Наставници

icon picker
Психосоцијална поддршка

Градиме нови простори со Лина Ќостарова Унковска

Концепција

Врз база на досегашните истражувања и контакти со наставниците и студентите, Комисијата за унапредување на наставата воочи дека во овој пандемиски период (но не само тогаш!) на наставниците и студентите им е потребна некоја форма на психосоцијална поддршка. Наставниците се во непосредна и континуирана комуникација со студентите и се во позиција да насочат/помогнат кога и каде можат, но не секогаш се чувствуваат подготвени за таквите предизвици. Од друга страна, за воопшто да можат да бидат од помош, и самите треба да умеат да се грижат за својата психо-социјална состојба.
Со таа цел, Комисијата организира психо-социјална интервенција со работен наслов „Психосоцијална поддршка на наставниците и студентите од Филолошкиот факултет во услови на пандемија“. Се работи за серија онлајн-работилници со група од 15 наставници од Филолошкиот факултет во периодот март-јуни 2021 под раководство на клиничкиот психолог Лина Ќостарова Унковска. Во рамките на средбите би се лоцирале критични точки за помош врз база на емпириски податоци и би се отпочнале групни дискусии со цел унапредување на образовните и личните услови за работа, на пр. преку поголема вклученост на сите засегнати страни во релевантните процеси, континуирана комуникација и формирање тимови и мрежи на соработка и поддршка.

Предавач

image.png
Лина Ќостарова-Унковска е магистер по клиничка психологија, специјалист по психологија на траумата и истражувач во областа на менталното здравје и добросостојбата на младите: .;
Своето образование и специјалистички студии ги стекнува на Белградскиот Универзитет, Чико Универзитетот (Калифорнија) и студиски престои во САД, Израел и Турција.
Во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како предавач на предметите Клиничка психологија и Ментално здравје, во 1991 год. таа го оформува првото психолошко советувалиште за студенти, од каде, со група колеги и апсолвенти по психологија, ги иницира и првите развојни проекти за помош на заедницата погодена од војна и бегалство.
Во 2001 година Лина Ќ. Ункоvска го основа Центарот за психосоцијална и кризна акција - , независна професионална агенција, како одговор на потребата од психо-социјална помош и поддршка на поединци, групи и заедници под ризик во услови на војна, бегалство, меѓуетнички конфликти, злоставување и дискриминација, преку активно вклучување на заедницата и на младите во процесот на промени.

Работилница 1 (26.3.2021): Белешки

На воведната работилница учествуваа 14 наставници.
По воведното претставување, предавачката Лина Ќостарова Унковска, ги претстави биопсихосоцијалниот модел на менталното здравје, карактеристиките и развојните потенцијали на кризата (со посебен фокус на сегашната криза со пандемијата од нејзиниот почеток до денес), како и концептите на приврзаност и автентичност како придвижувачи на развојот.
Биопсихосоцијалниот модел на менталното здравје подразбира холистички пристап кон здравјето на човекот. Според овој модел, здравјето не претставува отсуство на болест. Менталното здравје на човекот зависи од меѓусебната поврзаност на биолошките, психолошките и социјалните фактори, што бара интегративен и интердисциплинарен пристап кон решавање на проблемите, како и активно вклучување на човекот во процесот на истражување и барање решенија.
Кризата е нарушување на рамнотежата меѓу основните потреби на еден систем (индивидуа, семејство, група, општество) и неговите заштитни механизми. Кризата бара прилагодување и промени. Секој човек реагира различно на промените. Продолжената криза (предизвикана, на пример, од долгорочно злоставување, војна, пандемија) е трауматско искуство кое бара комплексни одговори, т.е. градење нови механизми на заштита и наоѓање нова смисла.
Одговорот на кризата зависи од два основни двигатели на развојот: приврзаност (човекот е социјално битие и зависи од другите луѓе за да преживее) и автентичност (да се биде свој и во контакт со себе). Кризата по правило го активира потенцијалот на приврзаноста, но конкретната пандемија го блокира развојниот потенцијал на приврзаноста. Луѓето кои се во позиција да помогнат, на пр. наставниците, можат да го направат тоа преку автентична љубопитност, освестување за потребите и добросостојбата, вклучување на студентите во процесот на помагање, освестување за тоа што им се случува и како реагираат на тоа со цел да се откријат ресурсите за помош и самопомош, реорганизирање на врските и просторот, и наоѓање нова смисла за животот понатаму.
Главните прашања што произлегоа од дискусијата на наставниците се однесуваа на:
- Свесноста на наставникот дека помага, т.е. според кои показатели да го мери тоа
- Мотивацијата на студентите за вклучување во дискусиите на часовите
- Самодовербата (преголема или премала?) и како се соочуваат со конструктивната критика од наставниците
- Изборот на теми за обработка на часовите (поведри теми или слични на сегашната ситуација од други историски или фиктивни периоди)
Главни препораки:
- Наставниците имаат влијание не само врз академскиот развој на студентите туку и врз нивното созревање како личности затоа што низ наставата студентите стекнуваат нови искуства, самодоверба и градат нови идентитети. Студирањето не е само форум за академски раст.
- Наставниците кои се отворени и да ги прифаќаат со почит различностите, вклучително и различните ставови и мислење, и оние кои се спротивни на нивните, практикуваат инклузивна настава во која им се дава шанса на сите.
- Наставниците треба прво да бидат во можност да си помогнат себеси, па потоа на другите, вклучително и на студентите; да воспостават контакт со себе, па потоа со другите.
- За да ги разберат студентите, наставниците треба да ја видат широката слика, да бидат свесни дека поединецот е дел од поголем систем.
- Многу е важен пристапот на наставникот кон процесот на учење. Наставниците треба да го сфаќаат учењето како двонасочен процес: колку студентот учи од наставникот, толку и наставникот учи од студентот.
- Излезот од кризата е во креативноста и во новите пристапи.
- Поради пандемијата, на младите им недостасува контактот со врсниците. Тој однос, кој им е ускратен во моментов, е од клучно значење за нивниот развој бидејќи преку него ги тестираат сопствените можности, тој им овозможува позитивна конкуренција, експериментирање, преземање ризици, ослободување и осамостојување. Наставниците треба да најдат начини да овозможат/изградат простор да се слушне нивниот глас и нивните потреби.
- Кога наставниците се соочуваат со некаков проблем во наставата, може да ги вклучат студентите во наоѓањето решенија.
- Наставниците треба да бидат свесни дека секој студент напредува со сопствено темпо и дека искуственото учење е најделотворно. На часовите треба да им се овозможи на послободните студенти да ја водат групата напред.
- Наставниците треба да бидат свесни дека нема еден универзален пристап што би им одговарал на сите. Има многу пристапи.
- Ако студентите се соочуваат со страв од неуспех, треба да се поттикнат да се соочат со стравот, да се поттикнат да истражат како реагираат на стравот (панично или аналитички) и да се вклучат во решавањето на проблемот. Во спротивно нема развој.
- Наставниците кои се заинтересирани за психо-социјалната интервенција треба да ја вклучат во секојдневните работни обврски, а не да бидат достапни надвор од работното време бидејќи простор и време за одмор и за приватност мора да има.
Корисен линк:
Веб-страницата на Универзитетот во Берген има посебни совети за студентите како да се справат со онлајн учењето во време на пандемија

Работилница 2 (5.4.2021): Белешки

На работилницата учествуваа 12 наставници.
Работилницата започна со осврт на Лина Ќостарова Унковска на главните три насоки во кои проектот може да се развива, а кои произлегоа од дискусиите со групата во рамките на Работилница 1:
1. Унапредување на комуникацијата со студентите (на пр. преку личен контакт, охрабрување, и поттик на нивната мотивација за студирање)
2. Управување со сопствениот (личен) живот и подобрување на неговиот квалитет во услови на пандемија, бидејќи психо-социјалната ситуираност е претпоставка за помош на другиот (на пр. студент, колега, пријател)
3. Унапредување на условите за студирање и развој на сите студенти на Филолошкиот факултет во услови на пандемија, со подобрување на нивната еднаквост и инклузивност во користење на ресурсите за студирање и на психосоцијалната помош (на пр. преку учество на наставниците, преку активна вклученост на студентите, преку учество на Деканската управа)
Во рамките на Работилница 2 се дискутираа овие меѓусебно поврзани нишки, но за да им даде контекст, Лина ни обрна внимание на неколку локални истражувања што би можеле да послужат како теоретска подлога за нашата интервенција. Лина потсети на неопходноста да се истражат следните три пункта за да се дизајнира успешна интервенција:
потребите на целната група (во нашиот случај, наставници и студенти)
нивните механизми за заштита од криза
расположливите ресурси на групата.
Таа исто така потсети дека кога задоволувањето на потребите е оневозможено, треба да се бараат нови механизми на заштита и нова смисла.
Првото истражување за кое Лина зборуваше е студија чиј ко-автор е самата таа. е спроведено во април 2020 и се занимава со начините на кои различни категории испитаници реагираат на пандемијата. Таа особено се задржа на возрасната група од 18-34 години, т.е. групата во која припаѓаат нашите студенти. Според неа, тоа е најранливата категорија граѓани на кои остварувањето приврзаност им е особено важно, а кои наместо да бидат вклучени во изнаоѓањето решенија за пандемијата, континуирано се стигматизирани од страна на општеството (на пр. за нив се зборува како за клучни пренесувачи на вирусот). Така, наместо да имаат прилики да учат од и за кризата, младите реагираат на тој начин што или се затвораат во себе (состојба што обично е проследена со чувства на немоќ, инфериорност, страв, анксиозност, депресија и дистанцирање од реалноста - последниов се смета за најпримитивен механизам на одбрана) или се врзуваат за научени однесувања (на пр. продолжување со редовните дружења). И двеве екстремни реакции на кризата не оставаат простор за креативно учење заради адаптирање на новата ситуација, што е штета, бидејќи младите ги имаат креативните ресурси, но не (се поттикнати да) ги користат проактивно, на пр. преку нивна вклученост во општествените текови.
Потоа Лина се осврна на Настава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во услови на пандемија спроведено во јули-август 2020 од страна на Елена Ончевска Агер и Руска Ивановска-Наскова. Читајќи ги наодите, Лина стекнала чувство дека потребите на студентите и на наставниците не се така различни. Обете популации зборуваат за пад на мотивацијата за работа, тага и анксиозност како последица од пандемијата, а наведуваат и слични потреби, на пр. неопходност од грижа за себе, грижа кон нив од заедницата во која припаѓаат (вклучително и академската), грижа кон нив од страна на системот. Во кратки црти, двете популации зборуваат за потребите од самопочитување и почит од другиот/другите. Според Лина, ова се нормални реакции на луѓе во контекст на продолжена криза. Лина понуди неколку можности/избори/акции за справување со такви кризни состојби:
освестување на сопствените потреби
создавање „безбедно место“
грижа за себе, прифаќање на сопствените емоции
менување на приоритетите
барање помош
свртување кон другиот/другиот и нудење помош
редефинирање на смислата за живот.

Дискусијата продолжи со коментари од учесниците проследени со осврти на Лина:
Кризата во која се наоѓаме, бара амортизирање на ситуациите во домот, често интер-генерациски. > Лина: Кризата нуди можности за креативно преобмислување на автентичноста во смисла на подобрување на сопствениот живот преку адаптација. Имаме простор и за преобмислување на приврзаноста - да зборуваме со оние за кои имаме обрска за грижа (на пр. деца, студенти) отворено, без потиснување на „непопуларни“ чувства, без лажен оптимизам. Исто така, треба да се размисли за нови обрасци на комуникација - на пр. неколку семејства можат да формираат свој безбеден комуникациски меур за да обезбедат прилики за меѓусебна дружба на генерациите.
Кризата трае долго, сепак, сите се однесуваат како добро да се справуваат со неа. Студентите велат дека им се допаѓа онлајн-наставата (на некои студенти часовите им се прилика за бегство од реалноста). Дали е тоа нормално? > Лина: Студентите се малку поразлична генерација од наставниците. Нив престој пред екран не им е толку туѓ. Освен тоа, им одговара тоа што можат да се вклучат во наставата кога ќе посакаат (ова не е опција при физичкото следење настава, каде или си вклучен или не си). Но, дали ова може да се генерализира на сите млади? Колку се навистина задоволни од квалитетот на наставата? Колку се вклучени во наставата? Мораме да бидеме креативни во тоа како ги задоволуваме потребите во ново време на криза, кога старите обрасци веќе не важат.
Од друга страна, од пишани текстови на студентите на тема нивните лични пандемиски искуства, се гледа дека тешко ја поднесуваат кризата, иако можеби на прв поглед не изгледа така. Се поставува прашањето: дали и колку често да отвораме дискусија на тема пандемијата? Дали и колку тоа им е корисно на студентите? Можеби не ни е нам место да прашуваме - можеби тие преферираат таквите искуства да ги споделуваат со ним блиски луѓе.
На почетокот на кризата пооптимистички ѝ се пристапуваше. Сега се поставува прашањето: што кога ова ќе заврши? Постојат луѓе кои се плашат од човечки контакт заради ризичноста. Јасно е дека новата нормалност нема да биде иста со онаа на која бевме навикнати. Како ова ќе се одрази на работата на наставниците? > Лина: Не може човек бесконечно да се адаптира без да биде вклучен во решавањето на проблемот. Оттука, јасна е причината за ваквата загриженост. Но, од од друга страна, сега сме многу поподготвени отколку пред една година. Имаме ресурси (на пр. знаења во врска со кризата) со кои можеме покреативно да им приоѓаме на новите предизвици. Имаме шанса да направиме социјален/духовен капитал од кризава.
Реакциите на криза некогаш имаат форма на заземање контрадикторни ставови. На пример, еднаш одобруваме карантин како здравствена неопходност, еднаш не го одобруваме поради загрозување на личните слободи. Сакаме да им помогнеме на студентите така што ќе ги прашаме како се (некогаш без да ни одговорат!), но се плашиме да не ја преминеме линијата: до каде имам право да ги распрашувам и зошто воопшто би зборувале со мене? Освен тоа, постојат очекувања од другите за наша многу поголема расположливост од порано: дома сме, зошто да не вметнеме уште еден состанок во денот? > Лина: Големите осцилации во расположение се сосема очекуван резултат од состојба на продолжена криза. Но, сега е време да се биде искрен со средината колку од нашиот простор можеме да ѝ отстапиме. Имаме моќ ова да го спроведеме во практика. И, мора да се врзуваме за луѓе/активности што ни се корисни. На тој начин би биле проактивни, а не во постојана состојба „на штрек“.

Работилница 3 (14.4.2021): Белешки

Во рамки на Работилница 3 учесниците ги употребуваа теоретските алатки разработени на претходните средби во контекст на дискутирање специфични сценарија на теми инспирирани од пандемијата. Како следен чекор, беше договорено наставниците да работат во помали групи (3-4 колеги) со цел да разменат мислења и искуства за тоа како да ја подобрат комуникацијата со студентите, т.е. како да ги развијат сопствените капацитети за да им дадат поддршка. Понатаму, учесниците ќе спроведат конкретни активности со нивните студенти и на Работилница 4 ќе реферираат во врска со таквите искуства.

Работилница 4 (28.4.2021): Белешки

Наставниците ги развиваа своите вештини за само-помош и разменија искуства од широката палета наставни иновации во нивните контексти.

Работилница 5 (12.5.2021): Белешки

И на оваа работилница продолжи работата на полето на само-помош, како и размената на искуства во врска со различните обиди на наставниците поактивно да ги вклучат студентите во наставата.
Белешките од идните работилници се интерни и се споделуваат во проектната група.

Втор циклус работилници (декември 2021 - јуни 2022)

На барање на повеќето учесници од првиот циклус работилници од проектот за психосоцијална поддршка на наставниците и студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Комисијата за унапредување на наставата организира втор циклус во соработка со клиничкиот психолог Лина Ќостарова-Унковска. Целта на вториот циклус е да се одржат придобивките од првиот циклус работилници и да се разработат стратегии за поактивно вклучување на студентите и во наставата и во институцијата.
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.