Skip to content
Gallery
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија
Share
Explore
Историја на наставата по англиски јазик во Р. Македонија

icon picker
Преглед од Екатерина Бабамова

ИСТОРИЈА НА НАСТАВАТА ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК ВО Р. МАКЕДОНИЈА
1. ВОВЕД: почетоците
Клучниот, ударниот збор во самиот наслов на овој труд е ИСТОРИЈА. Сепак, нема да одиме премногу далеку низ историјата на изучувањето на странските јазици во Македонија, меѓу кои во првите години по втората светска војна не спаѓал англискиот. Имено, кадровските, па и политичките услови, наложувале во наставните програми на основните и средните училишта да бидат застапени главно рускиот, францускиот и во многу мал процент германскиот јазик како училишни предмети.
Кадарот за основните училишта се образувал во т.н. Виша педагошка школа во траење од две студиски години. Група за образување наставници по англиски јазик при Вишата педагошка школа (подоцна Педагошка академија) се формира во педесеттите години од минатиот век. Бидејќи дотогаш во училиштата не се изучувал англискиот јазик, идните наставници почнувале да го учат јазикот буквално од почеток. Програмата била ориентирана од една страна кон совладување на основите на јазикот, а од друга кон изучување на педагогијата, методиката и дидактиката, како области кои ги подготвувале студентите за идната наставничка професија. Јасно е дека двегодишните студии не биле доволни за подлабоко навлегување во финесите на јазикот, уште помалку во комуникативните вештини; во основа била совладувана граматиката и елементарната лексика. Затоа, пак, идните наставници стекнувале високи компетенции во методолошка смисла, зашто поминувале многу време на практична настава (хоспитации) во училиштата, применувајќи ги методите кои тогаш се сметале за ефикасни. За методите во повеќе поединости ќе стане збор подоцна.
За гимназиите и средните стручни училишта кадрите се образувале на соодветните факултети при тогаш единствениот Универзитет „Кирил и Методиј“ (подоцна именуван како „Св. Кирил и Методиј“). На тогашниот Филозофски факултет (од кој подоцна се издвоил Филолошкиот) се формирале Катердри за образување наставници по странски јазици, а циклусот студии траел четири години. И во овој случај англискиот јазик ја почнал својата историја прво како Лекторат, а потоа како Семинар при Ректоратот на УКИМ, а дури во шеесеттите години се формира и соодветната Катедра.
2. НАСТАВЕН КАДАР ПРИ КАТЕДТАТА ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК И КНИЖЕВНОСТ: оформување и развој
Првите години од функционирањето на Семинарот за англиски јазик и книжевност биле исполнети со бројни предизвици поради недостаток на квалификуван наставен кадар. Првите професори, асистенти и лектори биле „позајмувани“ од други универзитети со значително подолга традиција. Во аналите на Универзитетот, името на проф. Мира Шуњиќ од Универзитетот во Загреб, Хрватска, се споменува како де факто основач на Катедрата, носејќи го товарот на наставата по неколку предмети според тогашната наставна програма. Британскиот совет и Фулбрајтовата програма биле од голема помош при обезбедување квалификувани лектори и визитинг професори, така што студентите имале можност да ги развиваат своите компетенции не само во фундаменталните академски дисциплини, туку да ги развијат и јазичните вештини, преку секојдневни контакти со изворни говорители. Да напоменеме, тоа се години кога материјалните и техничките можности не биле како денес, кога патувањата и ИТ-технологиите отвораат сосема поинакви можности за комуникација.
Една година по катастрофалниот земјотрес, во 1964 година, англискиот Семинар е веќе подготвен да се оформи како Катедра за англиски јазик и книжевност при Филозофскиот факултет во Скопје. За прв шеф на Катедрата е избрана проф. Мира Шуњиќ, која како што беше споменато погоре, го основала и првиот Семинар за англистика. Еден од првите британски лектори, Џејмс Лич, во коавторство со проф. Даринка Арсова, ги пишува првите учебници за изучување на англиски јазик во Македонија. Во декадата што следи, покрај странските професори и лектори, Катедрата се екипира со домашен кадар кој ги стекнал своите магистерски и докторски степени на универзитетите во Белград, Загреб, Велика Британија и САД.
Во 1991 година Република Македонија станува независна држава. Додека во првите децении од постоењето на Катедрата Британскиот совет и Фулбрајтовата комисија испраќаа свои кадри за изведување на наставата, во периодот што следи нашите академски кадри добиваат стипендии за оформување на нивните научни степени, за истражувања или постдокторски студии, или се вклучени во бројни проекти. Професионалната стручна и научна надградба на кадрите, како и нивно активно учество во меѓународни работилници, проекти и симпозиуми се одвива и со поддршка на Фондацијата отворено општество – Македонија, Европскиот центар за модерни јазици во Грац, Австрија, и други извори за поддршка на изучувањето на јазиците.
Иако бројот на наставници од странство е огромен (некои престојувале една, некои две академски години), две имиња се трајно интегрирани во историјата на англиските студии во Македонија. Тоа се Греам и Маргарет (Пеги) Рид, британските лектори на кои, врз основа на огромниот и долгогодишен придонес практично во сите области на наставата и преводот, им беше доделена титулата Почесен професор при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тие поминаа преку дваесет години од нивниот професионален век во Македонија, остварувајќи значајно влијание врз културната размена и соработка која до денес е ненадмината.
Подробни информации во врска со сите професори, асистенти и лектори при Катедрата за англиски јазик и книжевност, и воопшто за сите позначајни активности и достигнувања на Катедрата и нејзините членови, може да се најдат во монографиите што Филолошкиот факултет ги објавува по повод јубилејните годишнини. Најновата Монографија, која е достапна на интернет, е објавена во 2021 година, по повод 75 години од основањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
3. ИСТОРИСКИ ПРЕГЛЕД НА РАЗВОЈОТ НА МЕТОДИТЕ: теоријата и наставните практики
Во воведот споменавме дека првите кадри за настава во основните училишта своето образование го стекнувале на Вишата педагошка школа „Климент Охридски“ (подоцна Педагошка академија), во текот на четири семестри, т.е. две академски години. Тоа е период на педесеттите и раните шеесетти години. Во тоа време, врз основа на тогашните сознанија од областа на психолингвистиката и когнитивните теории на учење, биле развиени техники својствени за аудио-лингвалната метода (како посовремена во однос на граматичко-преводната). Идните наставници поминувале низ соодветна обука, а училиштата соодветно беа опремени со технички помагала за практична реализација на наставата: грамофони, магнетофони, респондери, јазични лаборатории и слично. Се разбира, во многу училишта опремата не одела подалеку од магнетофон, но и аудио-визуелните средства (фланелографи, флеш-карти, слики и сл.) само делумно биле дел од педагошко-дидактичкиот пакет. Наставниците со својата посветеност и креативност сами изработувале голем дел од материјалите, за да можат да ја реализираат наставата на современ начин.
Во 1971 година, Педагошкиот завод на Р. Македонија и самостојниот педагошки советник за настава по англиски јазик, Владимир Мостров, во соработка со тимот наставници од Педагошката академија (Пандора Димоска-Зојческа, Лилјана Илиевска и Соња Колишевска), иницираат почетно изучување на англискиот јазик од прво одделение со помош на директната метода. Тоа претставуваше голема иновација од повеќе аспекти. Пред сè, беа спроведени истражувања во врска со оптималната возраст за почеток на изучувањето на втор или странски јазик, со сите педагошки импликации. Беа организирани семинари и работилници за обука на наставниците инволвирани во ваквата (на тоа ниво експериментална) настава и за нивно запознавање со дотогашните резултати од истражувањата на светско ниво. Може да се каже дека оваа иновација беше вовед во подоцнежните промени во наставните планови, кога англискиот јазик почна да се изучува како прв странски јазик од прво одделение на територијата на целата држава, а од петто одделение се воведе изучување на втор странски јазик.
Иако директната метода даваше извонредни резултати (учениците многу брзо го учеа јазикот и можеа да комуницираат скоро без тешкотии), таа како да не беше целосно прифатена од сите наставници. Употребата на мајчиниот јазик (покрај англискиот) веројатно им беше полесен начин за објаснување на грешките кои се јавуваа во т.н. меѓујазик, а кои дел од нив не ги согледуваа како природна фаза од развојниот процес при усвојувањето на јазикот. Така, може да се каже дека во дел од училиштата наставните практики не секогаш кореспондираа со она што се сметаше за најсоодветен пристап со оглед на возраста на учениците и содржините предвидени со наставната програма.
Во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, со изменетата динамика на патувања и директни контакти со странци, како и со развојот на технологиите, се подигна свеста за значењето и запознавањето на културите на народите чиј јазик се изучува и на комуникативните модели карактеристични за одреден јазик/народ. Бројните проучувања на изворите за недоразбирањата кои произлегуваат не од непознавање на структурата и лексиката на јазикот, туку од непознавање на моделите на комуникација, доведоа до популаризација на комуникативниот пристап, со соодветни техники за негова примена во наставата. Со тоа се изменија и структурите и содржините на учебниците, во кои за сметка на бројните вежби карактеристични за трансформационата граматика и за дел од другите „застарени“ методи, се воведоа дијалози со замислени „реални“ животни ситуации, во кои ученикот требаше да препознае кој модел е прифатлив или неприфатлив за соговорникот. Една од препознатливите методи на комуникативниот пристап е т.н. „настава базирана на задачи“ (Task-based teaching).
Секое ново сознание од теоријата на учење, психолингвистиката, невролингвистиката и другите сродни дисциплини, доведе до сознание дека можеби еклектичкиот пристап, т.е. комбинирање на методите зависно од возраста и индивидуалниот стил на учење на ученикот, е најефективен и најсоодветен. Тоа подразбира комбинирање на техниките од сите дотогаш познати методологии и пристапи, вклучително и тивкиот метод (The Silent Way), природниот пристап (Natural Approach), целосниот физички одговор (Total Physical Response), граматичко-преводниот (Grammar-translation method), и останатите претходно споменати методи. Кога се во прашање повозрасните ученици (адолесценти - средношколци и студенти), се актуелизираа и методи како што се CLIL – Content and language integrated learning и CLL – Cooperative language learning.
Во врска со сè понагласениот фокус на ученикот, при што се потенцира потребата од себезапознавање и откривање на сопствените стилови на учење, самостојно следење и вреднување на напредокот, рефлексија за откривање на она што е совладано и како е совладано и на она што не е совладано и зошто не е совладано, новиот милениум ги донесе алатките Европско јазично портфолио на ученикот, а подоцна и Портфолио за наставникот.
Јазичното портфолио, особено во европски контекст, стана значајна алатка во 21 век, па ќе му посветиме малку повеќе простор. Неговата основна цел е да го оспособи ученикот за самостојност во сите домени на совладувањето на јазикот што го изучува. Попознато под акронимот ELP (European Language Portfolio), Европското јазично портфолио е документ во кој изучувачите на странскиот јазик (или повеќе јазици) можат да ги запишуваат и да ги анализираат своите јазични искуства. Тој се состои од три компоненти: јазичен пасош, јазична биографија и јазично досие. Јазичниот пасош претставува преглед на индивидуалните јазични компетенции во одреден момент, и од ученикот се очекува да го дополнува и обновува следејќи го сопствениот напредок во совладувањето на јазичните и интеркултурните сознанија. Јазичната биографија содржи поставување на цели и „чек-листи“ за следење и самооценување; замислата е ученикот активно да се инволвира во планирањето, рефлексијата врз сопствениот процес на учење и врз сопствениот прогрес. Досието го дизајнира самиот ученик; тоа претставува збир на примери од неговите/нејзините најквалитетни примероци од тестови, текстови или други изработки кои сведочат за учениковите достигнувања. За наставниците да го сфатат и правилно применуваат Европското јазично портфолио, беше објавена Заедничката европска референтна рамка за јазиците (Common European Framework of Reference for Languages – CEFR), одобрена од сите земји членки на Советот на Европа. Наредните години беа иницирани бројни проекти, пред сè во активностите на Европскиот центар за модерни јазици во Грац, со кои се промовира и се надградува употребата на Портфолиото. Во тие проекти перманентно се вклучени и наставници и експерти од Македонија, со задача, меѓу другото, да планираат активности за запознавање на наставниците во своите средини за сите иновации (т.н. дисеминација). Забелешка: целосната содржина на Европското јазично портфолио и на Европската референтна рамка може да се најдат на интернет.
Мораме да нагласиме дека Портфолиото како посебен документ (со трите составни делови) не наиде на широка примена во практиката; како најчести причини беа наведувани дополнителната ангажираност како на учениците, така и на самите наставници. Меѓутоа, важно е да се нагласи дека принципите на овој документ станаа водилка за авторите на учебниците, па и без користење на ЕЈП како одделен документ, во наставата имплицитно се вградија неговите основни постулати. Така, современата настава по странски јазик, преку задачите вградени ви самите учебници, ја развива аналитичноста, самостојноста во учењето, ја подига свеста за значењето на запознавањето на различностите (јазични и културолошки) и, во крајна линија, ја развива спремноста без предрасуди да се прифаќаат тие различности.
4. УЧЕБНИЦИТЕ ЗА ИЗУЧУВАЊЕ НА АНГЛИСКИОТ ЈАЗИК ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА – историска перспектива
Во државните основни и средни училишта во Македонија, веќе повеќе од две децении, за изучување на англискиот јазик се применуваат учебници од странски издавачки куќи, главно од Велика Британија. Учебниците се од технички и стручен аспект сами по себе квалитетни, со вградени елементи од барањата на претходно споменатото Портфолио и со соодветни интерактивни ИТ алатки. Сепак, бидејќи не се наменети за специфично јазично подрачје туку за глобална примена, не секогаш ги отсликуваат специфичните компаративно-контрастивни потреби на конкретното подрачје. Воедно, не се и не можат да бидат целосно компатибилни со наставните програми усвоени за подрачјето на Р.Македонија. Оттука произлегува дека наставниците постојано мораат да прават споредби меѓу учебникот и програмата и да прават соодветен избор, адаптирања и надополнувања.
Имајќи ја предвид историската димензија на овој текст, ќе направиме кус преглед на учебникарството од почетоците на изучувањето на англискиот јазик како училиштен предмет, до востановената практика на увоз на странски учебници. Се разбира, првите учебници од технички аспект не може да се споредуваат со денешните. Квалитетот на хартијата, колоритот, па и придружните дидактички пакети биле во склад со времето. Во случајов поважно е да се прикаже процесот на создавање на учебниците. Пред сè, авторските тимови, составени од експерти (методичари и советници за настава по англиски јазик) и од истакнати практичари, биле должни во целост да ја следат наставната програма. Учебникот, покрај содржините предвидени за редовна настава, содржел и текстови и вежби за дополнителна и додатна настава и за слободните активности (секции). Авторскиот тим, пред предавањето на учебникот на понатамошна постапка (рецензирање, лекторирање од изворен говорител, техничко уредување и печатење), го пилотирал учебникот во реална училница и вршел измени по потреба. Кон учебниците во почетните степени на учење се печателе и работни тетратки, а подоцна и флеш-карти, слики и аудио материјали снимени на касети.
Иако материјалните можности беа скромни, како резултат на сериозната процедура се добиваа квалитетни учебници, а учениците се стекнуваа со солидни знаења според тогашните стандарди.
Покрај развиеното учебникарство во државните училишта, квалитетни учебници почнаа да се пишуваат и во приватниот сектор, особено во Центарот за странски јазици, прилагодени за нивните курсеви и степени.
Поконкретни информации и фотографии во врска со учебниците може да се најдат во соодветниот раздел на овој труд.
5. ОРГАНИЗИРАЊЕ НА СОРАБОТКАТА НА НАСТАВНИЦИТЕ ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК
Во првите години од основањето на Катедрата за англиски јазик и книжевност не бил застапен предметот Методика на наставата по англиски јазик, освен кога инцидентно гостувале професори од други универзитети. Споредбено со кадрите што излегувале од Педагошката академија, овие наставници, по четиригодишните студии, располагале со повисоки јазични компетенции, но со речиси симболична методичка подготовка. Од друга страна, на наставниците со ПА им била потребна поддршка во надградување на јазичните компетенции. За да се надоместат овие празнини во додипломското образование, се укажала потребата од организирано поврзување и соработка на кадрите во училиштата. Таа соработка почнувала прво во рамките на училиштето, за подоцна да се разграни на повеќе нивоа.
5.1. Училишни стручни активи. Во рамките на училиштата наставниците по англиски јазик се поврзувале во т.н. Активи по странски јазици. Притоа тие заеднички ги изготвувале годишните, тематските и дневните оперативни планови, се консултирале во врска со предизвиците и оптималните решенија, си помагале во изготвување и размена на нагледните средства и сл.
5.2. Меѓуучилишна соработка. Од лично искуство можам да кажам дека наставниците од блиските или соседни училишта самостојно иницираа средби и соработка со иста цел како погоре опишаната: размена на искуства, идеи, материјали, вежби, меѓусебна посета на часовите (за што не сите наставници покажуваа спремност, можеби поради несигурност или страв од критизирање) и сл.
5.3. Формирање на Друштвата за странски јазици. Со поддршка на соодветните советници од Педагошкиот завод (денешно БРО), беше формирано Друштво за странски јазици, во рамките на кое како одделно друштво се конституира Друштвото на наставниците по англиски јазик на Р. Македонија, во кое членуваа веќе формираните Друштва на ниво на општините. Од своја страна, Друштвото на наставниците по англиски јазик на Р. Македонија стана членка на Сојузот на друштвата по англиски јазик на СФР Југославија. Како што може да се забележи, се воспостави висок степен на професионална соработка меѓу наставниците на ниво на целата тогашна држава.
Во рамките на таа соработка се организираа стручни средби и размени, работилници и семинари за методичка надградба и доусовршување, а една од редовните активности беше и организацијата на натпреварите по англиски јазик, т.н. Олимпијади по странски јазици, прво на училишно, потоа на меѓуопштинско, па на републичко, и на крај на сојузно ниво. Учениците беа стимулирани да учествуваат во тие натпревари (по сите странски јазици застапени во образовниот систем), зашто не само што го одмеруваа своето знаење, туку и се запознаваа со врсници од целата држава, се ширеше другарството и меѓусебното почитување.
Секако дека реализацијата на ваквите активности бараше големи ангажирања, како организациони, така и финансиски. Во таа смисла Друштвото за англиски јазик имаше финансиска поддршка од државните институции, како и од неколку странски фондации. Тука би ги споменале Британскиот совет, Американскиот културен центар, фондацијата Отворено општество, Европскиот центар за модерни јазици и др. Од своја страна, волонтерски помагаа и наставниците и лекторите од Филолошкиот факултет и наставниците по англиски од Центарот за странски јазици и од Работничкиот универзитет, кои ги правеа тестовите и членуваа во испитните комисии.
По распадот на СФР Југославија, дојде до трансформирање на Друштвото за англиски јазик на Р. Македонија во денешната ЕЛТАМ, која мошне успешно ја продолжува традицијата на соработка не само на локално, туку и на регионално и меѓународно ниво.
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.