Skip to content
Gallery
Classroom observations 2024/25
Share
Explore
Motivation

icon picker
Психолошки потреби

Хиерархија на основните човекови потреби

Според Маслов (Maslow, 1943), главниот двигател на човековото однесување е задоволувањето на основните психолошки потреби. Тој ги организира психолошките потреби во следната хиерархија:
- Физиологија (воздух, вода, храна, засолниште, сон, облека, репродукција)
- Безбедност (лична, професионална, финансиска, имотна безбедност)
- Љубов и припадност (семејни, пријателски, интимни, општествени релации)
- Вредност (корисност, успешност, почит од средината)
- Самоактуелизација (реализирање на највисоките потенцијали на личноста и самоспознавање)
Задоволувањето на секое ниво потреби зависи од успешно задоволените потреби на претходните нивоа. Самоактуелизацијата, во таа смисла, е можна само откако ќе бидат задоволени потребите на претходните четири нивоа.

Теорија на избор

Теоријата на избор (англ.: Choice Theory) на Гласер (Glasser, 2010) предвидува дека среќата зависи од степенот на задоволување на пет групи основни потреби:
- Опстанок (храна, вода, засолниште, репродукција, здравје и безбедност)
- Љубов и припадност (семејни, пријателски, интимни, општествени релации)
- Моќ (чувства на корисност/успешност, почит од средината)
- Слобода (автономија во однесувањето, како предуслов за креативност)
- Забава (учество во релаксирачки активности: игри, спорт, уметност, итн., особено такви што предизвикуваат смеа)
Според Гласер, необичното однесување (особено кај децата, кога се „немирни“) обично е предизвикано од некоја незадоволена потреба. На наставниците останува да го анализираат однесувањето во контекст и да претпостават која е причината, за да можат да помогнат во задоволувањето на конкретната потреба. На пример, ако ученикот се однесува непримерно бидејќи активноста му е здодевна, можеме ли да понудиме позабавна нишка? Ако пак ученикот се однесува несоодветно бидејќи се чувствува отсечен од групата, можеме ли да помогнеме да се интегрира во средината?
Импликациите од досега претставените теории за основни потреби за наставата се јасни: задоволувањето на основните потреби на учениците отвора прилики за искусување успех во работата, кој е предуслов за понатамошно мотивирано однесување во насока на личен и професионален раст. Теориите на Маслов и Гласер содржат точки на преклопување, но и разлики, па останува на наставниците да изберат која теорија е посоодветна за нивниот контекст. Некои наставници, на пример, го претпочитаат Гласер поради едноставноста на моделот и неговата лесна емпириска примена, во споредба, на пример, со самоактуелизацијата кај Маслов, која претставува помалку „опиплив“ конструкт.

Теорија на самодетерминација

Според Теоријата за самодетерминација (англ.: self-determination) на Рајан и Деси (Ryan and Deci, 2000), секое мотивирано однесување зависи од степенот на задоволување на три основни психолошки потреби:
1. Успешност
2. Самостојност
3. Поврзаност
Значи, за една личност да се однесува мотивирано, т.е. самодетерминирано, потребно е (1) да постојат прилики успешно да сработи одредена задача во даденото опкружување, (2) да има слобода да одлучи на кој начин делува во средината и (3) да се чувствува дека припаѓа во средината, во смисла на поврзаност со другите. Доколку еден од овие три услови не е задоволен, се доведува во прашање можноста за мотивирано делување во дадената средина. Во наставен контекст, поверојатно би било ученикот да биде мотивиран кога (1) задачите што ги работи се доволно интересни и релевантни, (2) кога му е дадена слобода да интервенира во тоа што се случува во наставата, на пр. кога е прашан што/кога/како/со кого итн. ќе се работи и (3) кога се чувствува пријатно во средината, како вреден и почитуван чинител во наставата.
Важно е да се нагласи дека Рајан и Деси не конципираат црно-бел мотивациски свет, во кој или некој е мотивиран или не е. Тие не ја заговараат ниту дихотомијата надворешна наспрема внатрешна мотивација, туку зборуваат за мотивациски континуум кој ги зема предвид и различните причини за мотивирано однесување. Така, тие ги предлагаат следните нивоа на мотивирано однесување, и тоа од отсуство на мотивација, преку неколку различни видови надворешна мотивација, до внатрешна мотивација:
- Амотивација, односно целосно отсуство на мотивираност во однесувањето
- Надворешна регулација, кога однесувањето е условено од надворешни фактори (на пр. награда или избегнување казна)
- Повнатрешнета регулација, кога однесувањето е мотивирано од „внатрешни“ награди и казни. Оваа регулација се однесува на зачувување на доброто мислење за самите себе преку почитување општествени норми кои ги одобруваме (на пр. избегнување ситуации што би нѐ засрамиле)
- Препознаена регулација, кога мотивираното однесување се случува поради свесноста за неговата полезност (на пр. спортување од здравствени побуди)
- Интегрирана регулација, кога однесувањето е мотивирано од задоволството што ни го причинува, иако во контекст на некоја надворешна рамка (на пр. завршување студии што нѐ исполнуваат)
- Внатрешна мотивација, кога однесувањето е мотивирано исклучиво од задоволство (на пр. вечера со пријатели)
Според оваа теорија, сосема е можно движење низ континуумот од амотивација до внатрешна мотивација според степенот на повнатрешнување на причините за мотивираното однесување.


Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.