Адаптација за Образовната програма на МТВ: Сеќавање на Благородна Богеска
Некаде во 1992-93 година во Центарот за странски јазици се појави една видео касета со цртана серија во шест епизоди, наменета за учење основен англиски јазик за деца. Беше издадена од ВВС неколку години пред тоа, а главниот лик, вонземјанинот Мази, беше толку допадлив што брзо стана омилен кај нашите најмлади ученици. Во тоа време беше реткост да се најде квалитетен видео материјал за учење јазици и сите го прифативме со воодушевување.
Неколку години подоцна, во 1995 година, Мице Јанкуловски, уредник на Образовната програма на МТВ, побара соработници од редовите на ЦСЈ за да постави емисија за учење англиски јазик за деца. Не се сеќавам зошто и како, но јас и колешката Елеонора Корженска, бевме назначени за овој проект. Решивме да ги адаптираме шесте епизоди од оваа серија, со тоа што додадовме забавни игри за учење вокабулар и граматика, а посебен дух на ова му даде нашата ученичка Румена Бужаровска, која стана водител на серијата.
Не ни беше доделен ниту режисер како што треба, ниту сценарист или консултанти. Сами ги креиравме игрите, цртавме слики, носевме реквизити од дома, ги пишувавме текстовите за водителката... Малку ми личеше на детските претстави што ги спремавме со другарите во детството. Се` што имавме беше нашето искуство од десетина години работен стаж во ЦСЈ.
Сигурна сум дека од денешна гледна точка на оваа продукција би можеле да и` се најдат бројни недостатоци, но беше важно дека работевме со голема волја, а се надевам дека гледачите се забавуваа и научија нешто од овој наш потфат.
Want to print your doc? This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (