Skip to content
Gallery
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија
Share
Explore
Сведоштва

icon picker
Виолета Свонсон

Интервју со Виолета Свонсон, лектор по англиски јазик на Катедрата за англиски јазик и книжевност, Филолошки факултет ,,Блаже Конески,“ Скопје
Интервју: Мира Беќар,
Транскрипција: Евгенија Паневска, студент
6.2.2024 год
Мира: Денеска сме 06.02.2024 година. Со професорката Виолета Свонсон ќе разговараме за историјата на Англистиката и наставата по англиски јазик во Македонија. И ова ќе биде еден спонтан муабет. Како Вие влеговте во оваа приказна? Како станавте лектор и наставник по англиски јазик?
Виолета: Јас пред да дојдам на факултет работев во Центарот за странски јазици долго време. Таму водев англиски и за возрасни и за деца и одвреме навреме држев часови и по македонски. Така всушност почнав. И во таа група за македонски имав Французи, Американци, Англичани и Патриша Марш беше таму. Така да таму со Патриша се запознавме многу добро, и притоа се знаевме бидејќи и кумови ни беа, и Горан, и многу се дружеа мажите, а и ние жените. Многу пријатна беше таа соработка и искуство, Патриша доаѓаше многу пати кај мене, редовно, и децата се гледаа, ние се гледавме и многу пати ме прашуваше за многу јазични прашања, за македонски. Модалите се многу тешки, мислам и за странец, како што се и за нас. Така да многу пати ќе дојдеше, ќе ме праша, ќе рече Виолета, Дали се вели ,,ќе слезете?” Или ,,Слегувате?“ „Кое е поучтиво?„ Велам овде има еден вид на нетрпение во ,,ќе слезете, едвај чекате да слезе“, а „Слегувате?“ е поучтиво. Вели ,,да знам точно како да им се обратам на луѓето кога слегувам од автобус.“ Исто така и на час многу пати ќе ме прашаше, кога правевме листи цели за вокабулар. За исхрана се сеќавам многу добро ги кажуваше сите видови на месо: пилешко, телешко ...И еден ден доаѓа Патриша и ми рече, ,,Jас и Горан се враќаме од Тетово и јас за да се пофалам колку сум научила македонски му викам: види едно телешко, наместо теле.“ Така да многу често зборувавме за јазикот, дали англски или македонски, бидејќи и двете имавме потреба. Она многу знаеше да слуша, премногу мислам, како што и Пеги беше иста. Со нив можеше човек да се релаксира, да не се чувствува непријатно затоа што не е можно се да знаеш. Цел живот се учи. Патриша всушност инсистираше да дојдам на факултет. Нејзина, мислам, беше иницијативата.
Мира: Аха. Патриша имаше веќе ангажман на факултетот?
Виолета: Да, да таа веќе работеше како лектор, доаѓаше и се ми кажуваше што се случува. Незодоволна беше со поените, таа сакаше повеќе поени. Не може со 50 да се положува. Бараше 70 или 60. Викаше тогаш си сигурен дека знае студентот. Штом ќе добие над 60 накај 70, знаеш дека студентот е добар.
Една година предавав, прво работев со втора година студенти бидејќи во прва година беше Илинка Грубовиќ. Таа сакаше колку што може побрзо да ја земам прва година и се сеќавам на едно чувство. Влегувам на час и немав студенти, два-тројца. Си велам што сторив, што се случува, си мислам непријатно чувство. Од кога после едно недела дена, веројатно се видоа студентите, разговараа меѓу себе, се договорија, и цела полна училницата ми беше. Така некако довербата ми се врати.
Мира: Кога беше ова, во 50ти, 60ти? Кои други ангажмани ги имавте?
Виолета: На Филолошки факултет дојдов некаде во 1990ти. Алекса Поповски беше декан, потоа Љубица Јанешлиева беше декан. Знам кога ги пишував формуларите за продолжување на рокот за лекторското место. Мораше да се каже што е реализирано професионално, што е печатено. Јас работев многу на преводи и имав многу странци на кои им држев часови. Имав еден странец-ученик што знаеше многу солидно македонски и ја работевме Граматиката на македонскиот јазик од Лилјана Минова-Ѓуркова. Таа сакаше и да се преведе Граматиката на англиски јазик, ама многу рано почна кај нејзе таа деменција. Инаку способна жена и професорка, ептен голем човек. Така да не успеавме да ја преведеме, а имавме доста преведено со студентот. Работевме на свршени и несвршени глаголи, тие се најтежок проблем за странец. Тогаш веднаш можеш да препознаеш дека е странец. И сега гледам колку се греши во тоа. Така да Патриша беше таа што ме натера. Вика ќе дојдеш, и после ми викаше дали се каеш што дојде, викам не, имав многу добри студенти, макар што финансиски беше многу помалку, и тогаш бев голем ентузијаст и не ми пречеше. Си ја сакав работата многу, многу, а работа имаше. Имаше многу подготовки дома, јас сум седела до 2 сатот наутро понекогаш. Во чилница не можеш да се бламираш. Треба да знаеш. И многу битна работа за студентите ми беше, да кажам ,,не знам“ ако нешто не знам.
Мира: Е тоа Ве памтам, дека никогаш не Ви било тешко да кажете ,,не знам.“
Виолета: Викам ,,чекајте, ќе провериме дали се спелува така и јас можам да згрешам. Јас не сум енциклопедија“. Тоа многу ми беше битно затоа што тоа беше искуство во времето кога јас бев студент.
Мира: А бевте студент на Катедрата за англиски јазик, или?
Виолета: Да, да. Шуниќ, Лич предаваа, таа ми беше професор и многу пати се сеќавав на Шуниќ таа предава на пример, за past continuous и баш со некого го дискутиравме ова и предава за past continuous и таа дава една реченица вака: “The cat was purring and licking itself.’’ Врска немав што е licking, што е purring. Граматичкото време в ред, ама дај некој полесен пример, си реков. „Како ви то не знате?,“ ќе не прекореа. После беше различно. Нешто предаваше, споредба меѓу Китс и Поуп, и нешто не прочитав, си дошол, ти е потребна помош. Така да, ќе се стуткаш.
Мира: Ќе се демотивираш, да.
Виолета: Да, како да сакаш да исчезнеш. Многу непријатно и многу не’ доаѓаа на часови. Јас сакав да доаѓам, ама знаеш доаѓаш со некој страв, непријатно, ќе те навредат, не е тоа во ред. It doesn’t work. И така најлошо. Кај Лич одевме, толку го сакав, ама и тој викаше, викаше и ќе те истера, нешто за red, па ќе викне ,,во вашиот фолклор доминира црвеното.“
Мира: Се сеќавате како му беше името на Лич?
Виолета: Џон Лич, ми се чини беше Џон. И тој беше еден нервозен, лекторите што беа тука беа различни. Така да, многу непријатно беше тоа искуство. И кога ќе се сетам на сето тоа, кога ќе влезев, не сакав никого да навредам, студентите беа многу битни, особено тие што работеа. Ако сакам нешто да му помогнам, ќе го викнам во кабинет, нема пред аудиториум да го изложувам на непријатности, не. Нешто да му покажам. Така да, тоа ми беше едно мое искуство, па и така го применував после во моите часови со студентите.
Мира: А, кажете ми, како Англистикава зема замав, оти знаеме, еве моите родители, француски и руски учеле. Во Јосип Броз биле.
Виолета: Јосип Броз, таму бев прва паралелка со настава за англиски јазик.
Мира: Е така, и тоа Јосип Броз и Орце Николов тогаш воведувале часови по англиски.
Виолета: Друго беше германски и француски. Ние учевме и германски и француски.
Мира: И како, се сеќавате ли кој беше одговорен, дали државата имаше некоја јазична политика, дали Британскиот совет многу работеше на оваа тема?
Виолета: Јас се изнанадив кога дојдов од Охрид, затоа што бев една, а инаку другите учеа германски. И за еден не правеа проблем и се запишав, учев англиски. Али тие професори што ги имавме, тоа беше катастрофа. Мислам дека професорката беше Хрватка.
Мира: Во Јосип Броз е ова, така?
Виолета: Јосип Броз, да. Јас научив толку многу грешки. Така да кога отидов во Англија, тие лектори таму приметија дека јас велев “must to“ и тоа редовно.
Мира: А како дошле овие хрватски професори на Катедрата во Скопје? Во Југославија имало изгледа некоја политика да Хрватите...
Виолета: Како и во операта што носеа од Хрватска. Шуниќ беше многу добра професорка, таа многу знаеше, ама не беше свесна дека ние не знаеме многу работи, дека ни треба помош. А тоа, ретко се случуваше да помогне. Се тресеш цело време...Викаш доста ми е студирање, некој не доаѓа воопшто од професорите или чита предавања.
Мира: А како студент, по кои книги учевте? Од Хрватска ли ви праќаа?
Виолета: Јас секогаш набавував по некој учебник, или од Бугарија, или од Србија.
Мира: Уште како студент?
Виолета: Да, да. Хемингвеј знам многу рано почнав да го читам, многу го сакав. Така да, и тоа ми е пола на бугарски, пола на англиски читано. Или српски речници, српска литература претежно читавме, јас практично читав на српски, македонски, француски, татко ми предаваше француски, и учев англиски. Рускиот јазик брат ми го знаеше многу добро, и германски после научи, знаеше и француски. Јазиците беа многу применети дома, многу сакавме да учиме, а и мило ни беше на сите да зборуваме други јазици.
Мира: А Вашите родители работеле како наставници?
Виолета: Да, мајка ми математика предаваше, а татко ми предаваше француски и македонски.
Мира: На кое ниво од образование, основно?
Виолета: Не, во средно. Во Охрид предаваа, после дојдоа тука во Скопје. Веднаш ја примија тоа време, немаше доволно кадар. Тие работеа, се запишале на факултет, ама после требале да издржуваат фамилии дома, и заради фамилии се откажале. Татко ми на право се запишал, мајка ми на математика, еден семестар во Белград, а била многу многу добра, извонредна како математичар. И така да, мислам пак ќе се вратиме на ова. До крај на кариерата, јас водев прва година како лектор. Имав среќа што имавме многу добри странски лектори, и секогаш соработувавме.
Мира: А дали сметате дека свесно Ве одбираа за прва година ? Споредено со други лектори, мислам дека бевте најтемелна. Кога ќе фатевте еден збор, толку до ситници да го анализираме, па од каде доаѓа, па кое му е потеклото, многу многу темелно. Еден параграф кога читавме, тоа траеше.
Виолета: Да, да точно. Многу ми беше битно да е темелно.
Мира: И можеби затоа за во прва година Патриша препознала некој темелен, да ги научи на дисциплина, како се учи јазик.
Виолета: Патриша инсистираше, велеше дека штом ќе ја поминат прва година, после за студентот е полесно, не дека е лесно втора, трета, четврта, има прва е клучна. Ама викаше „немој да се откажуваш од прва година, те молам“. Тоа беше како еден аманет нејзин. Дури и кога си отиде многу пати ќе ме прашаше дали згрешила што ме натерала да дојдам на Филолошки. И викам ,,Не, Патриша. Имав многу добри студенти, извонредни. Така да, задоволство беше да се работи. И се сеќавам, во првиот ред секогаш беа добри, вториот имаше по некој, тие на крај ќе заспијат.
Мира: Ајде да се вратиме малку на наставните програми и соработката со Греам и Пеги. Како одлучувавте што ќе се предава во прва, во втора, во трета, во четврта година?
Виолета: Тоа беше исклучиво помеѓу мене и Патриша. Таа воглавно за програмите со мене дискутираше и многу пати ќе ми посочи книга која е извонредна. Викаше „сега треба нов учебник.“
Мира: А овие учебници Патриша Ви ги носеше од странство? Како доаѓавте до материјали, или ги имаше во Бугарија?
Виолета: Не не, таа сугерираше. На пример, со оваа книга работев, јас мислам доволно е веќе. А некои книги што можевме да ги најдеме, зашто мора, без учебник мислеше таа дека не е можно, мора да има студентот учебник. Не како сега што се прави, гледам во тетратка ќе запишат нешто.
Мира: Лекторката Мирка Мишиќ ми кажа дека Олга Томиќ дошла од Белград и им рекла не може така да предавате, овде нема ред. Во Белград јасно се знае кој материјал е во прва, што во втора година. И ги седнала и Владо и Патриша да направат некои наставни програми.
Виолета: Е може, може, јас тоа не знам. Кога дојдов сé беше одлучено. Мирка повеќе знае затоа што работеше на Катедрата подолго време. Јас знам од Мирка за еден од Холандија претставник, кој веројатно беше во образование и сакаше да види каква е наставата тука во Скопје. Кој беше, не знам. Бевме во библиотека и праша кој има часови во тој период. И јас викам, јас имам во тоа време, да баш тоа време имам часови, нека повели. Два училишни часа. Рекоа ,,веројатно сака да разговара и со студентите и со Вас.“ И многу работи дознав после од Мирка преку Олга, бидејќи многу биле блиски со таа личност, мислам тој веројатно и таму одел во Нови Сад. Така да, тој дојде, многу беше пријатно, и за студентите и за мене да видам како треба да се одвива наставата, затоа што никој не ми беше влегол на час до тогаш. Јас пред да влезе им реков на студентите дека дента имаме посета на два часа и беа активни. Многу беа фини. Имавме едно момче студент напред седеше, тој многу читаше, јас ќе ти донесам книги му велев. Му донесов и викам ако сакаш не доаѓај. Многу способен, многу добар, така да ако сакаш некогаш не доаѓај на час. А не, вика, јас не сакам ништо да испуштам.
И работевме некој текст и го слушавме на касета, па некои табели дискутиравме, па личности што се појавувааат во текстот, можам да ти ја дадам таа книга е многу добра. Од еден семинар препорачана. Требаше секој да каже по нешто за личностите. Се изненадив колку беа активни и колку имаа се’ меморирано, беше неверојатно. А пред да почне часот, бидејќи името му беше на овој господин многу тешко, јас го замолив да се претстави. И тој се насмеа, и така почна, многу пријатно стана знаеш, така се релаксираа и студентите. Па јас излегов, па тој разговараше со студентите. Па повторно уште еден час. И на крај ми се заблагодари. И јас на нив. И студентите беа сите насмеани, многу пријатно. И ден денес се сеќавам на тие два часа. И откога заврши ова, тој беше задоволен, и еден ден со Мирка се враќаме од факултет и таа вика многу задоволен бил, часот прекрасно течел, студентите биле многу добри, учествувале, една пријатна атмосфера.
Мира: Сега ова ме наведе на другото прашање: Можностите за професионален развој. Мирка Мишиќ ми зборуваше дека имало некоја многу убава традиција во декември, на крајот на декември секогаш имало семинари. Што паметите за тој професионален развој? Дали Британскиот Совет ги организираше тие?
Виолета: Да, Британскиот Совет ги организираше, дури јас кога бев и во Центарот за странски јазици редовно одевме на тие семинари во Британија.
Мира: Дури и во Британија?
Виолета: Да, да. Јас во Лондон два пати сум била.
Мира: Тоа со воз, не сте летале сигурно. Како патувавте?
Виолета: Секако. И летавме, и со воз. Уживав.
Мира: Ова беше платено од некои институции?
Виолета: Да да, платено. Covered беше се’. Британски Совет се’ плаќаше. И мислам дека преку илјада фунти беше, нешто така. Бев во Единбург. Еден месец. И во Абердин, во Шкотска бев значи два пати.
Мира: А дали овие семинари беа за teaching methods? Кој беше фокусот?
Виолета: Да да, teaching. Јазик. Се’ беше за јазик. Многу добри, извонредни семинари. И во Лидс сум била. Таму се сретнав со овој фонетичарот МекКартни . И јас знам, двапати ми се јави тој професор. Добри бевме многу, извонредни. Кај учесниците од други националности како Италијани, Португалци, Французи, целиот текст беше црвен. Кај нас немаше проблеми.
Мира: Аха, немало грешки.
Виолета: Не, немаше. Прво читаш текст, па потоа реченици. И кога го погледнав текстот викам кај мене има само две, само за интонација има некаде поцртано, друго се’ е во ред. А кај овие, дифтонзи, th, th, итн. Многу тешкотии имаа. Со една колешка ги гледаме текстовите и нема црвено кај нас. А многу беше познат, знам во Лидс беше.
Мира: А дали Вие работевте како au pair, тогаш се викале mother’s help? Сте ги користеле тие можности?
Виолета: Прво почнав со престои за студенти за собирање на овошје.
Мира: Браво! Што собиравте?
Виолета: Собиравме јаболка, а не raspberries, blackberries…Redmond Camp беше тоа, многу убаво си поминав таму. Ама страв имав бидејќи не го знаев јазикот добро.
Мира: А колку години имавте кога одевте?
Виолета: 20 и нешто, така. Млада бев многу. Имав страв. Ама, имав и многу пријатни лекторки.
Мира: А како au pair не работевте?
Виолета: Работев, после. Таму имав многу среќа со au pair.
Мира: Какво беше семејството, дали и тоа помогна?
Виолета: Ау, прекрасно семејство. Тој беше филмски режисер.
Мира: Дали биле тие интелектуалци?
Виолета: Не само така. Тој беше филмски режисер, Филип Ликок-Philip Leacock.
Мира: Во Лондон бевте?
Виолета: Во Лондон. Жената беше археолог. Многу фини. Актери доаѓаа. Сега читам починал. Тој беше всушност од Канарските острови. Тогаш беше земјотресот, 63-та се сеќавам. Филип Ликок ме викна “Violeta, I have something to tell you“, и јас го гледам, викам што ќе ми каже сега, стои, молчи така малку, вика “But be prepared“ “Тhere was an earthquake in Skopje“. Леле викам нешто дома да не се случило, многу ми беше страв зашто кажаа 16 000 мртви тогаш и во весниците пишувше во Англија, сегде, јас одев во нашата Амбасада.
А прво ме праша каде се твоите родители затоа што јас кажував дека летно време одат во Струга, Охрид. Are they in Struga? Викам не, It is still early. Не знам како тоа го преживеав, многу беше страшна таа вест. Ама татко ми бидејќи знаеше јазик, веднаш ми испрати на француски телеграма: Сите сме живи. Не се секирај, сите сме живи. Инаку одев во Амбасада и одев да ги гледам имињата во весниците.. Многу беше страшно.
Виолета: Тој сними филмче и тоа по книга за деца. Јас после им ја купив на моите да ја прочитаат. Имам голема библиотека за детски книги.
Мира: А како и колку се заработуваше тогаш?
Виолета: Ништо. Тоа беа минимални суми, јас ги трошев само на книги и некогаш на кино ако отидев, а и одев во Chalk Farm во Лондон, одев и на курс. Да, редовно одев на курс. И многу работи научив. Јас една година бев во Единбург после како студент, апсолвент. Со една моја пријателка бевме, неколку Македонци, ама многу убаво поминавме. Што беше многу битно е дека доаѓаш на факултет, ти даваат библиограгфија, ти кажуваат што треба да прочиташ, што треба да знаеш, пред да почнат предавања, ти да си спремен.
Мира: А љубовта кон јазикот, оти навистина Ви е пасија. Еве не предавате како татко ви, друг јазик, туку англиски бил. Дали е заради литературата што Ви се допаѓала многу, заради Чосер, заради Хемингвеј?
Виолета: Многу прочитав, многу читав и работев.
Мира: Да, ама еве не сте го наследиле нели таткото да предавате француски или македонски.
Виолета: Не, затоа што кога бев во Јосип Броз, дијалектот им пречеше. Ќе ми речат „врне“, јас „врнит“. Охридскиот дијалект. Така да, многу непријатно, тогаш си ранлив, во тие години си премногу ранлив. Јас 14 години дали имав.
Мира: А студентите беа ли ранливи, сега не се толку ранливи, не покажуваат барем. Почит нема како во минатото.
Виолета: Па треба да се внимава мислам, зависи тоа и од личноста. Не секој, ама има многу емотивни. Периодот во кој е студентот е многу битен.
Мира: А дали ова го учевте на овие семинари? Емотивни искуства, психологија, педагогија.
Виолета: Не, работевме претежно јазични вежби, а и поезија работевме. Еднаш се сеќавам како учесници од Австрија викаа “never like poetry“. Ќе ни ја дадеа песната дома да ја прочитаме. Па да ја анализираме, па секоја строфа, секој стих, сето тоа убаво да се разбере. Многу поезија работевме. Работевме исто и драма, се зависеше од самиот лектор којшто одбираше или драма или поезија или роман.
Мира: А колку траеја овие престои? Колку месеци?
Виолета: Скоро месец дена. 20 и нешто дена, некаде дури и месец. Ама ангажиран си цел ден. И претпладне и попладне. Заедно појадуваш, ручаш, вечераш. Излети имаше многу, тоа како се организирани Англичаните.
Мира: А Вие некогаш учествувавте во создавање на наставни материјали?
Виолета: Тоа не.
Мира: Да, Екатерина Бабамова зборуваше дека ја бивало за гитара, па снимале во МТВ емисии, касети некои снимале за учење јазик.
Виолета: Таа била во Лидс. Истите лектори, истите организатори и јас кога бев беа истите луѓе. Со Мирка и со Натка соработувавме.
Мира: А дали заедно се собиравте да си подготвувате часови, да прегледувате тестови или не беше така?
Виолета: Во Центарот за странски јазици, да. Таму секоја среда се договаравме. Во Центарот имаше секогаш некој да влезе на час, ќе ми каже како оди наставата. Директорката Ралева на пример, таа беше лејди. Ќе влезе и нема да ти каже ,,утре доаѓам кај тебе“. Без припреми и многу и бев благодарна што ќе ми каже. На пр. ,,немој толку сериозна да си, сите треба да учествуваат во разговорот, не само една група. На сите да им обрнеш внимание, да им се насмееш“. Или ,,малце погласно, немој толку тивко’. Кога почнав да го губам слухот па уште погласно требаше да зборувам. Во Центарот работевме редовно, многу работевме и учебници се издаваа. Дарко Марковиќ ги има и илустрирано. Со Манговска Злата и со Харикла Трендафиловска работевме. Таа беше лектор. Таа многу си ја сакаше работата. Таа предаваше и англиски на Французи во Париз, оти таму живее. Абе тоа едно долго пријателство. Така да, редовно се состанувавме. Работевме на пример цела партија articles. А и овие беа многу добри семинари на кои учествуваа Пеги и Греам. На тие семинари одевме редовно, па ни бараа да се напише некоја песна, да се напише некој текст со твое мислење.
Мира: Пеги и Грехам ги држеа семинарите?
Виолета: Во Охрид, да. Тие беа одговорни. И други некои. И Американци и Англичани, али во секој случај Англичаните беа далеку подобри за обучување да се предава граматика. Попрецизни, појасни.
Мира: А дали Вие се занимававте со превод?
Виолета: Ау многу, многу.
Мира: Што конкретно?
Виолета: Преведувавме со мажот ми. Редовно. Го преведувавме Цепенков, автобиографијата, преведувавме народна поезија, преведувавме драми за Берлински фестивал. Тој Кресненско востание знам дека го преведуваше, и како сега се сеќавам, му викам “Jack, don’t embellish here, you need facts“. Тој знаеш, ќе си го разубави. Тоа што ти пишува, тоа преведи го. Многу работи преведувавме.
Мира: А кој ги издаваше?
Виолета: Macedonian Review. Работевме за Macedonian Review. Па веројатно преку нив одеше се’, ми се чини. И со Вардар Филм работевме. И сега ја имам таа книга и ништо не е платено. Кога ќе ја отворам, дури и душата ме боли.
Мира: Срамота.
Виолета: А многу, многу работевме. Превод од сабајле до вечер. Ама интересно ни беше, исполнуваше. Џек последните години предаваше Creative writing во Америка. Така да со него многу добри преводи правевме. И поезија и рескази. Харикла ме препотачуваше, но не ни плаќаа. Преведувавме и за Струшките вечери. Тој период и преведено имаме доста со Радован Павловски.
Мира: Браво.
Виолета: Така да имам една цела книга, полна со преводи. Беше убав период, мислам, исполнува, а поготово кога работиш, кога е добар преводот.
Мира: Што мислите Вие, зошто сега нема интерес кај студентите да бидат наставници? Тоа беше една престижна професија, многу благородна. Вие не знаете какви маки мачиме, сега то си оценки 6 и 7 одат во настава, добрите не сакаат да се занимаваат со партиски книшки, влијанија, притисоци. И ќе одат да работат за Work and Travel, повеќе сакаат да плескаат хамбургери отколку да се мачат во некое училиште.
Виолета: Тажно, да.
Мира: Како се изгуби интересот? Зошто некако не се одржа ете тој статус, достоинството на наставникот.
Виолета: Мислам дека има голема грешка како се води државата. Голема грешка е направена. Образованието е осакатено. Тие што ги примаат се како што кажа ти, ги примаат со книшка. Тоа не може така. Полуписмени луѓе се вработуваат, за жал. А и студентите ќе изгубат желба. Студентот знае да цени, штом ти ќе ја видиш училницата полна, доаѓаат на време, не доцнат, тие те ценат. Јас многу пати ќе речев, што беше и точно, викам „немојте, ако доаѓате за потпис, поарно не доаѓајте, потписи сите ќе добиете.“ Јас да го комплицирам животот затоа што не ќе им дадам потпис? Па сите ќе се видиме на испит. И мислам така многу убаво функционираше, кога ќе им се каже фино, отворено. А и да не ме лажат...„Баба ми, и беше тешко, јас не можев да дојдам“ па „мачката ја затворив“, си викам пак тие приказни... „Ако тебе ти се доаѓа доаѓај, ако не ти се доаѓа, немој да ме лажеш“. Или ако нешто, многу пати, ако некој збор не знаеме, имаше едно момче, тоа многу добро се сеќавам, тој почна да носи речник ми се чини, тој од Австралија, флуентен беше, макар да имаше големи празнини во знаењето. Не значи дека ако ти си бил во странство/Австралија дека јазикот го знаеш, исто како и македонски. Така да почна да го носи речникот, да си провери дома. Еве ќе земеме еден речник тука да стои на катедра. Кога ќе видев професори со истата тетратка, се распаѓа, пошто нели баравме простотии наваму-натаму. А тоа викаше и Пеги Рид дека нема поубава професија. Со нејзе преведувавме дела од Драги Михајловски. Уживавме. Еден расказ кога го преведувавме таа доаѓаше дома кај мене, така, си разговаравме. И со Греам секогаш се консултираше, тоа беа големи луѓе.
Мира: Исклучителни личности, да. Големи луѓе.
Виолета: Со Пеги колку пати сме разговарале, враќајќи се назад по оној мост, за претстави, бидејќи таа многу сакаше театар. Театар за млади, таму редовно одевме. А исто таа многу пати ќе ми донесе и книги или, последниот пат од Хилари Мантел—Hilary Mantel. Tаа многу ја сакаше Хилари Мантел. И последата нејзна книга ми ја донесе. Првата беше Wolf Hall. The Mirror and the Light ја земав. Првите две се за Хенри Осми и така почнува со Ана Берлејн. A сега почина и таа писателка. Премногу ја сакав. Ама на секоја книга работела по 10 години.
Мира: Темелно, темелно да.
Виолета: Многу добра, јазик-преубав.
Мира: А некои анегдоти со студентиве дали Ви текнуваат? Со Мирка се потсетивме, јас кај Мирка имам плачено на час за subjunctive mood. Се расплакав од нервоза дека некоја структура не е логична, нели во мојата глава.
Виолета: Хаха..
Мира: Тоа беше за here comes the bus. Мирка не може да ми објасни што се случува, ми вика тоа е еден тип на subjunctive, викам зошто е ова subjunctive?
Виолета: Here comes the bus, хаха да. И here comes the queen. Нели така. Ова знаеш дека ме потсеќа на син ми кој прашува зошто да има дупла негација? Ау, тој никако не може да се помири. Оти солидно знаење има, познавање на јазикот и сега читаме една книга, добро бе викам Винсент оди понатаму. Си била во Јорк?
Мира: Не, не.
Виолета: Е тоа, the Sambells е многу познат дел во Јорк кај што имало butchers, нели тие ги колат. Така да, тој редовно се вознемирува од двојна негација, наместо да се фокусира на содржината, викам остави тоа, така е и готово. Ама не може така ми вели.
Мира: Нашите генерации беа посветени некако на јазикот. И се гледавме или како наставници или како преведувачи. Сега се гледаат како маркетинг агенти, HR – Human Resources Specialist, тоа се модерните онлајн професии.
Виолета: Штета, јас кога предавав имаше многу кои читаа. Многу често ќе прашав за некој дали драматург, дали писател, поет. Сте чуле ли за него? За Пинтер знам многу пати, бидејќи јас го сакам многу Пинтер и го имам гледано и во Англија и во Атеље 212 одев многу често во Белград. No Man’s Land, таа беше последна што ја работевме и доста за Пинтер зборувавме. Тогаш ја купив и таа книга во Единбург. Многу интересно беше, мислам јас и онака имав слушнато и тогаш многу не го внесував, прашував дали го знаат. Оти Пинтер беше ептен познат. Епа не чуле добро, и следниот пат ќе им речам дека на интернет сé можат да најдат. И ќе дојдат со информација за сите напишани драми, некој дури успеал и да прочита некоја. Тоа многу ме радуваше.
За Шекспир на пример, мора бар насловите да ги знаете на драмите. Ќе прочитаат нешто, тоа е многу битно, да ги поттикнеш малку, и оние што сакаат, нормално. Ги работевме Animal Farm и 1984. И филм работевме ако е екранизиран по некоја книга. Така на тие семинарите ќе ти ја дадат книгата, можеш да ја прочиташ, нормално да не биде многу долга, да биде до 100тина страни. И за следната недела ќе ја работиме. И после ќе почнеш да бараш, и ќе дојдеш со еден куфер полн со книги.
Виолета: Многу ми е пријатно вака кога фино нешто, човек ќе се потсети на некои пријатни години. Патриша и клавирот ми го остави за Винсент. Сакам и фотографија, јас се занимавав и со цртање.
Мира: Мислите ли дека им поттикнавте љубав кон уметност, кон литература на студентите? На еден спонтан начин. Не ми успева на мене, сега и професориве што предаваат книжевност, мака мачат. Ќе им дадеш ли книга, тие не знаат да вртат книга, немаат чувство. Кога ќе видат вака дебела книга, во несвест паѓаат. И бараат PowerPoint, видео, дајте поткаст... Тоа се формите, само да слушаат, да се изложени на аудио. Читањето е најтешката вештина.
Виолета: Епа тоа го велат и Финците и Швеѓаните, дека децата мора да се вратат назад кон читањето, back to the book. И мора за тоа да има строги, па и закони и правила кои ќе се почитуваат. Инаку не може. Јас гледам малата од син ми, таа е извонредна. Таа 8 години има, пошто три пати беа во Америка, сега гледам седнува и чита, убаво ја чита едицијата Mr. Mеn. И друга детска литература, од E.B. White.
Мира: Значи мора од дома да потекнува ова воспитување. Нема шанси само во училиште. Не се мотивираат, училиштето е за недисциплина, непочит.
Мира: А ги носевте ли Вие студентите во театар, или немаше таква практика?
Виолета: Спомнував. Ги носев многу често во Британски Совет. Постои тој сега?
Мира: Не.
Виолета: Не. Тука беше многу убаво. Одевме редовно. Да се запознаат со можностите.
Мира: Британски Совет решија дека не е потребен во Скопје. Еден центар во Белград или во Софија. И тоа е тоа. Сметаат дека ја завршиле мисијата тука.
Виолета: Жалосно. А толку беше добро во Британскиот совет.
Мира: Американското катче има некои настани.
Виолета: Таму имаше многу настани. Пеги имаше презентација за patchwork. Многу пати одев таму во тој Американски Центар.
Мира: Ви благодарам за споделените искуства.
Виолета: Ми беше многу пријатно.

Svonson handout 1.jpg

Svonson handout 2.jpg
Svonson handout 3.jpg
Svonson handout 4.jpg
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.