Skip to content
Gallery
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија
Share
Explore
Сведоштва

icon picker
Натка Гогова

Интервју со Нада Гогова, виш лектор (во пензија) на Катедрата за англиски јазик и книжевност, 21.2.2024
Интервју: Мира Беќар
Транскрипција: Илина Качинске

Мира: Како нашата Натка влезе во приказната да учителствува, и особено, да предава англиски јазик?
Натка: Во тоа далечно време живеевме во Штип. Во штипската гимназија се учеше руски и француски јазик и кога се преселивме во Скопје се запишав во гимназијата ,,Цветан Димов.“ Овде руски јазик немаше и полагав класен испит по англиски јазик. Класниот испит го подготвував со татко ми, кој беспрекорно го владееше англискиот јазик. А татко ми беше самоук, го научил јазикот додека беше во затвор во Идризово.
Часовите ги оддржувавме секој ден заедно со мојата другарка Љубинка, исто така од Штип, преселена во Скопје и се запишавем во истата гимназија.
Татко ми беше многу строг учител, но инспиративен и тешко ако нешто не знаеш.
Гогов ни даваше по 150 збора на ден. А бевме многу совесни, исполнителни, а веројатно и бистри. Напорната работа вроди со плод, така што јас на крајниот испит добив 5ка. Го засакав англискиот, а уште повеќе професијата – учител.
По завршувањето на гимназијата решив да студирам англиски јазик и книжевност. За жал на Скопскиот универзитет, се уште не постоеше Катедра за англиски јазик но, се водеа интензивни подготовки за нејзино отворање. Па така првиот семестар запишав македонски, на Катедрата за македонски јазик. И до денес се сеќавам на извонредните предавања на проф. Блаже Конески. Наредниот семестар се отвори Катедрата за англиски јазик и книжевност. За шеф на Катедрата беше назначена Мира Шуниќ, од Загреб. Една фина стамена жена. Студиите се одвиваа беспрекорно.
Мира: А кој беше првиот професионален ангажман?
Натка: Бев во втора година од студиите кога ми се јави професорката по англиски јазик од гимназија еден ден ми вели, ,,Натка дали си спремна да земаш 2 класа по англиски јазик во гимназијата ,,Јосип Броз“ и јас прифатив со задоволство. Учениците ми беа две или три години помлади од мене. Познати луѓе од јавниот живот, јас им бев учитка, беа многу фини и дисциплинирани. Се знаеше ред, јас учителка со дневник, ќе станат, ќе ме дочекаат. Беше вистинско задоволство да се работи со тие млади луѓе и претпоставувам тоа ме натера да одам на англиски јазик.
И како што течеше животот, работите се менуваа.. Завршив со студиите, дипломирав и тогаш се случи заминувањето во странство. Мојот сопруг беше дипломат. Доби назначување во Сиднеј, Австралија. За среќа англиско говорно подрачје, па така можев и практично да го користам англискиот јазик и со локалниот продавач, и со комшиите, но и на официјалните средби и приеми во Конзултатот. Тестот по англиски јазик успешно го положив. Останавме четири години. Дојдовме тројца, се вративме четворица. Ќерката Соња е родена во Сиднеј, а синот Влатко наполни 6 години.
После враќањето се вработив во Центарот за странски јазици. Едно прекрасно место за работа, горе доле сите бевме иста генерација, разбирање, другарство, пријателство, песна, се што сакаш. Во Центарот имаше еден прекрасен колектив на млади луѓе, со ентузијазам, посветени на наставата.
Мира: Колку наставници бевте во Центарот по англиски јазик?
Натка: Англиската група професори беа јас, Снежана, Виолета, околу десетина души бевме. Другите јазични групи беа помалку застапени.
Мира: Имаше слушатели, постоеше ли интерес?
Натка: Имаше голем интерес. Тоа беа возрасни образовани луѓе. Ова им беше надградба. Ова не беше само желба да се зборува англиски. Познавањето на англискиот јазик стана потреба, особено за одредени професии. И според желбите и потребите на луѓето ги конципиравме часовите и ден денес има луѓе со кои се среќаваме, прегратки, целувки.
Мира: А во Центарот за странски јазици и македонски предавате и англиски, и македонски за странци?
Натка: Не, тоа беше друга програма. Македонски за странци. Едно време бевме Неврзани земји. И ден денеска имам луѓе шtо ми се јавуваат. Млади луѓе од Танзанија, Етиопија. Пакистан. Тие беа едно 20 деца беа, учат македонски, дојдоа овде од Африка, смрзнати, одевме да си најдат џакети за зима учителката ги носеше во НАМА во тоа време. Беа навистина едни прекрасни деца. По совладувањето на македонскиот јазик се запишуваа на факултетите во Македонија. Едно момче од Етиопија, Алеха, моментално живее во Америка, пред две години дојде во Македонија и ми се јавува, па се сретнавме па ручавме заедно, па евоциравме спомени и ден денеска ми се јавува на телефон и зборуваме македонски... Ах колку беа убави тие времиња.
Дури бев во Центарот и мажот ми доби служба во Југословенката амбасадата во Вашингтон, САД, тоа беше 76-77 год. некаде. Останавме 4 години. Соња тргна таму на школо, Влатко заврши гимназија отиде на факултет. Јас решив да и се вратам на науката. Се запишав на American University во Вашингтон и 4 семестри слушав предавања на Катедрата – Teaching English as a Foreign Language. Непроценливо искуство. Добив диплома Магистер. Кога се вратив во Скопје, не можев да ја нострифицирам, требало да полагам уште два испита во Белград. Ова ми заличи малку на бирократија и се откажав.
Мира: Таму, во Вашингтон, имавте некаков ангажман?
Во Вашингтон постои Центар за јазици. Тоа е правило во англиската дипломатија, луѓе што одат во земји учат јазик. Јас имав часови со г-н Швицер, кој беше назначен за Директор на Американскиот Центар во Скопје. Така што имав и часови по македонски јазик. И кога дојдоа овде ние живеевме во Градски ѕид, Американскиот центар беше во истиот блок долу. Имаше сопруга Мексиканка. На гости си одевме.
Мира: И потоа нели, според еве објаснувањата на Патриша, вели многу беше тешко Натка да ја ангажираме на факултет, оти убава атмосфера во Центарот, убава настава. Како доаѓа приказната со Филолошкиот Факултет?
Натка: Во Вашингтон останавме 4 години. Мислам дека Велко имаше најголем удел во тоа. Дојде во Вашингтон службено, Велко Силјановски, тогаш професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и толку ме убеди што не можев да речам ,,не“. Се видовме неколку пати – Македонци во странство! Се распрашуваше за моите студии во странство и ми рече: Доаѓаш кај нас на факултет! И ќе дојдеше кај нас, ќе направиме што треба, и со мажот ми играа шах до 3 наутро. Со мажот ми седнавме, разговаравме и решивме дека можеби не е лошо. По враќањето од Вашингтон станав лектор на Катедрата за англиски јазик.
Мира: И тогаш влегувате во лекторксата настава. Кој беше веќе на Катедра? Како бевте организирани?
Натка: Отидов, другарски ме примија, со повеќето од колегте се знаевме од претходно, и првата работа што ми ја понудија беше да работам со четврта година, бидејќи било празно, Но јас им реков веднаш да не одам на четврта година. Морам да имам претходно нешто да знам кој степен, увиде во матријали, кое ниво го имаат на јазикот. Е баш од почеток не беше, ама добив лекторски часови во втора година. Делевме групи со колешката Илинка Грубовиќ. И ти велам со неа убаво се договаравме околу тестови, околу материјали од учебници, околу сé. И како што одеа нештата бев задоволна со втора година, се надрагдуваа нагоре но јас си останав на втора, и бев координатор.
Мира: Ај малку за материјалите, кои учебници, кои граматики, како доаѓавте до материјали?
Натка: Имавме само учебници.
Мира: Од каде доаѓа тие учебници?
Натка: Ја кога дојдов тие беа за втора година, одредени беа. И врз тие учебници се правеше и испитниот дел. За жал, не можам точно да се сетам на името на учебникот, но знам дека опфаќаше широк дијапазон на теми од животот – едукација, семејство, музика ..., а тоа значи дека вокабуларот и јазичните конструкции од лекциите, студентите ги користеа во нивните наративи за време на часот или на тема за домашна работа. Сите студенти беа активни на часовите и сите до еден беа редовни. Сите имаа свои размислувања и идеи околу дадената тема, а јас ги слушав и ги охрабрував.
Мира: Ви стигаа tapes?
Натка: Ништо немаше.
Мира: Ништо немаше? Радио ли слушаа? Како учеа?
Натка: Сега има. Тогаш немаше.
Мира: Патриша вели снимале во МТВ, Влатко ја придружувал со музика.
А радио?
Натка: Таа работеше со 4 година. Сега е различно, идат деца веќе со јазик. Само учебник а јас им бев и радио и телевизија им бев. Се сеќавам имавме текст и вели sprawling garden, и објаснуваме sprawling, sprawling , е велам на шо ви личи ако седнам вака, sprawling legs и кога ги извадив legs да им кажам да им покажам ми падна чевлата и си направивме вицеви. Јас им бев и лента и телевизија.
Мира: И Греам ни викаше треба да сте малку и кловнови и глумци.
Натка: Мора да е така. Ти реков бев координатор за втора година. И одиме на состанок еден ден, имиња не споменувам, ама ова што викаш ти треба активен професор. И се жалат професорите деца не им одат на настава. И одам и им велам, аман те деца дајте, на што личи ова, еден два студенти од 3 души. Една станува и вели, професорке зашто да мрзнам на факултет, ако ми чита професорката, ќе си читам дома. Се разбира јас не пренесов вака, бидејќи има некои норми. Но тоа ми е зборот, ако не ги заинтересираш не можеш да очекуваш. И решија со 3 изостанока нема потпис. Ма ајде.
Натка: Уживавме, ти кажувам. Ќе ме сретнат, леле професорке се сеќавам и кога ни објаснувате rejuvenate.
Мира: Јас го научив кај вас, immaculate. Пофаливте една студентка дека била immaculate и дека impeccable и бил англискиот. Толку беше живо објаснето и во контекст.
Натка: Децата бараат. Ако седнеш да им читаш од скриптa, не бива.
Натка: Новината беше што секој понеделник имавме тема на разговор News of the Week и Breaking News, сите слушаа вести, во тоа време BBC немавме и сите ќе ми напишеа вести од светот. Да напишат, тие што не успевав да ги прашам, а другите ќе презентираа на Катедра. Така што си знаеја, различни вкусови, типови, и малку музика, политика.
Мира: Пеевме песни кај тебе
Натка: Е сега, едно време и дискутиравме различни теми, врзани со лекцијата и ја проширувавме. Е дојдовме до кантри музика, забавна, групи, и ми напишаа шо треба се, кој, омилена група. Е сега велам ајде шо ги знаете овие, јас некои знам, некои не знам. Колку македонски песни знаете и по ред одам, ти која ја знаеш? Им велев за домашна работа, 3 македонски народни песни да ги пеете, не инсистирам соло, ама ќе ги пееме групно и излезе оти најмногу ја пееја Јовано Јованке.
Мира: Се сеќавам, кај нас Билјана платно белеше и Јовано.
Натка: Да, си ја испеавме Јовано Јованке. Ама и децата беа многу ентузијасти. Многу. Ти која година студираше?
Мира: 96-та бев прва година. 2001 дипломирав.
Натка: Инаку имаш најразлични деца. Бар тоа од моето искуство. Ние сме учителки, сакале или не. А кога велиш учител тоа значи учиш некого. А го учиш освен она за што е детето дојдено, има толку многу други работи,. Ако не други, треба да му укажеш. Во една група имав едно девојче. Детето имаше проблеми, од каква природа не знам, но се делеше од другите деца и еден ден не дојде на школо и на групата им реков ,,Деца ве молам да бидеме внимателни со таа студентка.“ Ќе поминеме преку нешто, нема да забележиме, нема да приговараме. Оттогаш не слушнав ни една смеа на сметка на девојчето. Или девојчиња млади доаѓаат на школо со маичка и гол стомак. И велам јас те разбирам, не те карам, те учам. Ова не е диско, ова не е излет.
Мира: Сега нема шанси Натка, Не може да се укаже на ништо. Не смееш телефонот да го одземеш, да ги допреш. Се смета за несоодветно.
Натка: Само на неа. Така што без збор ми се захвали и веќе си почна нормално. Имаше еден Здравко, сега работи со Соња. Доаѓа на школо некои панталони со цветови, е тоа беше за виц. Здравко ти ич не си искоординиран со боите. Ама тоа беше за виц. И сега кога ќе се види со Соња, ќе и рече гледај Соња сега сум искоординиран со боите, кажи и на мајка ти. Убави спомени. Никогаш со ни еден студент не сум имала проблем. Особено сум горда и среќна што некои од некогашните мои студенти, сега со високи титули, ми станаа колешки и колеги, меѓу нив и ти, Мира Беќар.
Мира: Каква беше соработката со странските лектори? Какви сеќавања имате на тие семинари за професионален развој на крај на декември каде сте се собиралe лектори од цела Југославија? Дали беа фокусирани само на методика?
Натка: Имавме странски лектори. На почетокот имавме еден Leech, ама тоа беа полокални. James Leech. Leech ми дојде и на свадба со еден букет од 100 рози, така шо го запаметив, па играше и оро.
Мира: Беа ли тие колегијални ви помагаа, ви носеа материјали?
Натка: Многу. Имавме соработка беспрекорна, те храбреа, знаеш оти си на прав пат, оти тоа беа луѓе со специјална едукација за teaching English. Е кога дојдоа Греам и Пеги, нивното присуство беше непроценливо – иако веќе ги сметавме за нашинци. Чудесни луѓе, двајцата заминаа.
Мира: Сите лектори од Србија, од Словенија, од Хрватска, како се собиравте, како разменувавте искуства?
Натка: Прво странски лектори ќе одржат предавање и дискусијата се одвиваше врз основа на предавањето што го презентираа. Најразлични прашања од широчината на темата, од вокабуларот, на што треба да се внимава, која е улогата на граматиката во...но се разбира, најинтересниот дел е после што доаѓа...хорот и песната.
Мира: Тоа кај вас секогаш сум го сакала, тажна, нетажна, болна, изнервирана, ние тоа не смееме да го осетиме и тоа го чувам сега со моите студенти, не носам тага на час.
Натка: По погребот на мажот ми, отиде тој во јуни, испитна сесија, по четири дена јас отидов на работа. Не можев..зошто студент, што е должно тоа дете да му го расипувам испитот. Она што правел цела година. Излегуваш од одма и затвораш врата, затвораш приватни проблеми. Никогаш не дозволив и ни црнина носев. Замисли ти клекне учителка у црно, у траор. Не смее. А што те чека после, ти си знаеш и се справуваш. Испитите одеа добро. Никогаш немав приговори. Имам консултации редовни, деца доаѓаа редовно.
Освен јазичните некогаш имавме и приватни проблеми, па си ги делевме. И повторувам ние сме учители. Јас сум свесна дека предметот си е прeдмет, но имаш и задача некоја.
Мира: Како мисија некоја.
Натка: Да, како мисија и како мајка.
Мира: А патувањата во странство?
Натка: Не. Дури бев во Центарот за странски јазици, бев на еден семинар во Англија. Редот ми дојде и како шо одеше останав едно две недели. На предавање, на ексурзии, што беше многу убаво.
Мира: Каде бевте?
Натка: Во Southampton. Да. Па, пријатели од разни места. Се допишувавме. А ти кажувам ова момчево од Етиопија, македонски разговараме.
Мира: Други ангажмани освен наставата? Дали паралелно си работеше литературни, стручни преводи?
Натка: Да, имам работено на неколку литературни преводи. Првиот беше преводот на романот на Graham Green “The End of an Affair” - ,,Крајот на една љубов“ и ја добив наградата за превод од ,,Детска радост“. Еден ракопис од статиите на англискиот филозоф Грејлинг во издание на ,,ТРИ“ чекаат на одобрение од Министерството за култура. Во моментов работам на преводот на книгата на Патриша Марш-нашата Пет, сопруга на Горан Стефановски со наслов “Not in My Philosophy.” Интересна и необична книга, а уште поинтересно за нас е што во неа се споменуваат ликови кои сме ги познавале и со љубов сé уште се сеќаваме на нив.
Рековме и речникот. Бев дел од тимот која работеше на Англиско македонски. Мирка, Олга беше раководител на тимот. А за Зозе Мургоски морам да ти кажам, тоа е најдоброто нешто. Работам сложени преводи и философски. Нема збор што не можеш да го најдеш. Од голема употреба ми се распадна но, Соња ми куп нов оти фалеа страници.
Мира: Е ова ме интересира. Порано ја сакавме учителската професија. Сега пак ги подготвувавме студентите или за наставници или за преведувачи. Ретко кој сака да оди во настава. Деградирана професија, или професија што не ја посакуваат најдобрите студенти. Ние 10ките веќе не ги ни препорачуваме за професори, бидејќи знаеме дека ќе ни речат ,,Не благодарам.“ Само ни бараат препораки, но немаме кого да препорачаме. Како да го вратиме достоинството на учителствувањето?
Натка: Учителството е благородна професија. Велам учител независно од титула или положба. Но е и многу одговорна професија. Тоа е нешто што правиш еден млад човек да оди напред. Потребна е стручност, но ништо помалку не се важни љубовта и посветеноста на учителот, неговиот приод кон работата со млади луѓе. И другарувањето. Улогата на учителот не е да става двојки...
Благородна професија, и ако успееш, а мораш да успееш. Ми се случувало, обично беа девојчиња и 3-4 машки. Двајца добри студенти беа меѓутоа јас не работам за нив, оти они знаат се, јас работам за просек во класот. Едно време гледам јас ќе објаснувам, они двајцата разговараат. Отидов и им реков, ако го знаете ова што го зборувам сега, излезете, прошетајте и ќе си дојдете на другиот предмет, час што ви следува. Не излегоа, се извинија. И тоа е важно да знаат да се извинат. И оттогаш се разделија и слушаа. Ама мораш да најдеш начин, да им пријдеш, не со сила..
Се сложувам, ние постарата генерација на учители имавме среќа да работиме со млади луѓе поразлични од денешните, но исто така, чувствувам и знам дека постојат и мора да постојат начини како да се соочиме со предизвиците на современиот свет.
Мира: Треба, треба многу енергија, многу дисциплина. Ние не сме го сфаќале тоа како жртва. Сега младите викаат многу е ова исцрпувачки, а не се вреднува многу.
Ви благодарам многу професорке, Натка.
Foto Natka i Mira.jpg
Натка Гогова и Мира Беќар
Foto rechnik Zoze Murgoski so timot od lektori.jpg
Речникот на Мишеска-Томиќ со соработниците, меѓу кои и Натка Гогова
Foto kniga na Patricia Marsh preveduvana od Nada Gogova.jpg
Книгата од Патриша Марш што ја превела Натка Гогова

Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.