Skip to content
Настани

icon picker
Втора работилница за академско пишување

Менторирање студенти кои пишуваат дипломски и семинарски трудови

Најава за настанот

На работилницата ќе се задржиме поконкретно на темата на дипломските трудови, на нејзината релевантност и на истражувачките прашања.
Време: 27.4.2022 г. во 12:30 ч.
Место: Зум

Белешки од настанот

На работилницата присуствуваа петмина наставници. На почетокот, проф. д-р Мира Беќар повторно се осврна на темите кои ќе бидат опфатени во текот на работилниците, потсетувајќи на темата на претходната работилница – структура на дипломските трудови и поврзувајќи ја со темата на оваа работилница – релевантноста на темата на дипломските трудови, односно истражувачките прашања. Дискусијата се разви околу задачите кои беа дадени во врска со оваа работилница, а се однесуваа на увидот во неколку примери од дипломски трудови од соодветните области (јазик, книжевност, превод), коишто наставниците што присуствуваа на почетната дискусија (пред работилниците) и на првата работилница требаше да ги разгледаат и промислат.
Од областа лингвистика беше посочен пример за апстракт и резиме, кој мотивираше согледувања за нужните елементи кои тие делови на трудот треба да ги содржат. Во однос на структурата на апстрактот, беше заклучено дека тој треба да биде кус (од 5 до 10 независни реченици), во него јасно и недвосмислено да се укаже на темата, како и на целта на истражувањето. Во него треба да се упати и на типот на анализата, на методологијата (пристапот кон проблемот, какви типови на текстови се во прашање и сл.), како и на заклучоците до кои се дошло по спроведеното истражување. Терминологијата која се употребува треба да е јасна и да се посочи ако е преземена од други автори, па во тој контекст е пожелно да се избегнуваат кратенки. Апстрактот треба да содржи и одредена валоризација на истражувањето/резултатите, како и оригиналност и релевантност. Резимето, пак, покрај посочување на темата и нејзиното истражување со упатување на дискусијата, би требало да даде детален опис на постапките кои се применуваат при истражувањето, релевантноста на темата, методологијата и користената литература. Тоа треба повеќе да ги потцрта очекувањата од трудот (импликациите, препораките), а не толку заклучоците кои се веќе видливи во апстрактот.
Од областа преведување беше посочен пример за анализа на сопствен превод. Беше забележано дека многу често во овој вид на трудови не се разграничени јасно теоријата и методологијата (со вообичаено посочување на една попристапна класификација на преведувачките постапки). Токму тоа создава потешкотија да се најде соодветен пример за соодветна постапка, што пак ги мотивира студентите да се осврнуваат на тој дел на сличен начин. Беше посочена потребата од повнимателно упатување на изворите кои се користат (со нивно посочување и во фуснота, а не само во текстот), како и соодветното развивање на делот кој се однесува на дискусијата на резултатите и сознанијата до кои се дошло.
Од областа книжевност беше посочен дел од дипломски труд кој се однесуваше на истражување на определен феномен во конкретно дело. Иако темата беше поставена книжевнотеориски, таа нужно подразбираше упатување на историскиот, односно културниот контекст, што беше направено во делот на дискусијата и делуваше необично во однос на вообичаениот пристап. Беше потенцирана присутноста на второстепените цитати, кои треба да содржат прецизни информации за изворите кои се консултирани, како и потребата наместо пренесување на импресии, во дискусијата да се содржат повеќе импликации и валидни согледувања, до кои се дошло врз основа на истражувањето. Беше укажано дека заклучокот би требало да се развива преку фокусирање на вниманието на одделните резултати (без премногу дигресии), како и да се скусат цитатите.
Во однос на темата на трудовите, беше посочено дека таа треба да ги содржи описот и можноста за решавање на научниот проблем. Нужно е таа да се промисли наспроти целта и тезата и пожелно е студентите да размислуваат за неа уште додека студираат, бидејќи процесот на изработка на трудот е многу побрз и посоодветен кога студентот е навистина заинтересиран за темата. Менторот е тука да ја потврди релевантноста на темата, да ја преформулира по потреба и да го стесни/прошири истражувачкиот опсег. Генерално, темата треба да се развие во рамките на актуелноста на даденото истражувачко прашање/проблем.
Околу релевантност на темата, беше посочена потребата да се размисли зошто е важно она што се истражува и начинот како менторот го претвора интересот на студентот во релевантност. Иако темата не мора да биде нова, клучно е пристапот да биде иновативен и да може да се спроведе. За релевантните теми може да се најде доста квалитетна литература, па задачата на студентот е преку истражувањето да се обиде да пополни одредена истражувачка празнина, или да упати на можноста за практична примена на сознанијата, или пак да поттикне идни истражувања во таа област.
За следната работлница, беше препорачано колегите од соодветните области да предложат структури на трудот, како и да размислат околу релевантните извори.

Want to print your doc?
This is not the way.
Try clicking the ⋯ next to your doc name or using a keyboard shortcut (
CtrlP
) instead.