи.
Во периодот март–јуни 2021 г. низ серија онлајн-работилници со група од 16 наставници, а преку нив, посредно, и со бројни студенти, се лоцираат критичните точки на развојот и промените, со активно учество во зајакнувањето и (само)помошта во услови на пандемија. Во рамки на средбите, а врз база на емпириски податоци и лични искуства, се водат групни дискусии со цел унапредување на условите за работа, на пример, преку подобрување на контактот со себе, автентичноста на личните и креативните избори, вклученост на сите засегнати страни во промените низ континуирана комуникација, креирање безбедни места, формирање тимови и мрежи на соработка и поддршка на поинакви, проактивни основи.
Резултатите од проектот ќе бидат соопштени на јавна презентација по неговото завршување.
Во случај да имате проблеми со преземањето содржини од овој сајт, соопштението е достапно како документ во Ворд .
Сите информации во врска со проектот се достапни на следниот линк:
Стоиме на располагање за дополнителни информации,
Комисија за унапредување на наставата при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје,


Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.