Речиси сите задолжителни предмети се одржувани на посебен и интересен начин. Предавањата се секогаш исполнети и искористени до максимум и обично часовите се одвиваат не само со фронтална настава, туку и со меѓусебна дискусија. Многу полесно е кога професорите користат примери во кои се воочува материјалот којшто се предава и кога нè задолжуваат и нас да изработуваме домашни во врска со материјалот, бидејќи на тој начин, преку тие изработки стекнуваме навика за идната професија и почнуваме да дејствуваме како идни вработени [...]
Професорот при предавање запишува забелешки на Word или предава од Power Point презентација за појасно сфаќање на нештата и ги вклучува студентите во дискусија.
[...] Професорката е отворена кон сите интерпретации и потоа ни го дава своето мислење или, пак некоја додатна или бекграунд информација која ќе ни помогне во анализирање на драмата. Секое посебно мислење од другите колеги помага при формирање на сопственото мислење на студентот. Всушност, дискусиите што ги правиме секој час и слободата во нив е тоа што овој час го издвојува како добра наставна практика.
Ретко се поставуваат дополнителни задачи за работа надвор од самата настава. Тоа ми овозможува да ги одморам очите и да си го организирам времето за совладување и дообработување на материјалот, кој е предаден. Притоа останува простор за да се осврнам и на проблематики по мое дополнително интересирање, а кои ги сметам полезни за моето професионално надградување и се во поткрепа на индивидуалните потфати на учење, кои се личен пронајдок на секој студент. Пред поставувањето на некоја не обемна задача, која се предвидува да биде докомплетирана самостојно надвор од часовите, професорот за време на наставата (понекогаш и во неколку часови, ако темата тоа го бара, пред самостојната задача да биде активирана) укажува на и ги разработува клучните моменти – конкретен вокабулар и неговото функционирање, вклучен во соодветни примери; идејно-структурна градба со можните варијации и сл. – оставајќи простор и за некое кусо, импровизирано вклучување и на студентите. Така, имајќи ги во рака веќе дадените насоки, како и спонтаниот разнообразен пристап од нас, студентите, добивам јасна претстава за обликот што професорот го предвидел, како и за варијациите, во кои можеме да се движиме. Тоа ја прави мојата самостојна работа многу поорганизирана, концизна и смислена, бидејќи не лутам во претпоставки и расплинување на времето во непотребни за моментот истражувања и усложнувања, во кои инаку потонувам, сакајќи максимално доследно да ја исполнам задачата. Сработеното се разгледува и коментира од професорот усно, во заедништво на целата група, што ми дава увид за распонот во креативната разноликост на работа со јазикот, како и сигнализирање на можните грешки.
[...]
Како целост, не маловажна особина при проверка, спроведувана лично од професорот (наспроти студент на студент), според мене, е фактот дека така се исклучува можноста од развој на потенцирана поларизација меѓу студентите на супериорни и инфериорни, која одвај ли ќе резултира со добра мотивација за понатаму кај оние, кои во дадениот период се, од некоја моментална причина, нешто послаби, побавни, но не и неодговорни. [...]
Преку платформата Падлет на студентите им е дадена слобода да ја покажат својата креативност и да искусат какво е чуството да предаваш на други. Оваа платформа не само што ја разубавува наставата, па дури и не ослободува пред нашите професори и нашите колеги. Поголем број на студенти сѐ уште го имаат стравот дека ако направат грешка ќе бидат посрамотени од страна на колегите, а и искарани од страна на професорите. Затоа моите омилени предавања беа кога имавме Падлет презентација и каде сите слободно дискутиравме на дадените теми. Јазикот најдобро се совладува преку комуникција и затоа студентите треба да се чуствуваат пријатно и ослободено за време на наставата.
Наставата се одвива онлајн. На час обработуваме драми со што професорката ни дава збор да читаме дел од драмата и самите со свои зборови како што сме разбрале во кратки црти да објасниме што всушност сфаќаме од дадениот текст. Професорката ги прифаќа и ги слуша сите наши размислувања и ставови и на крај ни го дава своето мислење на истата тема. Сметам дека нешта како тоа дека можеме сите да искажиме свое мислење и дека нема тука кој да згреши и дека професорката е отворена за секакви мислења и идеи од сите нас, тоа што ако нешто не ни е јасно професорката без никаков проблем ни го разјаснува на најлесен начин, би ја издвоила оваа настава како подобра.
Материјалот по [...] беше обработен во целост. Предметот налага многу читање и професорот извлече сѐ што може од студентите. Професорот задаваше есеи на одредените теми, критички прашања, проекти и сл. Од време на време ќе имавме час на Зум со цел да се надополнат некои слабости ако ги имаше, но и имавме видеоконференциски предавања. Значи професорот користеше неколку наставни практики.
[...] Место со физичко присуство на час да набљудуваме часови, го правевме онлајн. Користевме платформа Slack и интеракцијата помеѓу студентите се зголеми затоа што секој можеше да ги чита reflective papers од своите колеги, да коментира и да си помогнеме меѓусебно. Вооедно и професорот учествуваше во дискусиите со цел да бидеме по open-minded и за секое мислење аргумент со цел да поддржиме она што го кажуваме.
Една посебна настава за мене лично беше тоа што професорката даде на мала група студенти да направат презентација којашто ќе вклучи многу активности. Оваа задача е многу битна, бидејќи ги активира сите студенти што присуствуваат што е многу ретко во денешно време. Секако, и студентите што презентираа го направија предавањето специфично не само задачата којашто им беше зададена од професорката.
Според мене, во однос на условите, би било пожелно наставата да биде сѐ повеќе интерактивна. Најзадоволна сум со организацијата на преметот [...] бидејќи професорката се обидуваше преку презентации и заеднички дискусии да ни го предава материјалот. Освен тоа, ни поставуваше индивидуални, но и групни задачи на платформата Teams, што не беа само класични вежби, туку истражување на одредено глаголско време или начин во текст од весник, од песна и слично. Не го предаваше материјалот само од книга, туку ни претставуваше различни сајтови, видеа, песни поврзани со лекцијата, а тоа лично мене ме поттикнуваше повеќе да истражувам. Мислам дека со онлајн-наставата студентите имаат повеќе контакт со професорот и се чувствуваат послободно за да им се обратат. Имаме повеќе време за дополнителни часови, можност за пробни часови, како и индивидуални консултации со професорот. Сметам дека секој предмет треба да се одвива на овој начин, користејќи ги максимално можностите за учење од интернетот.
Е па овој семестар највеќе ми се допадна наставата (или пак да кажам што сум ја искусила) по предметот [...] поради тоа што во текот на тие 4 саати што ние ги имаме, ние го користиме целото време за да може да ни биде се објаснето, прикажано и секако да го сфатиме тоа што ни го предава професорот. Убаво е тоа што за време на часот имаме одлична комуникација со професорот, се разбираме и си помагаме меѓу себе. А па од друга страна, добро е тоа што имаме различне вид на работа за време на часовите. Имаме различни вежби во тие 4 часа и сешто можеме да прашаме, ни го дава професорот соодветниот одговор. [...]
Ми се допаѓа тоа што имаме интеракција, дијалог и учествуваме ние студентите во наставата, не сме на класично предавање што би било досадно и изморувачки. Иако е онлајн-настава добро се снаоѓаме.
[...] Асинхроните дискусии се водат и со професорката и со колегите во исто време – секој постира коментар на постот на соученикот. За секоја задача се поставуваат thought provoking questions кои не може да се одговорат со quick Google search, туку треба длабока промисла за да се створи мислење поткрепено со факти. И покрај тоа што личи на теоретски предмет, принудени сме to think outside of the box и да ја примениме теоријата – нема класично ,,бубање". По принцип на flipped classroom, ние како студенти ја носиме материјата за дискусија на (а)синхроните часови. Темпото е смртоносно затоа што секоја недела има нова задача и напати ќе сакате да се откажете и да зафрлите сѐ, но задоволството кое го добивате бидејќи сте научиле работи што ќе ги примените кога ќе сте на работното место не се заменува со ништо [...]
Наставата активно ги вклучува студентите преку постојана комуникација (зборување, чет, индивидуална работа, breakout rooms).
Студентите имаат слобода да го изразат своето мислење и искуство, што значително влијае врз мотивацијата и интересот. Активностите се различни и одлично приспособени за Зум, се учи по пат на индукција, со логичко размислување, игри, тимска работа и поддршка. Професорот е навистина одличен, спремен и со големо разбирање кон студентите.
Во овој зимски семестар 2020/2021 година [...] имаше позитивна промена во одвивањето на наставата по овој предмет за разлика од предавањата во летниот семестар 2019/2020 по предметот „Преведување [...]“. Наместо да се преплавува четот со преводи на скајп, овој семестар преводите на текстовите ги проверувавме така што секој од нас го споделуваше својот екран и на тој начин професорката ни укажуваше на грешките во преводот. [...]
Професорката [...] покани апсолвенти на катедрата како гости за да ги претстават своите презентации, кои ги изработиле како испит кога за прв пат го слушале истиот предмет. Ова ја разби монотонијата на онлајн-часовите и овозможи битна размена меѓу поранешните и сегашните студенти.
Професорката по англиски јазик прво многу убаво ни објаснува, потоа со кревање на рака решаваме задачи. Ова ми овозможува, барем на мене, да го совладам материјалот лесно.
Позитивна професорка, слободни и релаксирани за време на паузите, разбирливост кога нема да сме присутни на некое предавање.
Професорката редовно присуствуваше, имајќи одличен однос со нас. За време на нејзината настава имаше доволен пријателски однос со што се чувствувавме удобно и опуштено. Не би истакнал еден исклучителен настан, туку целокупниот однос кој беше постојан и пријатен а истовремено и ефективен. Целосна подготвеност во секое време, приспособување на околностите, имање на решенија и задачи за различни намени, посветување внимание, сите придонесоа за успешен образовен циклус каде сите сме задоволни.
Морам да ја пофалам професорката [...], која слободно можам да кажам дека е една од најпозитивните професори и која во втор семестар ми предаваше [...]. Толку добро ги разработувавме сите кратки приказни и романи што немав потреба да учам за испитот туку само да ги разгледам сите белешки од предавањата. Презадоволна сум од нејзината посветеност и професионалност.
Немам зборови да опишам, прекрасно, јасно, концизно предавање, со интеракција на вежбите, без осудување ако студентот се збуни, прашува зошто мислиме така, објаснува зошто не етака и зошто не може да биде така како што мисли студентот. Бара и очекува критичко размислување и мислење.
Професорот беше половично забавен и интересен, се шегуваше и ни покажуваше видеа, но во исто време работевме и вежбавме тоа што требаше на часот. Тоа го направи часот да е информативен, но во исто време да не е здодевен.
Друг случај што претставува поспецифична настава за мене беше кога еден професор по изборен предмет ни објаснуваше многу кратко и јасно така што ни остануваше голем дел од предавањето и дури помагаше со други предмети и нѐ научи како правилно се пишува есеј со референци, а исто така и многу нѐ подржуваше, така што нѐ охрабруваше да не се натажиме ако не постигнеме нешто (како паѓање на испит).
Наставата се одвиваше онлајн на апликацијата Zoom. Мислам дека тоа што ја правеше наставата забавна и интересна беше мотивацијата на професорката и времето што го посветуваше да ни објасни преку презентација за лекциите, но најважно беше што сите ја слушавме со внимание и заинтересираност, особено кога имавме и вежби. Секој нареден час бевме сѐ подобри и подобри во изговор и пишување на зборовите и плус препознавање на грешките.
[...] Очигледно беше дека сите професори од катедрата [...] вложуваа огромен труд во припремањето и водењето на часовите, од кои би сакала да го издвојам [...] чии часови се едни од најинтересните, покрај тоа што се одвиваат онлајн, бидејќи најмногу ја користи техниката за активирање и инкорпорирање на студентите и нивните мислења/коментари/проценки во вежбите и самата настава.
Наставата се одвиваше навистина многу добро, без разлика на тоа што сега сме онлајн, добар дел од професорите дадоа сѐ од себе за сѐ да биде совршено и многу подостапно за нас студентите.
Е па според мене ова е едно ново искуство за мене како студент и навистина професорите се тие коишто на некој начин ни ја олеснуваат работата, со тоа што се толерантни и разбирливи. Се разбира дека има и некои негативности, но се недевам дека со голем труд можеме сѐ да надминеме.
Професорите да се насочат повеќе на предавање со презентации и темелно објаснување, а не да прават проверка на знаење на секој час, која подоцна е оценета и влегува во крајната оценка, а притоа ништо од тоа не било објаснето од професорот.
Да се апелира за поголема толерантност и повеќе разбирање од страна на професорите. Да не се бројат отсуства!
Сметам дека е многу важно професорите да ја земаат предвид состојбата на студентите, поконкретно да се даваат паузи од неколку минути по секоја сесија од 40 мин, да се има 20 мин. пауза помеѓу 2 сесии, активностите да варираат (барем неколку вида) и што поактивно да ги вклучуваат студентите (flipped classroom) [...]
Да немавме предавања и во првата половина на јануари, да беа фиксирани само до крајот на декември, можеби ќе биде подобро.
Исто така, сакам да спомнам дека процесот на упис и добивање оценки во индекс би можел да се поедностави – ако и само за време на пандемијата. Ние имавме чуство дека ги добивме информациите за зимскиот семестар многу касно, пример – на многу од нас ни фали оценка во индекс.
[...] за вонредните студенти:
[...]
- во време на запишување семестри и слични административни работи, да има посебна недела за нас со работно време до 16 часот, да не нѐ ограничувате временски за уписи, бидејќи повеќе пати плаќав казни, не од причина што не сум дошла на време да предадам документи, туку поради поклопување на гужвите од редовните студенти со моите обврски на работа или семејството;
- сè што се предава да се стави онлине на официјалната страница, материјал од кој ќе учи вонредниот студент, за да не се талка и да се бара од други студенти, кои не сакаат да споделуваат информации; ваше е да ни го „соберете“ материјалот на едно место и да ни дадете смерови што очекувате за да добиеме преодна оценка и повеќе;
-да ги снимате онлајн-предавањата и да ги поставите на официјалната страница на Факултетот, од каде што ние ќе можеме да го ислушаме кога нам ни одговара, поради тоа што одиме на работа сменски, па не сме во можност да го следиме директно;
- 10-те поени за присуство автоматски да ни следуваат и да барате од нас проектна задача од областа која се изучува;
- финансиски олеснувања за студент-родител на дете со посебни потреби.
[...] Секој од професорите се однесува како неговиот предмет да е единствен и најбитен. И самите часови се пренапорни и пренатрупани со материјали, константно се работи, пауза едвај 5 минути ако дадат (и тоа некои од професорите, не сите), а предавањата, како што веќе напоменав, на дел од нив траат и повеќе од саат време (по еден предмет еднаш дури и 2 часа траеше предавањето). Јас лично се трудам да ги разберам и нив и фактот дека и нив не им е воопшто лесно сето ова, ама со постапките и начиност на работа ми делува како да сакаат да ни одмогнат, а не да ни помогнат, па заеднички оваа поинаква година да ја поминеме полесно.
Професорите забораваат дека иако е онлајн-настава не значи дека по цел ден треба пред компјутер да се седи. Даваат толку многу „домашна“ или линкови кои очекуваат да се отворат или видат. Понекогаш како да забораваат дека има и други предмети и само гледаат да натрупаат материјал. Исто многу се жалат за непуштање камера, никако не сфаќаат дека понекогаш не е до нас. Може е интернетот, може има некој друг во собата, или пак сосема друга причина. Возрасни сме, свесни сме дека треба да внимаваме на предавањето, не треба да бидеме форсирани да пуштиме камера само затоа што професорката ќе се чувствува дека постигнала нешто со предавањето.
Традиционалниот метод им е омилен на некои професори и предавањата се досадни после 40 минути, а тие траат по 2 часа без пауза, нормално е дела на крајот ќе му се смачи на студентот. Инаку, доста дoбро се одвива наставата онлајн.
Единствена негативна работа за која ќе пишувам е тоа што во претходниот семестар колегите, за време на онлајн предавањата по предметите кои ги слушав, ми дофрлуваа недолични коментари (на пример: бавна си), не ме оставаа да се доискажам и се вклучуваа да го прашаат професорот/професорката нешто токму додека професорот/професорката ми објаснуваа нешто мене. Се чувствувам (а и тогаш се чувствував) крајно навредена од нивното недолично однесување кон мене, а професорите не реагираа и никогаш не ме штитеа од нивните недолични коментари и од нивното недолично однесување кон мене за време на предавањата. Ја користам оваа прилика да се пожалам за овој проблем. Факултетот, во овој случај, би можел да помогне со тоа што поединечно ќе се разговара со сите колеги кои ги слушаа и ги слушаат предавањата заедно со мене. Мој втор предлог е во Филолошкиот факултет да се вработи и психолог, со кој ќе можам да разговарам за ваквите случки со колегите и професорите.
До овој момент немам негативно искуство со ниту еден предмет или професор. Мислам дека максимално професионално и одговорно ни го претставуваат она што е во нивниот домен. Дури мислам дека онлајн-наставата, кога интернет-врската е добра, нуди и некои предности - звукот е подеднакво јасен за сите присутни, а не како што е во големите предавални/амфитетри, каде се напрегаш за да чуеш, а сепак не успеваш баш. [...] Можеби дополнителна сесија или порано завршување на семестарот, или пак да има слободен простор од 10-15 дена од завршувањето на наставата до почетокот на претстојната сесија – нешто, што би ни овозможило време одново успешно да се враќаме во чекор покрај индивидуалните незгоди, кои наголемо и изненадеж нѐ погодуваат сите.
За разлика од претходниот семестар, во овој семестар намалената мотивација ја чуствуваат поголем број на студенти. Материјалите се обилни, а времето изгледа многу кратко. Што би било добро од страна на Факултетот, а и од страна на професорите е намалување на материјалот или да се има предвид ситуацијата на студентите. Некои студенти живеат во поголемо семејство и за време на пандемијата имаат потешкотии кога станува збор за активност за време на предавањата или за спремање на испит. Исто, би било убаво да се има предвид дека некои студенти после предавањето одат на работа и да не се менуваат често распоредите.
[...] Се надевам следен семестар ќе се вратиме на факултет барем за некои предмети, бидејќи полагање и учење од Zoom НЕ ИДЕ. Барем испитите не ни ги ставајте од дома, бидејќи устен испит по Zoom е многу лошо и стресно.
Со оглед на тоа дека оваа пандемија започна додека бев надвор од нашата земја и сѐ уште немам прилика да се вратам, онлајн-предавањата ги следам 100% и сметам дека се многу поефективни од оние пред тоа на универзитетот.
Всушност, нема потреба од губење време во барање простории и чекање на професори, а посебно зимно време мрзнење во одредени простории и ходници.
Од друга страна сум поприлично разочарана што по другиот предмет што го слушам не се одржуваат вежбите како што е предвидено и досега сме имале само едни вежби овој семестар, а потоа на испитот се даваат вежби.
Немам ништо да прокоментирам во врска со наставата, сѐ е супер, но имам забелешка во врска со изборниот предмет [...] затоа што откако го избрав, на петти октомври, досега не сум добила мејл за час. Праќав мејлови за да ми кажат некаква информација и на професори од катедрата за тој јазик, но немав никаков поратен одговор, бев дури и на Факултетот неколку пати, но немаше никој, така што можеби тој изборен не ни го предаваат оваа година и сум требала да изберам друг, но немам никаква информација.
Тешко ни е за време на пандемијава да одиме по Студентски прашања и да чекаме таму да не услужат. На сите ни е страв да не се разболиме од вирусов, па мислам дека треба да имаме како онлајн-страна за Студентски прашања, каде ќе можеме да пристапиме со вработените од студентски прашања или сами да си ги вршиме административните работи за кои чекаме. Фала однапред.