Skip to content
Gallery
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија
Share
Explore
Сведоштва

icon picker
Rainbow

Создавањето на учебникот Rainbow: Љиљана Калиниќ-Ордева и Виолета Кузмановска (разговараа Илина Качинске и Елена Ончевска Агер, 26.2.2024)
Авторките Калиниќ Ордева и Кузмановска се присетија за процесот на создавањето на учебникот Rainbow, од замислата до конечната реализација и употребата на учебникот во наставата. Rainbow е авторски учебник за англиски јазик на Злата Манговска, Љиљана Калиниќ-Ордева, Виолета Кузмановска и Анета Стојковиќ, со илустрации од Дарко Марковиќ, а во издание на Центарот за странски јазици (прво издание во 1982 година). Пакетот се состои од учебник, работна тетратка и касети, и тоа за два степени, први детски (Rainbow 1) и втор детски (Rainbow 2).
Авторките најпрво ни раскажаа за потребата самите да напишат учебник. Во 80-те години учебниците за деца со кои работеле биле недоволно привлечни за деца бидејќи се базирале само на текст. Визуелната поддршка за часовите често била дополнително изработена од други колеги, и тоа во форма на нагледни табли кои тие наменски ги носеле на час. Авторките сметале дека за да им бидат интересни на децата но и за да поттикнат имплицитно и индуктивно учење својствено за деца, учебниците треба да содржат слики и да се темелат на приказни блиски до децата. За таа цел, долготрајно и темелно ги истражувале и анализирале постоечките учебници за деца, во поглед на нивната структура и изборот на теми и јазични содржини. Ја проучувале и литературата за тоа како децата усвојуваат втор јазик. Меѓу другото, ги интересирало и од која возраст е препорачливо деца да почнат да учат странски јазик (во тоа време децата почнувале да учат англиски во училиште од 5-то одделение). Ваквите истражувања ги охрабриле да работат на учебник за деца од 2-3 одделение. Понатаму, авторките направиле низа интервјуа и анализи на потребите на учениците, на тој начин вклучувајќи ги децата во изборот на темите и ликовите. Така, децата и карактеристиките на нивниот развој зазеле централно место во процесот на креирање на учебниците. Како резултат на оваа нивна работа, учебниците Rainbow се организирани околу случките поврзани со неколку деца и нивните семејства. Секое поглавје претставува нова епизода од нивните авантури.
И покрај полниот фонд часови во Центарот за странски јазици (само Манговска тукушто се пензионирала, но не била помалку зафатена од другите членови на тимот со вонредни семејни обврски), авторките работеле на учебникот неколку пати неделно, во период од три до четири години. Структурата на учебнокот, во смисла на теми и јазични содржини, ја испланирале до детаљ на големи хамери заради прегледност. Пред секоја средба, си задавале задача да дојдат со идеи за одредено поглавје. На средбите, преку соработка и размена на идеи доаѓале до конечниот излед на секое поглавје. Таквиот начин на работа ја објаснува кохезивноста на поглавјата низ учебниците. Во процесот на работа, често проверувале како нивните ученици реагираат на ликовите и содржините на учебниците, а тие информации ги користеле за подобрување на учебниците.
Првичните илустрации ги правеле самите, а кога немале цртежи, со зборови, во детали, објаснувале кои визуелни информации треба да ги содржи секоја сцена во учебникот. Врз база на тие описи, Марковиќ ги развивал ликовите и сцените. Авторките го посочуваат личниот печат на Марковиќ во илустрациите; имено, главните ликови во изгледот потсетувале на членовите на неговото семејство.
Авторките се присетија и на процесот на снимање на придружните аудио материјали. Тој дел од проектот, според нив, бил најтежок бидејќи било потребно да се најдат соодветни учесници, деца и возрасни, и да се обучат соодветно да звучат на снимките. Во целиот процес, се консултирале и со изворниот говорител Патриша Марш.
Како учебник, Rainbow се употребувал 20-ина години, во Центарот за странски јазици, но и во други училишта за јазици ширум земјата. Според Качинске и Ончевска Агер, Rainbow сѐ уште изгледа исклучително современо и претставува привлечно четиво за развивање на читателските вештини и интересот за англискиот јазик кај децата.
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.