Skip to content
Настани

icon picker
Средби со професијата: Превод и толкување

На средбата свои искуства ќе споделат колеги со различни преведувачко-толкувачки профили: претставници на работодавачи од јавниот и приватниот сектор и колеги практичари од областа на книжевниот превод и толкувањето.

Најава

На средбата свои искуства ќе споделат:
Марија Бојкова-Блажеска, раководител на одделението за преведување и координација на процесот на преведување во Секретаријатот за европски прашања при Владата на РСМ
Лазар Попов, преведувач/толкувач и сопственик на преведувачка агенција
Живко Грозданоски, книжевен автор и преведувач од италијански на македонски јазик и обратно
Љуљета Адеми, преведувач/толкувач од албански на македонски јазик и обратно и советник на Претседателот на РСМ за инклузивност

Време: 20.5.2021 (четврток) од 17:00 часот
Место: Зум
Topic: Средби со професијата: преведување/толкување
Time: May 20, 2021 05:00 PM Sarajevo, Skopje, Zagreb
Join Zoom Meeting
Meeting ID: 972 2515 2941
Passcode: 473905

Белешки од настанот

На панел-дискусијата присуствуваа 55 колеги, наставници, преведувачи и студенти. Дискусијата ја модерираа Соња Китановска-Кимовска и Бобан Карапејовски.
Марија Бојкова-Блажеска во своето излагање говореше за преводот во рамки на Секторот за европски прашања (СЕП). Во СЕП се прави подготовка на националното законодавство со цел да се хармонизира со европското законодавство. Во рамки на Секторот за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ (Acquis communautaire) постојат: Одделение за превод и координација на процесот на преведување и Одделение за јазична ревизија и терминологија. Бојкова-Блажеска објасни дека во двете одделенија работат луѓе кои завршиле филолошки факултет. Во второто одделение се прави јазична редактура, а исто така се извлекуваат термини што се преточуваат во поимници. Во моментов процесот на преведување се одвива од страна на надворешни преведувачи, ангажирани преку објавен тендер, додека порано преводот го правеле преведувачи од СЕП. Во поглед на ангажирање на преведувачи, се бараат стручни и професионални квалификации и се ангажираат само лица со завршен филолошки факултет. Тестирањето се одвивало онлајн поради ситуацијата со Ковид. Во однос на потенцијален ангажман на студентите, Бојкова-Блажеска постои обука/менторство на студенти во СЕП. Двете главни забелешки се дека студентите обично се подобри во јазикот што го студираат отколку во макеоднскиот јазик и немаат познавања за користење на преведувачки алатки, како што се Вордваст, Традос и сл. Во тој поглед, се спомна препораката за поголемо внимание на изучување на македонскиот јазик за време на студиите, како и да се истражи можноста за подготовка на студентите да работат со преведувачки алатки во текот на студиите.
Лазар Попов во своето излагање кажа дека има 20 години искуство во превод, а 15-16 години искуство како менаџер. Фирмата во која работел има преведено околу 8.000 страници, а се занимавала и со превод и со толкување, додека од неодамна има своја агенција. Наведе дека еден чест проблем е тоа што, при преводот, синтаксата на мајчиниот јазик најчесто ја следи синтаксата на англиските реченици. Во таа смисла, Попов препорача да се зголеми обемот на читање литература, која во голема мера го подобрува изразувањето. Имено, не е доволно да се учат само техниките на превод. Ако некој не знае да состави осмислена реченица, не може да биде толкувач. Уште еден проблем во практиката е тоа што извесни клиенти, настојувајќи да остварат поголема добивка, бараат преведувачи кои помалку ќе ги платат, наместо да изберат по квалитет. При писмените преводи, Попов ги враќа документите со “track changes” со цел преведувачите да обрнат внимание на слабостите при преводот. Во однос на симултаното преведување, вообичаено поискусен преведувач зема со себе помлад симултан толкувач да види како ќе го издржи стресот.
Живко Грозданоски во своето излагање говореше за искуството со книжевен превод. Тој тргнува од идејата „џабе работи, џабе не седи“. На почетокот од кариерата, тој самоиницијативно се зафатил со преведување на раскази од Буцати. Дури потоа, тој проект бил одобрен, со што влегол во преводот. На сличен начин, самоиницијативно, без однапред да има договор за издвање, се занимавал и со превод од македонски на англиски, односно преведувал песни од Ацо Шопов. Потоа ги споделил преводите со Влада Урошевиќ, кому му се допаднале преводите, со што била воспоставена соработка. Во таа смисла, Грозданоски препорача, ако некој чувствува таков порив за книжевно преведување, да се занимава со тоа, дури и ако нема конкретен договор. Од неговото искуство, убавината е тоа што книжевниот превод отвора многу соработки и ангажмани со финансиски надомест, односно отвора перспективи. Како важно, исто така го нагласи воспоставувањето соработка меѓу издавачки куќи и студентите. Од неговото искуство, во самиот процес на превод важно е да се користат речници на синоними.
Љуљета Адеми во своето излагање, кое беше споделено во видео-формат, нагласи дека пред да се преведе, многу е важно текстот добро да се разбере. Со секој нов превод, преведувачот сè повеќе се усовршува. Во своето дваесет-годишно искуство Адеми се соочила со големи предизвици, а истакна дека предизвиците се особено големи кога штотуку сте дипломирани и влегувате во пазарот на труд. Вистинската пракса се стекнува на пазарот. Во своето, пак, искуство како предавач, Адеми ги спомена проблемите со техничкиот дел: имено, не може да се работи практично ако нема кабини за вежбање на симултан превод. Во однос на книжевниот превод, постојат и подобри и послаби преведувачи, а ако преведувачот понуди лош превод, на пример на книга од албански јазик, читателите ќе ја побараат книгата на друг јазик. Преведувајќи лошо, преведувачот си правите противуслуга и на себе, но и на авторот, бидејќи мислите на авторот не се верно пренесени. Таа често препорачува преведувачот, особено на книжевни дела, да биде и еден вид на коавтор. Беше истакната и важната улога на ЗПРМ (МАТА) како здружение кое ги промовира професиите преведувач и толкувач и воведува стандарди за професионална етика и практика.
По излагањата следеше дискусија, а прашањата беа поставувани и во живо и писмено на платформата Зум. Стана збор за тоа колку преведувањето на книжевни дела помага во пишувањето на свои книжевни дела и обратно. Беше истакната потребата и важноста на доусовршување на преведувачките вештини и по завршување на факултетот, а беа наведени и некои активности, како преведувачки работилници и слично, што се практикуваат во однос на превод за време на студиите. Се разви и дискусија околу потребата од критика на објавени преводи, која веќе постои и треба уште повеќе да се развива. Едно од прашањата се однесуваше и на споредбата меѓу преведувачи кои завршиле филолошки факултет и оние кои имаат друго образование, но добро го владеат целниот јазик, при што се истакна потребата од читање заради збогатување на изразот. Тема на дискусија беа и преведувачките алатки, кои сè почесто се барани при писмен превод. Беа утврдени и некои точки на кои може понатаму да се работи во однос на подготовката на преведувачите за време на студиите, на пример да се размисли за диплома која би поврзала знаења од областа на јазик/превод и право, со оглед на големата потреба во моментов од преведувачи на правни акти заради усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ. Уште една идеја што се сподели беше курикулумот да се збогати со анализа на преводи на социјалните и другите медиуми, при што би произлегле практични вежби од искуството за надминување на честите грешки. Беше спомената и потребата да се поврзе примената на македонскиот јазик со часовите по превод, како и идните преведувачи да добиваат посериозна подготовка од областа на македонистиката.

Снимка од настанот


Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.