Skip to content
Gallery
Classroom observations 2024/25
Share
Explore
Group dynamics

icon picker
Соработка и натпревар

Градењето односи на соработка бара многу напор и дисциплина. Во литературата се наведуваат следните основни компоненти на успешна соработка (Johnson и Johnson, 2003): (1) позитивна меѓусебна зависност, (2) лична одговорност, (3) заемно помагање, (4) општествени вештини и (5) групна ретроспекција на работата.
Позитивна меѓусебна зависност постои тогаш кога секој член е упатен на другите: никој не може да успее сам и секој мора да го координира сопствениот со напорот на останатите членови на групата. За ова да функционира, системот на наградување на уделот на членовите треба да биде структуриран на тој начин што работата на едни нема да ја банализира работата на други членови. На членовите треба да им е јасно дека придонесот на сите е незаменлив и доколку некои членови не работат, се намалува резултатот на целата група. На тој начин се обесхрабрува феноменот на „приколки“ (англ.: free riders), на кој подетално ќе се осврнеме подолу.
Личната одговорност вклучува обврска за исполнување на сопствените задачи, но и посредување меѓу другите членови на групата и минимално попречување на нивните заложби за успех. Истражувачите ја доведуваат личната одговорност во врска со големината на групата: колку помала е групата, толку поголема е личната одговорност на членовите за успешниот исход на задачата (Messick и Brewer, 1983).
Под заемно помагање се подразбира размената на ресурси и конструктивна критика, со цел членовите поуспешно да сработуваат слични задачи во иднина.
Што се однесува до општествените вештини, членовите на групата треба да ги усовршат следните вештини неопходни за работа во мали групи со цел подобро функционирање на групата: јасна, т.е. недвосмислена комуникација, стекнување меѓусебна доверба и конструктивно решавање конфликти (Johnson, 2000).
Целта на групната ретроспекција е да се издвојат активностите кои биле корисни и оние кои не биле некорисни во изработувањето на дадена задача, за да се одлучи со кои активности во иднина треба да се продолжи, а со кои не.
Според истражувањата резимирани кај Џонсон и Џонсон (Johnson и Johnson, 1989), соработката (наспрема натпреварот и индивидуалната работа) се карактеризира со:
· повисоки резултати на групата
· подолгорочно помнење на наученото
· поголема посветеност на членовите на групата
· поголема љубопитност за осознавање нови нешта
· позитивен однос кон задачите и зголемени нивоа на мотивација
· повисоки нивоа на когнитивна ангажираност и критичко мислење
· трансфер на знаењето од групата кон индивидуата
· повеќе време посветено на задачата
· попријателски односи меѓу членовите на групата, т.е. подобрена кохезија на групата
· креативно размислување: на пример, при работа во група често се раѓаат нови идеи.
Од досега напишаното, заклучуваме дека соработката поттикнува позитивни односи на заемна работа и помагање во остварувањето на целите на групата. Натпреварот, од друга страна, поттикнува негативни односи на меѓусебно попречување и мало вложување енергија во остварувањето на целите на групата. Според некои истражувачи на мотивацијата, тврдењето дека „здравиот“ натпревар го извлекува најдоброто од изучувачите има статус на неоснован мит (Ames; Covington, цитирани во Dörnyei, 2001а). Според нив, не може да стане збор за вистински посветено учење кога изучувачите се фокусирани на поразување на противникот или избегнување сопствен пораз. Индивидуалната работа не поттикнува интеракција и исто така може да подразбира помало вложување енергија во остварувањето на целите.
Џонсон и Џонсон (Johnson и Johnson, 2003) сметаат дека тежнеењето кон успех е личен, но и општествен процес, кој ги повикува поединците на соработка и заедничко создавање знаење. Натпреварувачките и индивидуалните структури за уредување на односите во групата, во таа смисла, ги намалуваат нивоата на продуктивност бидејќи ги изолираат членовите на групата еден од друг. Иако кај членовите на групата често може да се забележи комбинација на кооперативни, компетитивни и индивидуални цели, за оптимално функционирање на групата треба да доминираат кооперативните цели (Johnson и Johnson, 2003).
Сепак, во литературата се забележани контексти во кои натпреварувачките активности успешно се користат (Johnson и Johnson, 1989):
· натпревар меѓу групи (не меѓу поединци)
· натпреварувачи со слични компетенции, со цел да постои реална шанса за успех
· натпревари во кои не е важно кој победува, а кој губи.
Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.