Skip to content
Gallery
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија
Share
Explore
Сведоштва

icon picker
Мирка Мишиќ, виш лектор

Интервју: Мира Беќар
Транскрипција: Мира Беќар


„И патувавме со воз и брод од Скопје до Лондон барем два дни и една ноќ“
Мирка Мишиќ
Мира: Кои се вашите почетоци во наставата по англиски јазик? Како влеговте во оваа приказна?
Мирка: Ние чекавме да се отвори англиска катедра во Скопје бидејќи немаше. Крај на 50те, со Фросина Корнети решивме да студираме Правни науки, бидејќи немаше Катедра за англистика, постојано се одлагало отворањето на таква катедра, не оваа, идната година, па полагавме предвојничка обука, оти тоа ќе ни треба, положивме и во 1957 се отвори Англиската катедра. Првата моја работа беше во времето кога англиски многу малку се зборуваше во Македонија и во Скопје. Во 60те Отидов во Англија, во една фамилија помагав, тогаш се викаше Mothers’ Help. Имаше девојченце од 3 години, се роди и едно машко детенце и таму поминав 10 месеци. Кога се вратив, бев една од 3-4 во Скопје што знаеја англиски нешто и јас бргу потоа во Орце Николов се вработив. Во тоа време многу често ни доаѓаа од Американски Културен Центар и од British Council-Британскиот Совет држеа предавања и се гледавме луѓето што предаваат англиски јазик во Скопје. Ќе кажеш збор, ќе се замешаш во дискусија и се сеќавам Владо Цветковски (проф. на Катедрата) ми рече ,,Ти не си за Орце Николов, ти си за кај нас.“
Јас имав среќа во Англија дека живеев бев во фамилија на интелектуалци. Тој беше школски инспектор, а таа била учителка во основни училишта, Јазикот им беше чист, убав англиски, не беше кокни или некој друг дијалект и јас од нив научив убав изговор. И Владимир Цветковски и Иванка Ковилоска рекоа ,,Да, нам ни треба лектор.“ Поминаа месеци и години, пак ми се јави Иванка со зборовите „Ај да дојдеш на еден муабет, да работиш кај нас.“ Тоа беше крај на 60те (67ма). Отидов на разговор, таму беше и Велко Силјановски, човек со желба да направи нешто, но како Прилепчанец, зборлив и ги нервираше луѓето, ама беше ангажиран и желен нешто да створи во работата на Катедрата“. Ми рече, „ти сакам да работиш фонетика“, реков, „не сум за фонетика“, Тој додаде, „ама изговорот ти е добар.“ Велам, „ќе дојдам, ако ме сакате.“ Отидов на разговор и не беше проблем да се отвори работно место.
Таму беше тогаш и Даринка (Дара) Арсова. На Велко му велам, „времево неубаво ми го погодивте, јас чекам бебе.“ Тој одговори, „ако, па сите тоа ги чека.“ Се сеќавам 1971 година во февруари јас тргнав на работа, арно ама бидејќи на сред година почнав, немаше групи за мене и ме пратија да предавам јазик под „Ц“ и во библиотека ме ангажираа едно 4-5 месеци. Се запознавав со луѓето, со работата на Факултетот, уште бевме тогаш во Шумарски факултет по земјотресот. Во 1972, Катедрата се пресели во сегашната зграда, новоизградена зграда. Ја паметам 1972, имаше Олимпијада во Минхен кога Арапите застрелаа спортисти од израелскиот олимписки тим и тоа беше страшна катастрофа. После тој настан требаше да се одржи шаховска Олимпијада во Скопје. На отврорањето на Олимпијадата седи некој на маса голема, му се скрши столот и падна човекот и сите свикаа, еве и овдека дошле да пукаат.“ Така по нешто се случува да ги запаметиш и годината и случувањето.
Почнав со прва година лекторски часови по Современ англиски јазик во септември 1971. Греам Рид и Пеги беа тука, како и Дара Арсова, Иванка Ковилоска, Велко Силјаноски, Владимир Цветковски, Милка Калајџиска и имавме еден Англичанец кој се ожени со една наша студентка, па си заминаа.
Мира: Колку студенти по англистика имаше во тоа време? Имаше ли тогаш интерес, поради доминацијата на францускиот или рускиот јазик?
Мирка: Можеби во некое училиште, но немаше во училиштата редовна настава по англиски јазик. Немаше кој да предава, немаше образование за наставници по англиски јазик. Пред сето ова, јас работев две години како кореспондент по англиски јазик во Македонија Дрво – извозно претпријатие за дрво. Ние бевме преведувачи.
Мира: Дали студентите студираа само англиски или студираа комбинации на јазици?
Мирка: Во тоа време на јазичните групи мораше да се студираат по два јазика. Сите така студиравме. Еден јазик само, малку е. Сите имавме комбинација со македонски јазик. Јас сакав Историја на уметност да земам, бидејќи јас во гимназија со Фросина Корнети посетувавме Класична гимназија. Постоеја реална гимназија и класична гимназија. Во реалната гимназија кај што се обраќаше внимание на природни науки имаа доста физика, хемија, математика имаа, а ние немавме, ама ние уште од прва година имавме латински. Осум години учев латински јазик и четири години старогрчки и тоа мене ме упати на јазична насока.
Првин ми беше мака, 8 години да изгубиш време за латински јазик, ама после увидов дека тоа ме направи познавач на јазик, што е јазик, што се падежи. За Македонци падежот е табула раса. Нормално ни беше после тоа со Фросина јазик да студираме, другите отидоа Правни науки да студираат. Прво и ние сакавме право да студираме но, не ни се бендиса и ко се отвори Катедрата за англиски јазик следната година, се запишавме. Не знаеја што е врската меѓу морфологија и синтакса, а ние знаевме со Фроси (Фросина Корнети). Штета е што не се учи латински сега, богат јазик.
Мира: Имаше ли тогаш учебници? Како се учеше?
Мирка: Имавме. Марија Стенфилд Поповиќ, Англичанка мажена за Србин, во Белград таа ја држеше Катедрата за англиски јазик. Таа имаше учебници.
Мира: Тие таму ги пишувале? Во Белград имало тогаш учебникарство?
Мирка: Да. Таа во Белград имаше пишувано и тие најмногу ги користевме и нашиве студенти доста години потоа учеа англиски јазик само на час. Имавме англиски и американски филмови, ама не се учи од тоа. Се учи од телевизија, од радио, од телефон, од Интернет (сегашниве деца).
Мира: А имаше ли некои емисии на радио и на телевизија за учење англиски?
Мирка: Не. Ништо. Ниту во јазикот македонски не се употребуваше ниту едно зборче англиско. Ништо. Такашто многу зависевме од овој учебник од Марија Стенфилд Поповиќ и не знам дали сé уште го имате во библиотеката “Living English Structure”.
Да не беше тој учебник немаше да научат англиски нашите студенти. Добро направен учебник за класично учење, да ги учиш веднаш present simple, present continuous. Тоа беше потребно. Абер немаа нашите студенти што се тие времиња.
Мира: А во библиотеката доаѓаа граматики?
Мирка: Во библиотеката имаше граматики. Ние се занимававме со разјаснување што е тоа simple tense, а што е continuous и perfect tense.
Мира: Дали студентите што доаѓаа на Факултет доаѓаа со мисла да станат наставници?
Мира: Да, наставници или кореспонденти во извозни претпријатија. Имавме неколку големи извозни претпријатија. Фросина Корнети работеше како преведувач во едно претпријатие. Јас работев во „Македонија Дрво“ за увоз и извоз и кога почнав немав сé уште дипломирано.
Мира: Верувам тогаш имало поголема желба да се гради и развива англистиката во Македонија. Сега наставата не е пожелна струка. Каква беше климата на оваа тема, повеќе доминирал францускиот и рускиот во средните школи?
Мирка: Точно. Јас учев руски 4 години, па потоа уште 4 години англиски.
Мира: Кој беше статусот на англискиот и како се пробиваше?
Мирка: По земјотресот во Скопје, од некоја англиска Фондација добивме јазична лабораторија со касети. За многу фонетски вежби. И не само фонетски и синтаксата ја учеа многу. И дојде еден човек, претставник на Фондацијата кој не прашуваше колку е популарен јазикот. Му велам станува сé попопуларен по земјотресот. Растеше интересот и во 1954 се отвори Школата/Центарот за странски јазици. Таа Школа беше една единствена и многу помогна за изучување на јазикот. И тој ни кажуваше дека “Americans had been trying to introduce English in Europe as a second language but we failed.” It was French and German, the language of technology and industry. After the WWII-Second world war, Americans came over night, English became the most popular language in Europe. Човекот имаше право, знаеше што се случува во Европа и во светов. Дојдоа Американците и со нивното однесување, со нивните пари, со патувањата, и искуствата го зголемија интересот во Европа за учење англиски јазик. Тие доста помогнаа и во Македонија. Потоа ние добивавме многу книги од Британскиот Совет. Имаше и се поголемо барање за изучување. Мене ме викнаа во Работнички Дом во Скопје, бидејќи имаше потреба за преведување на филмови. Имаше некојa фирма, или Комисија, одредени од Владата луѓе кои бираа што филмови ќе се проектираат во нашите кина. Многу беше тешко бидејќи внимавав да не погрешам или прескокнам нешто, но тие луѓе не се грижеа толку, важно беше да се превeдат повеќе филмови.
Мира: Убаво било дека сте имале можност и за пракса во големи компании како преведувачи, еве и со превод на филмови и настава.
Мирка: Да, во големите извозни претпријатија имаше по една или две наши колешки. Такви работни места се отвораа. Мораше да вработат преведувачи за писмата и документацијата што им доаѓаше од Англија и што ја праќаа во странство. И со тоа се зголемуваше потребата за отварање на школи за англиски јазик. Првите наставници во Центарот за странски јазици беа Даринка Арсова, Џувалекоска, Мими Чоланческа. Тие Чоланчевци на времето имале големи стада овци што ги носеле во околината на Солун во зима и таа таму има учено англиски јазик. Организаторка на наставата беше Мирослава Ралева, способна жена. Се организираа часови за возрасни луѓе претпладне. И вработените од сите овие големи фирми за увоз и извоз како Интер-Импекс, Македонија Дрво, Вардар одеа наутро да учат англиски јазик. Имаа потреба. Едно до две години подоцна отворија часови по англиски јазик и за деца и млади. Така што амбициозни родители почнаа попладне да ги праќаат децата во Центарот за странски јазици. Се држеа и часови по француски јазик. Иако имаше повеќе наставници по француски јазик, имаше помал интерес за францускиот. Во 60те почнаа да излегуваат веќе и дипломци од Катедрата за англиски јазик иако немаше доволен кадар да предава на Катедрата.
Мира: Дали доаѓале професори од Белград оти мајка ми ми кажуваше дека доаѓале професори за медицина од другите републики, татко ми за шумарство или за инженерскиве науки.
Мирка: Што ти е Димо Беќар?
Мира: Дедо. Беше професор и декан на Шумарскиот факултет.
Мирка: И мојот сопруг е шумарски инженер и си го имаа муабетот. На Катедрата по англиски дојде од Загреб Мира Шуниќ.
Мира: Драги Михајловски ја спомнуваше Шуниќ, дека била многу важна личност за развој на Катедрата.
Мирка: Апсолутно. Ја отвори Катедрата. Предаваше фонетика, современ англиски јазик и литература. Не може да има квалитет со некого што сето ова го предава. Без навреди, без пофалби. Теравме така. По некоја година дојде Светозар Бркиќ. Тој предаваше само литература.
Мира: Од Белград дојде?
Мирка: Од Белград. Ама тој се пресели овде и редовно си држеше часови. Мира Шуниќ доаѓаше тука десет дена во месецот, да речеме. Во хотел ,,Македонија“ имаше соба. Драги Михајловски работеше со Бркиќ.
Мира: Дали кога студиравте и предававте?
Мирка: Не. Немаше кому да предаваме тогаш. Студирањето ни беше во фокус. Се сеќавам кога полагавме некој писмен испит по јазик кај Шуниќ, таа си ги имаше направено испитните прашања и дел од испитните прашања беа да се преведе нешто на англиски јазик. А речениците беа на хрватски, немаше на македонски јазик. Имаше збор ,,жарач“ и дигнав рака да прашам што да првам со ,,жарачот“. Таа поминуваше меѓу нас и ми вика: ,,Јели имаш проблем?“ Велам ,,имам, не знам шта ја жарач.“ И почна да ми опишува како имаат камини Англичаните и за што служи, па ми текна „Ааааа, it’s a poker!” Ме забележа дека англискиот ми е подобар од на другите. И кажував баш на Рајна после тоа како ќе се фатеше Шуниќ нешто да предава, наместо да оди понатаму, таа на тоа едно проблематично место ќе се задржеше во предавањето. Нам досадно или неразбирливо ни беше. Нé учеше да пишуваме. И нé караше ,,шта че вам оволика слова да пишете?! Само губите време. Научите мала слова.“ Имаше право жената.
Мира: Кога се стабилизира ситуацијата со лектори, кога дојдоа и Натка Гогова и Виолета Свонсон и требаше да ги правите наставните програми, како одеше овој процес на договарање на наставните програми и кој која студиска година ќе ја води?
Мирка: Некаде 1972, 1973 год дојде Олга Томиќ, сестра ми. Реши да студира и живее во Белград и мајка ми и тетка ми отидоа во Белград да видат што да студира девојкава. Некој ги беше упатил да одат на Англиската катедра во Белград, распрашајте се, може ќе и дозволат да почне да студира без да го знае јазикот, бидејќи никогаш претходно не го учела. Таа амбициозна, реши да почне и со идеја дека барем ќе го прошири англискиот и во Македонија. Ѝ дозволија. Тогаш била шефица на Катедрата Марија Стенфилд Поповиќ. На два месеца пред да оди во Белград, Дара Арсова ја повика Олга и три недели секој ден се гледаа за да Олга стекне бар некаква основа за англискиот јазик. Потоа добро и одеа студиите и потоа стигна и до докторат. Тогаш можеше да се оди на докторат без магистратура. Немаше закон, од додипломски студии, на докторат. На крајот на 60те одлучи Олга да запише докторат и во Скопје да го брани. Отиде кај Блаже Конески. Му се претстави дека е Македонка, дека завршила средно школо во Македнија, студии во Белград. Се договорија за некоја споредбена тема, англиски и македонски јазик, нешто за членот. Олга во Белград работеше во некој Институт за економија и таму имаше работено на ниво на магистерска за англискиот јазик во економија. Блаже Конески, доколку некој сакаше да учи повеќе, веднаш му отвораше врати. И помогна за темата. Но, требаше да најде ментор. Олга ги спакува куферите и отиде кај Филиповиќ, авторот на првиот речник. Тој ја прифати да и биде ментор за англискиот јазик но, во соработка со Конески за делот за македонскиот јазик. Таа го одбрани докторатот во Скопје. Се разбира и Филиповиќ дојде во Скопје. Конески посочи дека тоа е прв докторат за англиски јазик во Македонија, рече ,,дајте факултетот една вечера да организира“. Конески ја убеди Олга да се врати во Скопје со идеја да ја зајакне Катедрата за англиски јазик. Но, Олга му рече дека сака да оди на Факултетот во Ниш. И дојде Олга во Скопје, ѝ дозволија една недела да предава во Скопје, една недела да е во Белград. Додека беше Конески одговорен, тоа функционираше.
Мира: Значи таа носела идеи за наставата и наставните програми од Белград?
Мирка: Да. Таа е вредна, мозокот и работи и е желна да создава работи. Нé собра сите лектори и лингвисти од Факултет. Беа љубоморни дека дошла некоја нова и сега ќе организира. Велко Силјановски не се сложуваше, Владо Цветковски уште помалку. Олга им велеше дека не е Шеф и дека никогаш нема да стане шеф, ама велеше ,,НЕМАМЕ програма за наставата по современ англиски јазик.“ И им рече дека ќе направи програма. Се сеќавам кога ни ја понуди програмата за лекторските часови. До тој момент имаше лекторски часови само во прва година. Па постепено почнавме во сите години, па дури Патриша кога дојде почнавме во четврта година со лекторски часови. Крај на 60те, почеток на 70те Олга почна да предава Синтакса.
Мира: Дали тогаш, на почетокот на лекторската настава соработувавте со Британскиот Совет и дали имаше Американски културен центар? Дали бевте во дослух во смисла на содржината на наставните програми на универзитите во странство?
Мирка: Со Американците послабо соработувавме, а со British Council да, соработувавме. Многу книги ни даваа. Немавме ние тогаш книги. Помагаа во одржување на семинари за наставници по англиски јазик. Праќаа луѓе од Велика Британија и имавме луѓе во Скопје кои сфаќаа дека на наставниците им е потребно професионално освежување, ако не повеќе барем еднаш годишно. Имаше Совет за образование – не го знам точното име на институцијата. Таму работеше Милка Анчева која беше многу ангажирана за наставата по странски јазици. И одржувавме семинари на Факултет. Се сеќавам Иванка Ковиловска ни рече, „Нема да размислувате многу. Секоја од нас ќе одржи по еден час на тие семинари на која тема сакате. Да ги поттикнеме наставнициве“. Доаѓаа од цела Македонија.
Мира: Дали имате сеќавања како од Скопје се раширила наставата по англиски јазик во другите градови? Дали сите оние кои сте ги научиле и обучиле од другите градови се вратиле во тие градови, па Министерството за образование, Бирото за образование ја ширело идејата за настава по англиски јазик?
Мирка: Како се раширило, не знам да ти кажам. Некаде 1964та отидов во гимназијата Орце Николов, единствен наставник по англиски јазик, уште не бев дипломирана.
Мира: Дали патувавте надовор од Македонија за професионален развој? Имаше ли можности во Југославија да ве праќаат на стручни престои во Англија?
Мирка: Нашите студенти имаа најдено адреси на некакви агенции од Лондон или од други градови во Англија кои бараа млади девојки за работа во хотели и за бејби ситерки. Јас лично отидов како Аu Pair во фамилија. Платата ни беше од 1.5 до 2 фунти неделно.
Мира: 2 фунти неделно?!
Мирка: Добро, имаш храна, има кревет, имаш дом. И патувавме со воз од Скопје до Лондон. Од Скопје до Белград, па ако имаш к’смет ќе се префрлиш до Остенде. Па од таму со брод до пристаниште во Англија, па некако да стигнеш до Victoria Station. И тоа во втора класа, седевме на дрвени клупи по 6 души во купе. Патуваш барем 2 дни и една ноќ. Мојата врска беше до Минхен, па до Остенде, па на брод. Мачно беше но и тоа го правевме.
Мира: Ова е одлична приказна за тоа каква желба имало да се стигне до Лондон и научи англиски јазик.
Мирка: Желба и безбедност. Воопшто не се размислуваше од дома дал да те пуштат, јас па ич не се грижев.
Мира: Јас кога отидов во осмо одделение во Лондон, татко ми беше многу против, мајка ми целосно ме поддржа. Тогаш одев на часови по англиски јазик во Работнички дом, па се префлив последните години во Центарот за англиски јазик. Баш Лиле Ордев и Пеги Рид ми предаваа. Во осмо одделение излезе можност со чекови да се патува во Лондон и да се учи јазик. Беше времето на Анте Марковиќ. Три групи ученици поминавме еден месец во Лондон. Во некои приватни сместувања и во приватно училиште. Родителите наши можеа тоа да си го дозволат, беше џабалак.
Мирка: Дали сега одат нашите студенти така?
Мира: Не во Англија. Одат во Америка, на Work and Travel програми. Работат во хотелиерство, во угостителство, работат по бродови, плескаат палачинки и хамбургери. За жал, не посетуваат музеи, изложби, настани додека се во САД. Штедат што ќе заработат. Не се образуваат дополнително на тие престои, не ја живеат Америка културно. Вокабуларот што го користат е базичен. Ретко кој оди да види дали има можност за понатамошна едукација.
Мирка: На внуците мои таков престој им помогна да се ослободат да си го зборуваат англискиот јазик. Стегнати беа на училиште. Откако беа една година во САД и работеа такви работи, се опуштија. Сега и двајцата работат за странски фирми.
Мира: Да се вратиме на вашата едукација, на вашата магистерска теза. И вашиот престој на Универзитетот во Кардиф.
Мирка: Прво да завршиме за школите и професионалниот развој. Секој јуни по завршување на школската година организиравме Јазична Олимпијада. Прво беше на градско ниво, па на републичко ниво, па на ниво на Југославија. Се правеа проверки за секој предмет. Еднаш беше и во Скопје натреварувањето на југословенско ниво. Ние од Факултет бевме доста ангажирани. Не се сеќавам која година беше. Олга Томиќ ни рече: ,,јас ги знам сите наставници по англиски јазик и од Белград и од Загреб, да организираме“. Американскиот културен центар во Белград бараше од нас да напишеме дали сме имале некаква активност поврзана со ширење на англискиот јазик, па го наведовме тоа учество и организација на јазичните олимпијади.
Мира: Такви олимпијади веќе немаме, а ги има за други предмети како географија, информатика...
Мирка: А за магистерските...Мојот сопруг дојде до информација во Министерство за образование дека ќе се распишувал конкурс за постдипломски студии за англиски јазик во Англија. Тогаш имавме една ќерка и тој ми вели ,,Сакаш да одиш“? Веднаш реков ,,Сакам“ без да мислам. Тој отишол, поднесол молби и добив стипендија. Британскиот Совет ги делеше тие стипендии, но целиот процес одеше преку Министерството на образование. Потоа директно контактирав со Британскиот Совет во Белград бидејќи немаше во Скопје, праќав слики, документација. Требаше да наведам каде сакам да одам, на кој факултет, на кои студии, и јас ја прашав Дара Арсова. Таа знаеше за Лидс – University of Leeds, па го одбрав Лидс, но од Белград стигна одлука и советување дека имаат најдобри расположливи места во Кардиф. Разговаравме со сопругот дали да одиме во Велс. И така стигнав до Кардиф. Можам да ти ја покажам дипломата.
Мира: На дипломава потпишан е Mr. Young. Од 1967.
Мирка: This is Postgraduate Diploma in Teaching of English as a Foreign Language with Credit. Бев многу горда на дипломава. Бевме 27 студенти. Машките потешко издржуваа без сопруги и фамилии и си отидоа.
Мира: А сите студенти на постдипломските сте биле возрасни со семејства?
Мирка: Да, но имаше и некои немажени/неженети. Имаше една жена од Монтевидео, од Уругвај. Имаше еден Едгар Ален Так, Англичанец што живееше со родителите во Индија и Пакистан, се оженил таму и останал и една жена од Хонг Конг, христијанка, мажена со две дечиња. Со овие луѓе најмногу се дружев. Другите беа Африканци, Пакистанци и Индуси. Проблем ми беше дружењето со некои од нив, бидејќи не знаеја што значи да се учи. Со Уругвајката, Англичанецот и Кинеската се договаравме по 3-4 саати секоја вечер. Поминавме многу добро на студиите, беше зачуден Шефот на Катедрата. Тој беше професор по фонетика и можеш да замислиш дека 60-70 % од часовите го поминувавме на фонетика. Ниту еден друг од студентите претходно немаа учено фонетика, а јас имав полагано испити по фонетика во Македонија. Кога правевеме прелиминарни тестови во декември за да не запознаат како ќе изгледаат испитите и пред Божиќните празници ни дадоа вистински испит да видиме како изгледа, тоа беше голема помош од нив кон нас, јас добив 83од 100 поени на тој испит. Ме тргна настрана Шефот и праша “How did you do that? Nobody has been anywhere close to 80 points!“ Му велам ние сме научени да учиме. Имав време за учење, библиотеката беше празна и отворена до 10 часот навечер. Една година пред мене на истиот универзитет била Пандора Зојчевска. И ми вели тој „Ние знаеме дека во Југославија има добри студенти, ама дека се сите така добри, не знаевме.“ Добро поминав и со крајниот испит во јуни.
Иако програмата беше Teaching English as a Foreign Language најмалку работевме Teaching English. Имавме час по Методика но, професорот се забавуваше со нас на час, раскажуваше искуства и не научивме многу. Но, нé распределија по школи во Велс. Се трудеа да не ангажираат во училиште блиску до местото на живеење.
Мира: Држевте часови во тие училишта или само набљудувавте?
Мирка: Само набљудувавме. Да видиме и научиме каква е ангажираноста на наставниците.
Мира: Како се решивте за темата за магистерска за индиректен говор – Indirect Speech и кој ви помагаше од македонската страна?
Мирка: Никој. Во Кардиф ни дадоа датум, ни рекоа дека треба да изработиме теза и сами да одлучиме за тема. Јас претходно немав работено таква теза. Не знаев како. Никој не ни покажал. Во гимназија пишувавме писмена работа, на факултет исто essay writing. Но повеќе го гледаа јазикот отколку содржината во тие есеи и не знаев што да правам. Нé опомена наставникот, помлад беше и рече „Ќе седнеш со мене и ќе учиш што да правиш.“ Мене од секогаш ме интригирал индиректниот говор и сега кога ги слушам вестиве на македонски јазик ме буни што нашиве водители не прават разлика помеѓу минато определено и минато неопределено време. На мајка ми јазикот и беше многу важен, во Охрид зборуваат убав јазик, ги запазуваат формите на јазикот. И јас внимавам на прекажани дејства.
Мира: А што е со другата теза за условеноста во англискиот и македонскиот јазик?
Мирка: Прво сакав да работам нешто за глаголите во македонскиот јазик и за предлозите кои ние многу си ги сакаме во македонскиот јазик. Пр. ,,Чантава ми е за до на пазар.“ Божидар Видоески, македонист, ми рече ,,Што ќе правиш со глаголите? Толку е таа тема разработена, нема што да се работи.“ И ме пресече. Сметам дека ниту една тема не е исцрпена да не може некој друг да ја работи повторно. Индиректниот говор ме интересираше и условеноста бидејќи честопати кога студентите преведуваа, не ми го искажуваа условот со соодветното време. И ми го прифатија тој предлог. Пет-шест години потоа, Кристина Крамер беше дојдена во Охрид на семинар и ми рече дека го погледнала мојот магистерски труд, интересен и важен бил. И додаде дека сум прва што ,,доколку“ го спомнувам како условен сврзник.
Од Скопје ми пратија англиска книга преведена на македонски The Mill on the Floss. Споредував збор по збор. Тоа му се бендиса на мeнторот во Кардиф. Тезата за условеноста ја бранев во Македонија кај проф. Блаже Конески. Во Македонија не ми признаваа магистерски студии од Англија бидејќи тоа беше само едногодишна програма и во Македонија всушност запишав постдипломски студии по македонски јазик. Сакав Историја на уметност со англиски јазик да судирам, но се поклопуваа часовите. Па имаше проблеми и со краткото изнајмување на книги од библиотека на 2 недели. И си реков дај да учам уште еден словенски јазик и да земам да го студирам српскиот, но заради околностите со кадарот на крајот се одлучив да студирам англиски со македонски.
Мира: Дали би сакале уште нешто да додадете?
Мирка: Уште ова за лекторите. Британскиот Совет во соработка со Американскиот Културен Центар секоја година во првата недела во декември ни организираа средби на лекторите од сите југословенски катедри по англистика. Во Скопје јас и Патриша Марш го организиравме собирот. Тие средби беа најкорисни за нашиот професионален развој. Имаше странски предавачи кои ни зборуваа за методиката на наставата, активности за учење.
Мира: Ви благодарам многу. Ќе се видиме да поразговараме повторно.
Mirka-diploma.jpg
Mirka-MA thesis Cardiff.jpg
Mirka-MA thesis.jpg
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.