Skip to content
Gallery
Classroom observations 2024/25
Share
Explore
Group dynamics

icon picker
Што е група?

Дефиниции на терминот група

Феноменот групирање е во суштината на човековата природа: најголемиот дел од луѓето претпочитаат да живеат, работат, учат, играат, па дури и да спијат во групи (Forsyth, 2006). Во литературата се среќаваат многу дефиниции на терминот група. Во продолжение ќе направиме избор на дефиниции на терминот, кои се надополнуваат бидејќи се однесуваат на различни аспекти од феноменот групирање. Под група, значи, во социолошката литература се подразбира збир од најмалку две лица:
· кои се меѓусебно зависни бидејќи се наоѓаат во сличен сплет на околности, т.е. ситуациите кои влијаат на еден член веројатно ги погодуваат и останатите (Fiedler, 1967)
· кои меѓусебно си влијаат, т.е. секој член влијае врз другите и допушта влијанија од другите (Shaw, 1976)
· кои соработуваат меѓу себе (Bonner, 1959)
· чии односи се структурирани со помош на улоги и норми (McDavid и Harari, 1968)
· кои имаат заедничка цел и сметаат дека имаат полза од заедничкото делување (Mills, 1967)
· кои задоволуваат лични потреби и/или стекнуваат лична сатисфакција преку членството во групата (Bass, 1960)
· кои делат чувство на припадност и посветеност кон групата (Smith, 1945)
· кои се спремни да понесат одговорност за активностите на групата (Ehrman и Dörnyei, 1998)
· кои постојат како целина разумно долг период – не, на пример, неколку минути (Ehrman и Dörnyei, 1998)
· кои ја чувствуваат групата како психолошка реалност, а иста перцепција делат и поединците кои не припаѓаат во групата (Brown, 2000).
Во овој труд, под терминот образовна група, мислам на група која има потенцијал да ги содржи карактеристиките од овој список. Важно е да подвлечеме дека на образовната група во литературата обично се гледа како на една целина, иако некои наставници може да ја перципираат како збир на неколку поголеми групи и повеќе променливи подгрупи, секоја од нив со своја посебна динамика. Сепак, ова не е примарното значење на терминот група. Кога се зборува за група во социопсихолошка смисла, обично се мисли на групата во целост, не на одделните помали групи од кои таа е составена (Ehrman и Dörnyei, 1998). Токму вакво значење терминот група ќе има и во овој труд и покрај тоа што, за разлика од други групи, во образовните контексти барем еден член, т.е. наставникот, постојано се менува (Dörnyei и Murphey, 2003).
Во литературата се прави разлика помеѓу група и случаен збир на лица кои се нашле заедно на исто место и во исто време (на пример, на концерт, во кино-сала, во трговски центар, итн.). Припадниците на случаен збир луѓе не делат доволно сличности: немаат ист сплет на околности, не си влијаат меѓусебно, немаат структурирани односи на соработка, немаат заедничка цел, не задоволуваат исти лични потреби, ниту пак чувствуваат дека припаѓаат во групата (Johnson и Johnson, 2003).
Во литературата се прави разлика и меѓу видлива и невидлива група (Smith и Berg, цитирано во Ehrman и Dörnyei, 1998). Првата ја чинат членовите и меѓусебните односи кои излегуваат на површина преку видливите активности на членовите. Втората група претставува невидлива мрежа на односи кои функционираат на ниво на групата како целина преку несвесни процеси и комуникации. Како пример за оваа дихотомија, Смит и Берг го анализирале феноменот жртвено јагне во групата. На ниво на видливата група, натрапникот со своето девијантно однесување ги вознемирува членовите. На ниво на невидливата група, пак, членовите на групата гледаат утеха во присуството на натрапникот: натрапникот е проблемот, а членовите се сосема во ред. Друго толкување за невидливите аспекти на феноменот жртвено јагне е следното (Ehrman и Dörnyei, 1998): групата често поттикнува или му дозволува на одреден член да ги претставува импулсите што повеќето други членови на групата ги потиснуваат. На пример, ученик кој постојано го привлекува вниманието на целата група ја претставува желбата на другите да бидат во центарот на вниманието. Но, бидејќи гласниот поединец стои на патот на задоволувањето на потребите на останатите членови, тој станува омразена фигура во групата. И членовите и наставникот посакуваат тој поеднинец да не ја поларизира атмосферата во училницата, заради што поединецот е изложен на општествен притисок, потсмев, па и исклучување од групата. Интересно е тоа што по протерувањето на жртвеното јагне, групата веднаш наоѓа друга „жртва“ погодна за улогата, која ќе го претставува истиот или друг непосакуван (и заради тоа потиснуван) импулс на групата.

1.1.2. Групата: збир на квалитети или нов квалитет?

Мислењата во врска со важноста да се проучува животот на групата биле поделени во крајот на 19. и почетокот на 20. век, кога групата за прв пат станува предмет на научен интерес. На пример, Алпорт (Allport, 1924) сметал дека групите не заслужуваат научно внимание, бидејќи не се живи ентитети: не мислат, не чувствуваат, не делуваат, како што тоа го прават луѓето. Според него, групите вистински и не постојат; тие се само форум за сличните убедувања и навики кои во исто време постојат во главите на неколку луѓе.
Левин (Lewin, 1935), од друга страна, сметал дека групата не е прост збир на индивидуите кои ја сочинуваат, туку дека од комбинацијата на членови во групата произлегува нов ентитет. Затоа, промените во еден аспект од животот на групата доведуваат до промени во друг аспект на нејзиното постоење. Аш (Asch, 1952) направил паралела со нашето поимање на водата: знаењето за водородот и кислородот не е доволно за да го разбереме нивното соединение, водата. И групата, како водата, значи, мора да се разгледува како посебен ентитет.
За групата се смета и дека претставува засилена верзија на убедувањата и/или однесувањата на нејзините поединечни членови (Abelson at al., 1998). Оттаму, одредени групи имаат потенцијал за неверојатно смели подвизи, невозможни за поединечен член, но и за страшни одлуки, незамисливи за поединечен член (Forsyth, 2006). И Ерман и Дорние (Ehrman и Dörnyei, 1998) за групата пишуваат како за жив општествен систем, кој е многу повеќе од збир на членовите на групата. Според нив, групата може да постигне стабилност и препознатлива култура, дури и во услови кога поединечни членови се приклучуваат или ја напуштаат групата. Групата претставува исклучително силен извор на мотивација за членовите, меѓу другото затоа што меѓусебната поддршка на членовите го зголемува нивниот ентузијазам за работа (Zander кај Forsyth, 2006).
Ако групите се како индивидуи и имаат потреби кои треба да се задоволат за тие да можат оптимално да функционираат, тогаш од наставниците би се очекувало да инвестираат време и енергија во култивирање на групните процеси. На пример, наставниците за почеток можат да поттикнат меѓусебно запознавање на членовите на групата, развивање доверба и чувство на припадност. Групата ќе биде во состојба оптимално да одговори на академските задачи откако ќе се развијат позитивни чувства меѓу членовите. Тоа значи дека квалитетот на сработувањето на задачите во голема мера е условен од емоционалните процеси што се одвиваат во групата (Jones и Jones, цитирано во Ehrman и Dörnyei, 1998).

Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.