Skip to content
Gallery
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија
Share
Explore
Организации

icon picker
СЕТРЕК

Марија Моцан за развојот на СЕТРЕК и нејзиниот ангажман во него
SETREC (Skopje English Teachers’ Resource & Education Center) или СЕТРЕК (Центар за образование и материјали за наставници по англиски јазик во Скопје) е основан 1997 година, како центар со образовен и информативен карактер за наставниците по англиски јазик во Македонија, трет по ред од истиот карактер во Македонија. Првите два вакви центри се отворени во Битола (во 1995 година) и Струмица, a по СЕТРЕК отворен е уште еден во Охрид, а во план бил и да се отвори и еден во Тетово (најавен за јуни 2000). Овие центри иницијално произлегле од соработката на советниците по англиски јазик (Педагошки завод) со Информативниот центар на САД (USIS/USIA) и Институтот за Отворено Општество – Фондацијата Сорос, кои беа и главните финансиери на проектот и центрите.
СЕТРЕК беше отворен, а таму беше лоциран и до крајот на своето постоење (според моите сознанија) во сутеренот на Центарот за странски јазици во Скопје, како резултат на соработката со тогашната директорка за настава Софија Митрева и генералната директорка Олга Тројачанец. Официјално со работа започнал на 01.10.1997 година, под водство на Рут Пецолд (Ruth Petzold), USIA EFL Fellow, и вработените Слободанка Димова и Ангела Костова. Според почетните замисли, одлуките во СЕТРЕК требало да бидат донесувани од страна на совет од наставници по англиски јазик кои би имале едногодишен мандат. Подоцна, од 1999 година, раководењето го презеде Шери Фецер (Sherry Fetzer) - EFL Fellow, со вработените администратори Марија Моцан и Наташа Стојановска-Илиевска. Волонтери од Мировниот Корпус во Македонија исто беа инволвирани како соработници. Моите последни контакти со СЕТРЕК беа некаде на крајот на 2000 година, и, според моите сознанија, тогаш и престана да постои.
image.png
image.png
Визијата за овие ресурсни центри била да им овозможи на наставниците по англиски јазик да имаат свое катче каде што ќе ги подготвуваат часовите, ќе можат да ги унапредуваат своите јазични и методолошки вештини, ќе имаат пристап кон прирачници, аудио и видео материјали доколку сакаат да ги збогатат своите часови со нови активности и ќе можат да си ги споделуваат искуствата, предизвиците и професионалните спознанија кои произлегуваат од секојдневната работа во наставата преку состанци, семинари и работилници.
Библиотеката во СЕТРЕК се состоеше од литература од областа на методологијата и лингвистиката, речници и белетристика. Материјалите не се издаваа, но можеа да се користат и да се фотокопираат во просториите на СЕТРЕК за симболична цена; аудио касетите и ЦД-еата можеа да се преснимат во рамките на центарот, а видео касетите можеа да се издаваат за да се употребуваат на часовите. СЕТРЕК нудеше и услуги како фотокопирање, ламинирање и продавање на наставни материјали (стикери).
Моето запознавање со СЕТРЕК
Моето лично запознавање со СЕТРЕК од самото негово основање се должи првенствено на самата негова локација во сутеренот на Центарот за странски јазици во Скопје, каде што започна и мојата кариера како наставник по англиски јазик во 1997 година. Ја имав привилегијата да сведочам на самите почетоци на функционирањето на овој центар и заради тоа што бев и сум блиска пријателка на Слободанка Димова, која беше од првиот менаџерски тим на СЕТРЕК, со која студиравме заедно и со која заедно ги направивме првите чекори во професорскиот занает.
СЕТРЕК од самиот почеток нудеше, за тогашно време, завиден простор и завидна литература наменета за наставници по англиски јазик и со тие адути беше место какво што не постоеше друго во Скопје. Единствено тогашниот Британски Совет имаше библиотека со литература од областа на лингвистиката и методиката и белетристика кои беа на располагање, но можеби покорисни за студентите по англиски јазик кои ги ползуваа за подготовка за испитите. СЕТРЕК беше собиралиштето за наставниците кои имаа практична потреба за збогатување на наставата, како и желба за професионална надградба.
Во моите сеќавања за тие први години од неговото постоење, СЕТРЕК беше местото каде што ние, подмладокот на Центарот за странски јазици, како скоро дипломирани англисти во екот на своите најполетни години во кариерите, редовно поминувавме саати пред нашите часови во приватно и професионално дружење, возбудливи учителски разговори, споделување на интересни активности и творење на разно-разни наставни материјали за нашите часови. Таму, поддржани и водени од тогашната Директорка на настава на Центарот, Софија Митрева, ги одржавме и нашите први работилници на разни теми од методологијата на наставата по англиски јазик пред скромен број на присутни колеги/колешки.
Од позначајните работилници организирани од страна на СЕТРЕК, на која многу јасно се сеќавам, е работилицата за Божиќ (Christmas Workshop) која се одржа во најпространата канцеларија во Центарот за странски јазици. Посетеноста беше завидна за тоа време и тие услови, капацитетот на канцеларијата беше целосно исполнет, присуствуваа, по мое сеќавање и провизорна проценка, околу 30-тина професори. Работилницата ја водеше Рут Пецолд, во соработка со Мишел Готшал, волонтерка од Мировниот корпус во Македонија. На работилницата беа презентирани мноштво од прекрасни активности поврзани со Божиќ, наменети за различни нивоа и придружени со ненадминливите рачно цртани наставни материјали од Мишел, кои до ден денес највнимателно ги чувам и сé уште ги користам во наставата. Дел до работилницата беше и мала збирка на рецепти за традиционални божиќни пијалоци, јадења и десерти, а незаборавното финале беше презентација на книшката со избор на традиционални божиќни песни, како и касета на која што истите беа снимени. Во тие години, да се имаат целосни, оригинални текстови на песните и да се поседува носач на аудио записи беше вистинско богатство! Се радувавме како деца на тие материјали – песните ги пеевме заедно на работилницата и едвај дочекавме да им ги пуштиме и на децата на последните, најинтересните часови пред Божиќ и Нова година.
Мојот работен ангажман во СЕТРЕК
Во 1999 година, кога Слободанка Димова најави дека ќе го напушти СЕТРЕК заради постдипломски студии во САД, самата ни понуди, мене и на Наташа Стојановска-Илиевска, тогаш исто професорка по англиски од Центар за странски јазици, заедно да го преземеме раководењето на центарот, под закрила на новата претпоставена од УСИА, Шери Фецер. Ние бевме логична опција, прво заради тоа што бевме доста инволвирани и запознаени со работата на СЕТРЕК од самите негови почетоци, а второ работевме заедно во Центарот за странски јазици и бевме блиски другарки и колешки, со ист елан, сензибилитет и работна етика. Работното време на СЕТРЕК го ускладивме со нашите работни обврски и така јас бев таму во понеделниците и средите од 10:00 – 14:00, a Наташа во вторниците и четвртоците од 13:00 – 17:00 (во петоците се доаѓаше по потреба, со закажување).
Нашите редовни обврски во рамките на самиот центар беа услужување на наставниците кои доаѓаа по наставни материјали, фотокопирање и ламинирање, продавање на стикери, и организирање на работилници за професионална надградба. Секако, како најбитни настани во СЕТРЕК во времето кога ние работевме таму би ги издвоила: учеството на СЕТРЕК во основањето на ЕЛТАМ – Асоцијација на наставници по англиски јазик на Македонија (септември, 1999 год); активното учество на СЕТРЕК во организирањето на Првата меѓународна ЕЛТАМ – ИАТЕФЛ Конференција на наставници по англиски јазик во Македонија (мај, 2000 година); организирањето на нашата SETREC Christmas Performance (декември, 1999 год) и учеството на состанокот и работилицата со сите ресурсни центри за наставници во Македонија во Охрид (мај 2000).
Асоцијацијата на наставници по англиски јазик на Македонија - ЕЛТАМ беше официјално основана во септември 1999 година со поддршка од Институтот Отворено Општество во Македонија и Програмата EFL Fellow Program на Информатичкиот Центар на САД (USIS/USIA). Улогата на СЕТРЕК во основањето на ЕЛТАМ беше во обезбедување на локацијата каде што непречено се состануваа сите учесници во процесот и вршење на логистички активности околу централизирано контактирање и координирање на состаноците и учесниците.
СЕТРЕК имаше уште поголема и позначајна улога во организирањето на Првата меѓународна ЕЛТАМ – ИАТЕФЛ Конференција на наставници по англиски јазик во Македонија во мај 2000 година во Струга. Целата логистичка организација се одвиваше во СЕТРЕК – координирање на сите активности и состаноци на Организациониот одбор на конференцијата, испраќање на информации на наставниците и одговарања на прашања, прифаќање на пријавите на учениците и предавачите и опсежна кореспонденција со хотелот Макпетрол во Струга каде што се одржа конференцијата. За време на самата конференција наша обврска како посредници меѓу учесниците и гостите/хотелот беше сé да тече во најдобар ред. Јас и Наташа заедно бевме секретарите на ЕЛТАМ, иако само моето име, заради некоја конвенција, стои официјално на списокот на Организациониот одбор. СЕТРЕК е прв на списокот на инситутиции на кои ЕЛТАМ им изразува официјална благодарност за поддршката, заедно со Центар за странски јазици, Иститут Отворено Општество, Педагошки Завод на Македонија, Англиски Центар, и др.
image.png
image.png
image.png
image.png
image.png
image.png
Во мај 2000 година во хотелот Палас во Охрид се одржа состанок и работилница на сите ресурсни центри за наставници во Македонија – од Охрид, Струмица, Битола и Скопје, насловена како ,,Планирање на иднината’’ (“Planning for the future”). Поканети беа сите инволвирани во нивното менаџирање: вработените, администраторите и EFL fellows. Состокот беше организиран од страна на менџерите на ресурсниот центар во Охрид, тамошниот EFL fellow-Catherine Marzyck и Зора Бушовска, советник од Педагошки завод. СЕТРЕК го претставувавме јас, Наташа Стојановска-Илиевска и Шери Фецер. Целта на овој состанок беше официјално запознавање на сите центри и сите кои бевме дел од нивното функционирање, споделување на нашите главни активности и предизвици, евалуација на ефикасноста на дотогашното работење, но најважно - анализирање на можностите овие центри, дотогаш спонзирирани од USIS и Институтот Отворено Општество-Сорос, во иднина да фунцкионираат самостојно, односно, да лоцираат други спонзори од кои би можеле да добијат грантови и да генерираат сопствен приход (преку организирање на настани, наплаќање за членарина и услуги, продажба на наставни материјали). Иако замислата на сите овие алтернативни начини на самофинансирање беше оптимистична и теоретски изводлива, за жал СЕТРЕК не успеа да продолжи да функционира многу долго после овој состанок. Иднината на другите ресурсни центри не ми е позната.
image.png
image.png
Нашата SETREC Christmas Performance е можеби нашето најголемо и најдраго лично достигнување. Во духот на Божиќ, обмисливме една Божиќна приредба чија цел беше негувањето на празничниот дух, но и начин на собирање на средства од картите кои имаа симболична цена од 50 денари. Идејата беше СЕТРЕК и сам да генерира приход и да придонесе за сопственото функционирање. Ги поканивме сите наши блиски соработници, а и наставничките од сите училишта, со своите ученици да подготват и да се пријават со некаква изведба поврзана со празникот. Се пријавија 8 училишта со вкупно 16 различни точки - песни, драматизации, шеги, стихотворби, состави, кореографии. Целосната организација на настанот беше наша, сами ги изреализиравме сите фази од почетокот до финалниот производ, со мала волонерска помош од нашите најблиски пријателки и колешки. Самите обезбедивме и спонзори за обезбедување на озвучување во салата и за хартии во боја за печатење на програмите и картите – сé со цел од касата на СЕТРЕК да не се одлее ниту еден денар. Нашата Божиќна приредба се одржа во големата сала на основното училиште Димитар Миладинов во Скопје и беше огромен успех. Целта беше постигната – салата беше преполна, на големата сцена продефилираа стотина дечиња кои го претставија своето училиште, наставничките беа горди, касата на СЕТРЕК беше полна (според некои белешки, биле собрани 4400 денари - за тогашно време доста пристојна сума која сведочи за 88 продадени билети), а ние бевме полни со восхит, гордост и среќа.
image.png
image.png
Моите придобивки од СЕТРЕК
Гледано од сегашна перспектива, мојот официјален ангажман во СЕТРЕК воопшто не бил долг низ призма на времетраење (се работи за период од една година), но личните придобивки за мене ни од еден аспект не би ги класифицирала како мали или незначителни. Иако кратко, искуството од ко-водењето на еден центар, менаџирањето на некои административни и финанскиски аспекти ми овозможија да се стекнам со драгоцени придобивки на полето на развивање на вештините на раководење, координирање, преговарање и интерперсонална комуникација. Но уште побитно за мене, СЕТРЕК ми овозможи професионален, но и личен контакт и соработка со врвни наставници и обучувачи по англиски јазик од Македонија и светот, поддржувачи и соработници од разни профили, со ентузијасти и визионери кои го направија историскиот потег на основање на првата Асоцијација на наставници по англиски јазик во Македонија. Да се биде дел од оваа заедница од професионалци за мене беше, и е, вистинска привилегија.

Слободанка Димова за нејзините сеќавања за почетоците на СЕТРЕК
Во првите две години 1997-1999, ја следев трансформацијата на СЕТРЕК од празна подрумска просторија во Центарот за Странски Јазици до активно собиралиште за наставници по англиски јазик. На почетокот, заедно со Рут Пецолд, носевме кутии со книги; ги редевме на празните полици; ги категоризиравме по азбучен ред и тематска припадност; и ги листавме со интерес. И потоа, организиравме работилници, презентации и семинари за наставници и ученици.
Иако огромиот одзив на наставниците за учество во различните активности беше неочекуван, гледајќи наназад, јасно ми е дека одзивот се должеше на појавата на СЕТРЕК во време кога гореше желбата за новини, експерименти и напредок во наставата по англиски јазик, независно од видот и нивото на образовната институција. СЕТРЕК беше посебно привлечен за младите и амбициозни наставници коишто добија можност да ѝ се приклучат на активната мрежа за соработка и заеднички професионален пораст. Во изминатите години и денес, голем број од овие млади наставници станаа советници, образовни ментори, универзитетски професори во земјата и во странство, како и активни членови на раководството на ЕЛТАМ (English Language Teachers’ Association Macedonia). Всушност СТЕРЕК е колевка на ЕЛТАМ - првите состаноци и планови за основањето на асоцијацијата се одржаа токму таму.
image.png
Денес, со носталгија се навраќам на спомените од СЕТРЕК -- на дружбите, на дискусиите, на мотивацијата, на еланот -- и им посакувам на моите колеги, особено младите, да се пронајдат во една таква професионална заедница.

Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.