· На настанот учествуваа триесетина колеги и колешки
· Настанот го модерираше д-р Владимир Мартиновски, кој ја постави рамката на дискусија околу три основни теми: унапредување на наставата по книжевност во однос на начинот како да се поттикнат студентите да читаат повеќе; онлајн-наставата и нејзиното влијание врз наставниот процес по книжевност; и промислување на можноста за менување на доминантниот хронолошки пристап во предавањето на книжевноста. Поради големиот интерес за првата тема, панелот се водеше околу оваа тема, и на крајот беше укажано на тоа дека за другите две теми понатаму може да се договори некоја евентуална наредна дискусија
· Беа дадени сугестии на студентите на почетокот од семестарот да им се дадат пократки текстови; однапред да им се даваат прашања за кои би размислувале; да не се обработуваат преголем број дела во текот на еден семестар; доколку станува збор за пообемно дело да се обработува неколку (две, три) недели попродлабочено.
· Се споделија и искуства во однос на малата мотивација за читање меѓу дел од студентите, слаби познавања на културни и општествени настани, како и заинтересираноста за прашања што би ги имало на тестот наспроти заинтересираност за продлабочување на знаењата.
· Понатаму произлегоа и други предлози за поттикнување на мотивацијата за читање преку: споделување на современи текстови за некој актуелен културен феномен; фокус на извадоци што може да се неочекувани; давање задачи за работа во група; јасно да се каже што се бара од студентите; поврзување на книжевниот материјал со актуелни филмови, серии и сл; употреба на визуелни елементи; спој на елитна и популарна култура; сугестија за поврзување на читањето со пишување куси есеи за секој час, при што се наведе дека тоа е поостварливо со помали групи студенти.
· Во дискусијата зеде учество и студентка, која истакна дека за студентите претставува тешкотија тоа што постои голем јаз меѓу она што се очекува како книжевна обработка на факултет во споредба со средното училиште.
· Се споделија и мислења во поглед на тоа дали треба да се сменат наставните програми во правец на воведување општ предмет за сите студенти во прва година што би се фокусирал на вовед во некои основни книжевни постапки и методи на книжевна анализа, како и предмет што би дал општ преглед на книжевните правци.
· Од дискусијата произлезе и конкретен предлог да се направи еден вид анкета или истражување меѓу студентите за тоа што очекуваат од часовите по книжевност и што ги поттикнува да читаат.